Извадок од дневните настани 18.10.2017

На 17.10.2017 година во 07:30 часот на регионалниот пат Валандово – Струмица,  на влезот во с.Раброво, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Фиат Пунто“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Л.М. (35) од Струмица и автобус „Мерцедес Спринтер“ со гевгелиски регистарски ознаки, управуван од Т.Б.(59) од с.Пирава, валандовско. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Л.М., кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Медицински центар Струмица и бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станицаВаландово.

На 17.10.2017 година во 13:30 часот во полициска станица  П.Н. (26) од едно село во скопско, пријавила дека околу пладне на 16.10.2017 година, додека била сама во куќата, одзади и пришол нејзиниот брат Р.Н. (27), со рака и ја затворил устата, ја соблекол и ја силувал. После тоа и се заканил дека ќе ја убие ако каже на некого. Во вечерните часови настанало расправија помеѓу пријавителката, брат и и нивната мајка. По расправијата брат и физички ја нападнал, а потоа земал нож и и нанел расекотина на прстите од раката. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

На 16.10.2017 година околу 16:20 часот, на крстосницата од ул. „Коце Металец“ со ул. „Ферид Бајрам“ во Скопје, четири непознати лица кои биле со патничко возило „Цитроен“, физички го нападнале Г.В. (46) од Скопје. Тие го удирале со тупаници и клоци по телото, а едно од нив се обидело да го нападне со нож, но не успеало. После тоа, лицата побегнале во непознат правец. Г.В. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар каде му била констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување. Причина за  физичкиот напад најверојатно била тоа што Г.В. се обидел да им укаже на возилата кои минувале на крстосницата да возат повнимателно, бидејќи  претходно се случила сообраќајна незгода во која учествувал неговиот син. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 17.10.2017 година во 23.45 часот  Б.М.(45) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 21.30 часот на автобуска постојка на бул. „Партизански Одреди“ од страна на неколку лица физички биле нападнати неговиот 17 годишен син и неговиот другар на возраст од 16 години, по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 18.10.2017 година во 00.15 часот Р.Т.( 59) пријавил дека на 17.10.2017година околу 23.45 часот на ул. “10“ во с.Иннџиково неговиот 16 годишен син бил физички нападнат од страна на четири непознати лица, по што со возило го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 17.10.2017 година во 12.00 часот во викендица во атар на с.Братин Дол, битолско, во бунар бил пронајден починат К.Л. (60) од Битола. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, а увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Битола.  По наредба на Јавен обвинител над телото на починатиот ќе се врши обдукција.

На 17.10.2017 година во 14:50 часот во апартман на бул. „Климент Охридски“ во Скопје било пронајдено безживотното тело на Р.Р. (75) од Скопје. На телото на починатиот не биле забележани видливи повреди. Во консултација со Јавен обвинител, телото ќе биде дадено на обдукција.
 
На 17.10.2017 година во 13:45 часот во Ургентен центар во Скопје бил донесен повреден Н.И. (59) од с.Кондово, скопско, При изведување на градежни гработи на ул. „Козле“ тој паднал од скеле. Како последица на повредите, подоцна починал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 17.10.2017 година во 21:40 часот во СВР Скопје, од страна на лицето К.Д. (43) било пријавено дека околу 20:00 часот пред штаб на политичка партија лоциран на ул. „Индира Ганди“ лицето А.С. (33) од Скопје на висок тон упатил погрдни зборови кон него и кон лицето Г.Д. (42). Веднаш по пријавувањето на настанот на местото излегле полициски службеници и притоа било утврдено дека нема елементи на кривично дело, туку дека се работи за нарушување на јавниот ред и мир. Во врска со настанот, од страна на полициски службеници од Полициската станица Чаир бил земен записник за примање пријава за нарушен јавен ред и мир со карање, викање, дрско и непристојно однесување по член 4 од Законот против прекршоците на јавниот ред и мир.

На 17.10.2017 година во 11:20 часот во Единица за информации и команда Скопје, Н.Н. пријавил дека на 16.10.2017 година околу 21:30 часот кај бензинска пумпа во с.Катланово-Скопје, додека управувал товарно возило „Мерцедес Вито“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на приватна фирма од Велес, истото почнало да гори. Н.Н. го паркирал и излегол, а за кратко време целото возило го зафатило пламен. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.

На 16.10.2017 година во 23.45 часот, по Наредба на Јавен обвинител, во просториите на Полициската станица Гевгелија бил задржан Б.И. (33) од Косово поради постоење основано сомнение дека е сторител на кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик на Република Македонија. Тој бил лишен од слобода во 21.00 часот на Граничен премин „Богородица“ од страна на полициски службеници од Полициска станица за Граничен премин „Богородица“.  На 17.10.2017 тој бил спроведен до Основен Суд Гевгелија за понатамошна постапка.

