Извадок од дневните настани 20.10.2017

Во врска со вчерашниот настан на нарушен јавен ред и мир кој се случи на бул. “Крсте Мисирков“ во автобус на ЈСП - бр. 50, во којшто учествувале повеќе лица, во Полициската станица Бит Пазар извршен е разговор со десет лица (седум малолетни и три полнолетни лица, меѓу кои и возачот на автобусот). Со телесни повреди се здобиле три лица и истите по укажаната лекарска помош во Ургентен Центар-Скопје биле пуштени на домашно лекување. Од страна на СВР-Скопје се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 19.10.2017 година околу 18,15 часот било пријавено дека на регионалниот пат Стење-Ресен кај местото викано „Вича“ се случила сообраќајна незгода помеѓу трактор со прикачени две лесни приколки, управувано од З.Г. (48) од с.Дрмени-ресенско, патничко возило “Југо“ со ресенски регистерски таблици, управувано од Ф.Д.(50) од с.Стење-ресенско, како и патничко возило “Фоклсваген Голф“ со охридски регистерски таблици управувано од Д.Н. (39) од Ресен. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Ф.Д. по што бил пренесен во Клиничката Болница во Битола каде му била укажана лекарска помош и бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР-Битола. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 20.10.2017 година околу 04,00 часот било пријавено дека во Прилеп на ул. „Борка Талески“ две маскирани и вооружени лица со нож откако влегле во куќата сопственост на И.Ј.(49), физички ја нападналe по што ја врзале со селотејп трака и по извршено пребарување, одзеле златен накит и го напуштиле местото на настанот. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 19.10.2017 година во 19,25 часот во СВР-Скопје С.С.(35) пријавила дека на бул. „Партизански Одреди“ во  аптека на „Еурофарм“ од страна на непознато лице вооружено со пиштол било извршено разбојништво, при што сторителот одзел околу 32.000 денари и го напуштил местото на настанот. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 19.10.2017 година во 21,45 часот во СВР-Скопје било пријавено дека на ул. „Партизански Одреди“ во казино„Астра“од страна на три маскирани и вооружени лица со огнено оружје било извршено разбојништво над вработените во казиното, при што се одземени околу 181.500 денари, а сторителите го напуштиле местото на настанот. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 19.10.2017 година во 22,40 часот Е.Ј.(61) пријавил дека на бул. “Методија Андонов-Ченто“, (на надвозникот кај “Агросервис“), во автобус за градски сообраќај бр. 55, кој што се обраќал на линијата Транспортен центар- с.Арачиново во моментот кога автобусот дошол на надвозникот движејќи се во правец на с. Арачиново, група од неколку лица на возраст од околу 16 до 20 години го каменувале автобусот. Притоа биле искршени две стакла на левата страна од автобусот и стаклото од задната двокрилна стаклена врата од автобусот, како и едно стакло на десната страна од автобусот. Од удар од еден од камењата, била повредена З.Г.(45) која се здобила со повреди на левата аркада во вид на расекотина и крварење и веднаш потоа била префрлена во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“. По укажаната лекарска помош истата била пуштена на домашно лекување. За настанот  бил известен и Јавен обвинител. Со оштетувањето на автобусот сторителите причиниле и материјална штета од околу 61.000 денари. Извршен е увид и се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 19.10.2017 година во 20,30 часот, З.Ф. (51) пријавил дека истиот ден околу 12,15 часот во Скопје, на бул. „Кузман Јосифоски-Питу“ на автобуска постројка под Железничка Станица-Скопје, кон неговиот 16 годишен син, кој бил заедно со неговите двајца другари на возраст од 15 и 16 години, додека чекале автобус,  се доближила поголема група од непознати лица на возраст од околу 15 до 17 години и едно од лицата почнало да го удира едниот малолетник во пределот на главата. Потоа бил нападнат и синот на пријавителот, по што напаѓачите  избегале во непознат правец.

