Извадок од дневните настани 19.10.2017

На 18.10.2017 година во 12,30 часот на регионалниот пат Градско-Прилеп се случила сообраќајна незгода помеѓу возило „Пежо 307“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.К.(30) од Скопје и возило „Опел Аскона“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од П.Н.(31) од Прилеп. Во незгодата од здобиените повреди на лице место починал П.Н., а смрт е констатирана од доктор од итна медицинска помош. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од Полициска станица Прилеп. По наредба на јавен обвинител над телото на починатиот ќе се врши обдукција.
На 18.10.2017 година во 14,30 часот во с.Мешеишта -Охрид, на локалниот пат во центарот на селото, возило „Лада 110“ со охридски регистарски ознаки, управувано од В.К.(53) од с.Мешеишта, удрило во ограда од објектот на селското бифе. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот кој бил пренесен во болницата Св.Еразмо од каде е препратен во Клинички центар Скопје на клиниката за  Трауматологија. Увид извршила екипа од Полициска станица -Охрид.
На 18.10.2017 година во 10.08 часот во с.Волково – Скопје, се случила сообраќајна незгода во која Б.Л.(43) од Волково управувајќи моторцикл марка „Кимко“, паднал на коловозот, а потоа удрил во непознато возило, при што се здобил со тешки телесни повреди (скршеница на десна рака). На истиот му е укажана лекарска помош во Градската општа болница „8-ми Септември“. Увид е извршен од екипа на СВР Скопје.
На 18.10.2017 година во 12,30 часот во Полициска станица Гази Баба М.Р.(43) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 10,00 часот од страна засега непознато женско лице била измамена и притоа била оштетена за околу 60.000 денари. Имено сторителката дошла кај неа дома и продавала долна облека, но оштетената ја одбила, по што истата побарала кафе и М.Р. и дозволила да влезе во нејзиниот дом. Откако влегла сторителката почнала да и кажува некои работи за семејството на М.Р. и и кажала дека знае да гата и барајќи и злато. Откако оштетената и го донела златото (девет златни прстени, бурма, нараквица и две обетки), сторителката и кажала дека за да ги отстрани лошите работи мора да оди во црква и дека ќе се врати за еден час, по што таа ги оставила обетките и нејзината стока, а златото го земала, заминала и не се вратила. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На ден 18.10.2017 година во 09,15 часот  во Струга на ул. “Маршал Тито“ пред аптеката, Б.Н.(52) со закана со нож од И.И.(48) од с.Заграчани-Струга, се обидел да одземе седативи, по што И.И. се повлекол во аптеката и повикал полиција. На лице место пристигнале полициски службеници од Полициска станица Струга и при преземање на службени мерки, Б.Н. давал активен отпор, држејќи го ножот во рака насочен кон нив и упатувајќи им сериозни закани. Истиот е совладан и приведен во полициска станица. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 18.10.2017 година околу 18.30 часот од засега неутврдени причини избувнал пожар во викендичка лоцирана во викенд населба во с.Једуарце-Теарце, сопственост на Ш.М.(56) од с. Џепчиште, при што истата е целосно изгорена. Пожарот е  изгаснат  од  страна на Територијалната противпожарна единица Тетово. Причинета е  материјална штета од околу 200.000 денари. Се преземаат мерки за утврдување на  причините  за  пожарот.
На 18.10.2017 година околу 14.40 часот, С.Ј. - градоначалник на О.Карпош, пријавил дека А.З. вработен во администрација во О.Карпош, без никакво овластување и знаење ги земал клучевите од просториите на архивата и на комисијата за јавни набавки и во текот на изминатото деноноќие неовластено ги променил бравите, при што општинската администрација нема увид и пристап до архивата и комисијата за јавни набавки на општината.
На 18.10.2017 година во 09.30 часот во Полициска станица Ресен, И.У.(36) од Велес, а со привремен престој во Ресен, пријавил дека на 17.10.2017 година околу 22,30 часот од куќата во која престојуваат исчезнала неговата 14 годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против З.С.(36) и З.Р.(47), двајцата од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “насилство”. На 05.09.2017 година, околу 14,35 часот во Трговскиот центар „Зелен рид“ во Куманово, во возилото на Н.Т. од Скопје, првопријавениот физички го нападнал Н.Т., при што со нож, му нанел расекотини во левиот колк, а второпријавениот го управувал возилото. Пријавените, потоа, го однеле  Н.Т., во куќата на З.С. во Бедиње, Куманово каде што, му се заканиле на оштетениот да не го пријавува настанот во полиција и да не оди на доктор.
Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против  М.Г.(34) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавениот на 28.02.2017 година како застапник при царинење во фирма од Куманово, на барање на Д.В. од Куманово да му изготви документација и да го застапува пред надлежните царински органи при царинење на увезено возило, му ја наплатил целокупната сума на пари кои требало да ги уплати како царински давачки во износ од 45.335 денари. Потоа пријавениот изготвил фалсификувана царинска декларација која не ја завел во електронска база на податоци и ставил измислен референтен број, по што ја заверил со службен печат од фирмата и ја потпишал со фалсификуван потпис од неговиот колега и работодавец М.Ј., а за да го убеди Д.В. дека е вистинска на царинската декларација впишал царински броеви што ги препишал од претходно уредно изготвена царинска декларација, со што се стекнал со противправна имотна корист од 45.335 денари.