Извадок од дневните настани 24.10.2017

На 23.10.2017 година околу 11.30 часот на магистралниот пат Битола-Прилеп, кај с.Тополчани, се случила сообраќајна незгода во која О.М.К. (38) од Битола, управувајќи патничко возило „Фиат Браво“ со битолски регистарски ознаки, поради неприлагодена брзина кон условите и состојбата на патот, изгубила контрола над возилото и излетала од патот. Возилото неколку пати се превртело, а совозачот Ј.К. (18) испаднала од возилото и починала на местото на настанот. Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт. О.М.К. била пренесена во Медицински центар Битола каде не и биле констатирани повреди. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Прилеп..

На 23.10.2017 година околу 15.10 часот, на излез од с.Кривогаштани, прилепско, кон с.Крушеани, В.П. (28) од Прилеп, додека извршувала земјоделски работи во нива, се здобила со повреда во вратот од огнено ловечко оружје. Таа во контактибилна состојба, со возило на Итна медицинска помош, била пренесена во Медицински центар Прилеп. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на Полициската станица Прилеп. Истиот ден во 17.30 часот во Полициската станица Прилеп, под сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“, по член 288 од Кривичниот Законик на Република Македонија, биле приведени Х.М. (52) и Г.П. (64) од Република Франција. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 23.10.2017 година во 23.10 часот, на автопатот Гевгелија-Скопје, кај с. Прдејци, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин „Богородица“ дале знак за запирање на товарно возило  „Пежо Боксер“ со радовишки регистарски ознаки. Возилото не застанало на дадениот знак и продолжило со движење. Во 23.50 часот, на влезот во Неготино по стариот пат, полициски службеници од Полициската станица Неготино го сопреле возилото, при што биле пронајдени 10 мигранти (седум од Пакистан и три од Сирија). Возачот побегнал, но по кратко време бил фатен  и совладан. Се работи за лицето  А.А. (25) од Скопје. А.А. бил лишен од слобода и заедно со мигрантите бил приведен во Полициската станица Неготино. По целосно документирање на случајот, против А.А. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

На 24.10.2017 година во 04.26 часот било пријавено дека во казино на ул. „Ѓорѓи Поп Христов“ во Скопје, две непознати лица извршиле разбојништво над вработените. Сторителите со закана со автоматска пушка одзеле пари од дневниот промет и побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 23.10.2017 година во 21.37 часот било пријавено дека во спортска обложувалница кај Зелен пазар во Скопје две непознати лица извршиле разбојништво над вработените. Сторителите со закана со пиштол го одзеле дневниот промет и побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

Во врска со настанот  „исчезнато лице“ даден во билтен од 20/21.10.2017 година, лицето А.Б. (29) од Тетово на 21.10.2017 година се вратило дома.

На 23.10.2016 година во 23.15 часот на Граничен премин аеродром „Александар Велики“ Скопје, при пасошка контрола било констатирано дека лицето И.Л. (28) од Струга се наоѓа на стоп листата со мерка „А” (апси). Лицето било приведено и со Потврда за предавање на лице било предадено на полициски службеници од Полициско одделение Петровец за понатамошна постапка.

На 20.10.2017 година во 11.00 часот во Полициската станица Дебар, претседателот и четири членови на Општинската изборна комисија на општина Центар Жупа пријавиле кривично дело „неовластено снимање“. Имено, на Фејсбук профилот на лицето Р.И. биле објавени фотографии од денот на примањето на изборниот материјал на Општинската изборна комисија Центар Жупа од избирачките одбори и имало објавен текст со невистинита содржина со цел да се наруши угледот на Општинската изборна комисија. Во полициската станица Дебар со лицата бил извршен разговор и бил поднесен службен материјал.

На 23.10.2017 година во 08.45 часот на командирот на Полициската станица Штип му се јавило лицето И.З. и пријавило дека на 23.10.2017 година околу 00.30 часот бил вознемируван со повеќе телефонски повици. И.З, не одговорил на повиците затоа што сметал дека се со намера да го вознемируваат. Подоцна утврдил дека бројот припаѓа на лице познато во Штип. И.З., од СВР Штип  побарал против лицето да бидат преземени соодветни законски мерки за да не го вознемирува  него и неговото семејство.

