Извадок од дневните настани 21.10.2017

 

На 21.10.2017 година во 01.45 часот на ул. „Глигор Апостолов Гочо“ во Кочани се случила сообраќајна незгода во која Н.Н. (29) од Кочани, управувајќи патничко возило „Форд“ со кочански регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото, удрил во дрво покрај патот, а потоа во метален сообраќаен знак, по што се превртел. Во незгодата, возачот Н.Н. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Јавна здравствена установа Кочани, каде починал. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Кочани.

 

На 21.10.2017 година во 00.05 часот на крстосница од ул. „Христо Татарчев“, ул. „Сава Ковачевиќ-1“ и ул. „Сава Ковачевиќ-11“ во Скопје се случила сообраќајна незгода во која патничко возило „Пежо 206“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Ј. (22) година од с.Сопиште, скопско,  удрил во три паркирани возила – „Шкода Октавија“ со скопски регистарски ознаки, паркирано од Ј.Ј. (30) од Кратово, „Фолксваген Бора“ со скопски регистарски ознаки, паркирано од Љ.Н. (55) од с.Стајковци, скопско и „Фиат Добло“ со скопски регистарски ознаки, паркирано од непознат возач.

По незгодата, со возило на Итна медицинска помош Б.Ј. бил пренесен во Градска општа болница „8 -ми Септември“, каде му биле констатирани телесни повреди, му била укажана лекарска помош и бил пуштен на домашно лекување.  Возачите Ј.Ј.  и Љ.Н. со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“, каде им била укажана лекарска помош.  На Љ.Н. му биле констатирани телесни повреди и бил пуштен на домашно лекување, а на Ј.Ј. му биле констатирани тешки телесни повреди опасни по живот и бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје.  

 

На 20.10.2017 година во 16.10 часот во Полициската станица Тетово, Н.З. (20) од с.Добарце пријавил дека истиот ден околу 13.00 часот околу 10 непознати лица извршиле насилство врз него додека бил со негов братучед од с.Желино и негов другар. Неговиот братучед и другар со возило отишле во Трговски центар „Ремол“, додека Н.З. заминал по нив. Кога стигнал на вториот кат, непознато лице му се доближило и му рекло да не го бара повеќе на телефон. Н.З. не застанал, а истото лице го повикало да излезе надвор да разговараат. Кога излегол на паркингот, непознатото лице веднаш физички го нападнало, удирајќи го со тупаница во пределот на главата. Во тој момент  друго непознато лице го удрило со тврд предмет по главата, а набргу потоа им се приклучиле уште осум непознати лица кои го удирале со тупаници и клоци во пределот на главата и телото. После тоа, Н.З. бил пренесен во Клиничка болница Тетово, каде му биле констатирани телесни повреди. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и за целосно расчистување на случајот.

 

На 20.10.2017 година во Полициската станица Прилеп, полициски службеник од Прилеп пријавил дека, додека со други полициски службеници вршеле службени дејствија од областа на сообраќајот, забележале три патнички возила„Лада“, кои се обиделе да ги сопрат. Две возила успеале да избегаат, но едното патничко возило „Лада“ било сопрено. На возачот му било наредено да излезе надвор од возилото, но тој го оставил возилото во лер позиција при што возилото почнало да се движи. Полициските службеници успеале да го задржат возилото. Во тој момент до полициските службеници се доближило друго патничко возило „Лада“ во кое имало три непознати лица кои почнале да упатуваат разни закани и вулгарности. Сите лица се приведени во Полициската станица Прилеп за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 21.10.2017 година во 02.51 часот во Единицата за информации и команда Скопје било пријавено дека на ул. „Кеј 13-ти Ноември“, од страна на 10 непознати лица, државјани на Република Турција, физички бил нападнат Р.Џ.Ј. (25) од Република Турција, со привремено сместување во Скопје. Физичкиот напад бил извршен поради претходна расправија во врска со девојка. Р.Џ.Ј. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар Скопје каде му биле констатирани телесни повреди и бил пуштен на домашно лекување. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 20.10.2017 година во 23.50 часот во Единицата за информации и команда Скопје било пријавено дека на ул. „Христо Татарчев“ бил нарушен Јавниот ред и мир со тепачка помеѓу лицата М.А. (39) од Скопје од една страна и лицата П.С. и С.М.  од друга страна. Причина за тепачката била расправија околу времето на изведување на градежни работи. По тепачката лицата биле пренесени во Градска општа болница „8-ми Септември“, каде им биле констатирани телесни повреди. П.С. и С.М. биле пуштени на домашно лекување, додека М.А. бил задржан на понатамошно лекување. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 20.10.2017 година во 18.45 часот во Полициската станица Карпош, И.T. (39) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 17.20 часот на автобуска постојка на бул. „Партизански Одреди“ две непознати лица извршиле разбојништво над нејзиниот 15-годишен син. Сторителите го пресретнале и му побарале пари, по што оштетениот исплашен им ги дал парите што ги имал со себе. Потоа, сторителите побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

 

На 20.10.2107 година во Полициската станица Прилеп, М.В. (61) од Прилеп пријавил дека во населба Три багреми, од товарно возило, сопственост на „Батак Турс“, при истурање земја, била пронајдена една неексплодирана артилериска граната 75мм од Првата светска војна. Од страна на стручно лице од Дирекцијата за заштита и спасување гранатата била подигната за понатамошна постапка.

 

На 19.10.2017 година во 21.25 часот во Полициската станица Кисела Вода, Х.Р. (45)  од Скопје пријавил дека на 15.10.2017 година околу 08.00 часот од с.Патишка Река во непознат правец се оддалечил неговиот татко Р.Р. (75). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

           

На 20.10.2017 година во 23.50 часот во Полициската станица Тетово, А.Б. (57) од Тетово пријавил дека на 19.10.2017 година околу 09.00 часот на аеродромот „Александар Велики“-Скопје, со авион од Сојузна Република Германија пристигнал неговиот син А.Б. (29), по што му се губи секаква трага. Пристигнувањето на А.Б. било потврдено од вработените на аеродромот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.                                          

 

На 20.10.2017 година во 20.40 часот во Полициската станица Центар, С.И. (37) од Кратово пријавил дека истиот ден во 20.00 часот во хотел „Мериот“, во конференциската сала на вториот кат, лицето М.Ј. насилно му го грабнал мобилниот телефон  од раце и го оштетил, по што телефонот не му бил функција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.