На 04.10.2017 година околу 17,30 час на ул.“Вера Јоциќ“ било пријавено дека во кругот на средното училиште „Васил Антевски Дрен“ 16- годишна малолетничка била нападната од страна на Е.И.(18) и уште една 16- годишна малолетничка, двете од Скопје, кои ја удирале со раце и нозе со што и биле нанесени видливи повреди во пределот на главата и телото. Од страна на полициски службеник бил направен записник за примање на пријава и два записника за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.  
На 18.10.2017 година во 23,20 часот било пријавено дека на ул.“Пролет“ поточно пред угостителски објект од страна на И.Ј., Б.Р. и уште едно лице бил нарушен јавниот ред и мир со физички напад над В.К.(28) од Скопје,  удирајќи го со  тврд предмет во пределот на главата, а потоа и со  тупаници во пределот на главата од што се здобил со видливи повреди во вид на расекотина на главата. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
На 19.10.2017 година во 18,20 часот И.В.(24) пријавила дека истиот ден околу 16,40 часот на ул.“Васил Ѓорѓов“, пред Трговскиот центар Зебра,  непознато лице мачел животно. Имено, сторителот кој бил со жена и со две деца, користел превозно средство запрежна кола со коњ, и при движењето животното паднало и колабирало на улицата, по што сторителот почнал да го удира со клоци по главата и  телото, го влечел за опаш, и го удирал со јаже по главата за да стане. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 19.10.2017 година во 23,50 часот, Б.С.(52) пријавил дека истиот ден околу 21,20 часот, на ул.“Козле“ поточно на автобуска постојка, додека го управувал своето возило на коловозот излегле три малолетни лица кои му го попречиле патот и неможел да помине со возилото. Тој го паркирал возилото и излегол укажувајќи им на малолетниците дека не треба така да одат по улицата по што настанала и мала расправија. По кратко време дошле повеќе лица најверојатно роднини на малолетниците од кои неколку лица од групата физички го нападнале Б.С. удирајќи го со тупаници во пределот на главата и телото. Во еден момент во настанот се вмешало и едно повозрасно лице со намера да му помогне на пријавителот, односно да појасни дека не ги удрил децата, но тој бил физички нападнат со удари со тупаници по главата и телото. Од ударите му нанеле телесни повреди во пределот на левиот образ, половината и тилот од главата по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
На 19.10.2017 година во 23,00 часот С.М.(47) пријавила дека  на  18.10.2017 година околу  19,40 часот на  бул.“Јане Сандански“ во Трговскиот центар Бисер, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од страна на повеќе лица кои го удирале со тупаници и железни предмети во пределот на главата и телото. Малолетникот од ударите се здобил со видлива повреда во вид на расекотина на главата и оток и црвенило на рацете и грбот, а напаѓачите избегале во непознат правец. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Полициската станица од Струга презема мерки за пронаоѓање на засега непознат сторител, кој синоќа околу 22,00 часот пред угостителски објект во Струга извршил физички напад врз В.Ј. (32) од Струга. Физичкиот напад се случил пред угостителски објект на улицата „Боро Хаџиески“ во Струга каде сторителот пристигнал со патнички автомобил, и од кафе барот го повикал В.Ј. надвор да поразговараат. Во еден моментсторителот физички го нападнал В.Ј. задавајќи му два удари со тупаници во пределот на главата по што со брзање избегал со својот автомобил.
На 19.10.2017 година во 20,14 часот било пријавено дека на ул „Вера Радосавлевиќ“ во Скопје имало пожар при што биле опожарени три куќи. Имено, до пожарот дошло кога П.И.(79) го потпалувал својот шпорет, и од невнимание дошло до опожарување на дел од собата. Потоа од огинот била зафатена и кровната конструкција. Огнот се проширил и на соседните две куќи сопственост на Т.Т. и Б.Т. Со возило на Итна медицинска помош Б.Т. бил пренесен во Одделот за токсикологија во Клинички центар за укажување на лекарска помош. Во пожарот целосно биле опожарени двете куќи. Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил локализиран.

СВР Охрид  поднесе кривична пријава против С.Т.(36) од с.Горенци-охридско и  Н.С.(54) од с.Требеништа-Дебарца поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При претрес во домот на првопријавениот пронајдени биле три пушки, 127 куршуми, три празни кожни реденици за муниција и два прибори за чистење на оружје,  додека при претрес во домот на второпријавениот пронајдени се 20 куршуми, 95 каписли за ловна муниција, барут, сачми и машина за рачно полненење на ловна муниција.