На 23.10.2017 година во Полициската станица Штип, Е.Т. пријавила дека на 22.10.2017 година на телефон и се јавило лицето Ј.С. од Штип и и рекол дека нивното семејство во с.Селце треба да гласа за кандидатот за градоначалник на Штип од неговата политичка партија. За настанот бил известен Јавен обвинител.

Полициската станица Прилеп  поднесе кривична пријава против И.К. (61),  вработен во општина Прилеп на работно место Раководител на Сектор за урбанизам, И.Ч. (66), вработен во општина Прилеп на работно место Раководител во Одделение за урбанизам, К.Б. (60), вработен во општина Прилеп – член на Комисија за утврдување на фактичка состојба на лице место во постапки за легализација и Б.В. (62),  вработен во општина Прилеп – член на Комисија за утврдување на фактичка состојба на лице место во постапки за легализација поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 1 и 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија  и против С.К. (61), Управител на ДОО ,,Пелагонија Турс“ Прилеп, П.И. (50), овластен геодет вработен во ГПС ,,Премер“ ДООЕЛ Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 4 во врска со став 1 и 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија. И.К., од 25.08.2011 година до 22.11.2013 година, во договор со останатите пријавени презеле дејства, секој во рамките на своите овластувања, со цел легализација на деловен објект кој не можел да биде предмет на постапување согласно Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. На тој начин противправно овозможиле правното лице ПЕЛАГОНИЈА ТУРС ДОО Прилеп  да стане сопственик на деловен објект лоциран на ул. ,,Маршал Тито“, кој се наоѓа на приземјето од станбено деловна зграда во Прилеп, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 7.995.000 денари.  

СВР Скопје поднесе кривична пријава  против  И.С. (26) од  Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „разбојништво“.  Пријавениот на 06.06.2017 година околу 21.15 часот во аптека на бул. „Борис Трајковски“, со закана со нож, од вработените одзел околу 52.000 денари и побегнал. На 28.07.2017 година околу 16.40 часот во аптека на ул. „Антон Попов“, со закана со нож, од вработената одзел 15.600 денари и побегнал.

Полициската станица Прилеп поднесе кривична пријава против пет малолетници од Прилеп на возраст од 14, 16, 17 и двајца 15 години поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 04.10.2017 година околу 22.30 часот, пред основното училиште „Добре Јованоски“ во Прилеп, пријавените, после вербална расправија, физички нападнале четири малолетници, исто така, од Прилеп. Од ударите, еден од малетниците паднал во безсознание.   

Полициската станица Прилеп поднесе кривична пријава против Џ.Ќ. (26) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. На 06.09.2017 година на ул. „Марксова“, откако полициски службеници му дале наредба да застане, Џ.Ќ. го стартувал возилото и со десната врата од возилото удрил еден од полициските службеници.   

Полициската станица Прилеп поднесе кривична пријава против К.М. (56) од с.Крушевица, прилепско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 20.07.2017 година во дворот на манастирот „Света Недела“ во с. Крушевица, за време на прославување на верскиот празник „Света Недела“, К.М. од  пиштол марка „ЦЗ 88“,  што го поседувал со дозвола, испукал  пет куршуми во воздух.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе  кривична пријава против   М.Н. (40) од  Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,загрозување на сигурноста“ по член 144 став 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија. На 10.10.2017 година на ул. ,,15-Корпус“ во Струга, полициски службеник го предупредил М.Н.  да го тргне погрешно паркираното возило, по што тој му упатил навреди и сериозни закани по животот. После тоа влегол во возилото и се одалечил од местото на настанот.

Полициската станица Радовиш поднесе кривична пријава  против Ј.Т. (43) од с.Ињево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање“ по член 261 став 2  во врска со член 235 став 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија. Ј.Т. од с.Бучим набавил седум метри кубни дабови дрва кои немале жиг и документи и со товарно возило „Застава“ ги однел во дворното место до куќата на Т.Т.