На 17.10.2017 година во 20:10 часот во Полициската станица „Гази Баба“, поради основано сомнение за фалсификување на штембили во српска патна исправа и лична карта, бил приведен  Х.А. (43) од Република Србија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 16.10.2017 година на Граничен премин „Блато“ од слобода бил лишен А.Е. (30) од Република Албанија по основ на меѓународна потерница од ИНТЕРПОЛ  Париз со цел негова екстрадиција во Франција. Лицето било предадено на Јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и Основен суд Скопје за понатамошна постапка.  

СВР Скопје поднесе  кривична пријава  против Ј.З. (46), М.З. (19) и А.З. (32), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „противправно лишување од слобода во обид“ по член 140 в.в. член 19 од Кривичниот законик на Република Македонија. На  24.07.2017 година околу 13.00 часот на ул. „Аминта Трети“, по претходна вербална расправија, пријавените физички го нападнале оштетеното лицето, а се обиделе и да го стават во багажник од возило „Мерцедес“. Оштетениот   успеал да се отргне  и да им избега.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Л.У. (26) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,насилство“. На 16.10.2017 година на плоштадот во Охрид пријавениот физички го нападнал А.Д. (26) со што предизвикал чувство на несигурност и страв. Пријавениот е лишен од слобода и му е одреден домашен притвор од 8 дена.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип  поднесе кривична пријава против  С.С. (25) од Пробиштип поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“. Пријавениот во текот на летото 2017 година преку Фејсбук се запознал со единаесетгодишно девојче од Пробиштип. После неколку  разговори на Фејсбук  и телефонски разговори, започнал да остварува средби. На една од средбите  и ја подигнал горната маица и ја фотографирал  со својот телефон. Кога девојчето сакало да ја прекине врската и се заканувал дека ке ја објави фотографијата на Фејсбук. Вечерта помеѓу 14. и 15.10.2017 година излегле заедно, по што  после 02.30 часот ја одвел кај него во станот и извршил обљуба над неа, а утрото  и дозволил да си оди.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.П. (33), Т.П. (31) и  А.Б. (31), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за  сторено кривично дело  „противправно лишување од слобода“. Пријавените на12.05.2017 година околу 13.00 часот на ул. „Борис Трајковски“,  Т.П.  насилно ја внел оштетената во возило во кое биле Б.П. и А.Б.  Додека мајката на оштетената се обидувала да ги убеди пријавените да ја ослободат, А.Б. и напоменал дека е инспектор од МВР и дека нејзината ќерка мора да оди со нив. Потоа, пријавените во хотел во близина на Водно ја држеле оштетената до полноќ, а потоа Б.П. со мотоцикл ја однел  во близина на нејзиниот дом.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против лицата И.А. (16) од с.Морани, Р.В. (17) од с.Морани и  М.С. (21) од с.Сарај поради постоење основи ан сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 10.05.2017 година во 22.30 часот на ул.„Филип Втори Македонски“, додека оштетниот, вработен во МВР, заедно со неговиот син  возел кон Полициската станица Центар, ги забележал пријавените кои претходно му извршиле кривично дело. Тогаш тој излегол од возилото, ги повикал да застанат, се легитимирал, по што пријавените физички го нападнале оштетениот.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против З.А. (26) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 14.09.2017 година околу 02.45 часот на кванташки пазар во Струмица, пријавениот со дрво го удрил М.Б.,  при што му нанел тешка телесна повреда.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава   против  О.Д. (40)  од  Кочани поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот, во својство на раководител на подружница на Шумско стопанство „Осогово“ Кочани, на 30.03.2017 година издал усни наредби на вработени да изготват испратници за вракање на 59.5 кубни метри дабово огревно дрво од складот на подружницата на лицата од кои претходно привремено биле одземени, а за кои се водела постапка пред Основен суд  Кочани. Со  наведените дејствија, пријавениот им овозможил на  три лица да се стекнат со имотна корист д 87.350  денари и  за тој износ го оштетил Буџетот на Република Македонија.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Е.Ќ.(46) од с. Велешта, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измамување на купувачи”, продолжено кривично дело ,,фалсификување или уништување на деловни книги” и против С.П. (53) од Вевчани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во текот на оваа година, пријавениот Е.Ќ. во својство на директор на правен субјект нелегално набавил 32 метри просторни дрвна маса и со употреба на погодно средство им ги отстранил ознаките. Тој, од С.П., референт во ЈП „Македонски шуми-Јабланица“, побарал да им постави службени ознаки – жиг, со цел дрвната маса заедно со друга што ја поседувал (вкупно 45 метри просторни), лажно да ги прикаже дека потекнуваат од државна шума. Потоа, Е.Ќ.  изготвил деловна испратница во која внел лажни податоци и таа исправа со невистинита содржина ја заверил со службен печат и потпис, а потоа ја пуштил во правен сообраќај. На истиот начин, пријавениот Е.Ќ. со помош на С.П. изготвил уште три деловни испратници за вкупно 128 метри просторни огревно дрво, во кои внел лажни податоци. Со таквите дејствија на Е.Ќ. му било овозможено да се стекне со противправна имотна корист  во износ од 307.200  денари.