Извадок од дневните настани 23.10.2017

 На 22.10.2017 година во 15.00 часот на Меѓународниот кружен натпревар во автомобилизам „СКОПЈЕ 2017“. што се одржа на бул. „Гоце Делчев“ во Скопје,  се случила сообраќајна незгода во која учесникот У.Б. (30) од  Белград, Република Србија, управувајќи патничко возило „Хонда Цивик“, изгубил контрола над возилото, со предниот десен дел  удрил во десниот рабник од булеварот, излегол на десната страна надвор од коловозот,  по што удрил во лицето  А.Д. (58) од Скопје. Откако удрило во А.Д., возилото удрило во метална канделабра за осветлување на коловозот, како и во поставено рекламно пано.  На местото на несреќата бил и М.Б. (32) од Белград, Република Србија. Тој, кога забележал дека возилото „Хонда Цивик“  излегло надвор од коловозот, за да избегне удар од возилото се фрлил во  тревата. Од незгодата, со тешки телесни повреди се здобил А.Д., а со телесни повреди се здобиле возачот У.Б. и лицето М.Б.. Тие со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ каде им била укажана лекарска помош. По барање на нивни роднини, сите тројца биле пренесени во Приватната болница „Аџибадем Систина“ за понатамошно укажување лекарска помош. Поради природата на повредите, А.Д. бил задржан на понатамошно лекување на Одделението за интезивно лекување, а У.Б. по укажаната лекарска помош бил задржан на понатамошно лекување во болницата. М.Б. бил пуштен на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител, од возачот У.Б. била земена крв за анализа.

 

На 22.10.2017 година во 14.20 часот на ул. „114“ во Куманово се случила сообраќајна незгода во која патничко возило „Голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Ѓ. (52) од с.Дренок, општина Старо Нагоричане, удрило во пешакот С.Ј. (74) од Куманово. Во незгодата С.Ј. се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена во Медицински центар Куманово каде и била укажана лекарска помош. Поради сериозноста на повредите била пренесена во Ургентен центар Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Куманово.  

 

На 22.10.2017 година во 20.30 часот на ул. „Б.Стефаноски“ во Тетово, полициски службеници забележале  непознато машко лице како прави прекршок – уринирање на јавно место. Со намера да му укажат на прекршокот, тие му се доближиле и побарале да се идентификува. Лицето одбило да се идентификува, почнало да се оддалечува и со погрдни и вулгарни зборови почнало да ги навредува и омаловажува полициските службеници. Му била дадена наредба да застане, но тој не ги послушал и во еден момент го турнал еден од полициските службеници. Лицето било  приведено во Полициската станица Тетово, каде му бил утврден идентитетот. Се работи за лицето З.К. (51) од Тетово. Во моментот на приведување на З.К., бил забележан З.С. (53) од Тетово, кој со мобилен телефон се обидувал неовластено да го снима настанот. Кога полициските службеници го внесувале З.К. во службеното возило, З.С. го држел со двете раце и ги спречувал во преземање на службените дејствија, поради што и тој бил приведен во Полициската станица. По целосно расчистување на случајот против двете лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

 

На 22.10.2017 година околу 12.30 часот, при изведување на градежни работи на автопатот во изградба Кичево-Охрид, на место викано „Лавчани“,  работниците М.А. (53) од Дебар и В.Љ. (57) од с.Могорче, дебарско, биле удрени од црево кое било под дејство на компромиран воздух. Тие  биле пренесени во Медицински центар Кичево каде им била укажана лекарска помош. Кај лицето М.А. биле констатирани тешки телесни повреди на главата, по што бил препратен во Ургентен центар Скопје, а кај В.Љ. биле констатирани телесни повреди и по укажаната лекарска бил пуштен на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево.Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 22.10.2017 година во 18.40 часот во Полициската станица Свети Николе било пријавено дека во Јавната здравствена установа Свети Николе бил донесен П.Н. (67) од Свети Николе, кој паднал од дрво додека сечел гранки кои пречеле на електричен вод. Поради карактерот на повредите, П.Н. со возило на Јавната здравствена установа бил пренесен во Клинички центар Штип. Од страна на лекар му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување.

 

На 22.10.2017 година околу 13.30 часот, од засега непознати причини, настанал пожар во подрачното основно училиште во с.Ново Село, општина Боговиње, кое е во состав на основното училиште „11-ти Октомври“ од с.Урвич. Пожарот бил изгаснат од локалните жители и екипа од Територијалната противпожарна единица Тетово. Од пожарот целосно била опожарена дрвената покривна конструкција, инвентарот во внатрешноста на училниците, а оштетување има и на ѕидовите од објектот. Увид на местото ќе се врши во текот на денешниот ден.

 

На 23.10.2017 околу 02.30 часот на ул. „Благојче Силјановски“ во Битола, од страна на непознат сторител, од засега непознати причини, бил предизвикан пожар на паркирано патничко возило „Рено Клио“ со битолски регистарски ознаки, сопственост на М.К.Ш. (37) од Битола. Во пожарот бил зафатен моторот, предниот капак, предно десно крило, задно десно крило, заден браник, задно десно тркало, предно ветробранско стакло, а има опожарување во предниот дел во внатрешноста под украсната маска. Пожарот бил изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Битола. Увид на местото извршила екипа од СВР Битола. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 22.10.2017 година во 13.50 часот, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство“ во обид, по член 123 во врска со член 19 и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“,  по член 383 од Кривичниот Законик на Република Македонија, од слобода бил лишен И.С. (34) од с.Вукош, Косово.  Тој бил задржан во Полициската станица Кисела Вода за понатамошна постапка.

 

На 22.10.2017 година во 15.10 часот, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични средства, психотропни супстанци и прекурзори“, по член 215 од Кривичниот Законик на Република Македонија, од слобода бил лишен А.А. (20) од Босна и Херцеговина. Тој бил задржан во Полициската станица Чаир за понатамошна постапка.