Извадок од дневните настани 26.10.2017

На 25.10.2017 година околу 11.30 часот во Скопје во населба Аеродром во експозитура на “Стопанска Банка“, засега непознато лице маскирано со фантомка, со закана со пиштол од пултовите на вработените одзело неутврдена сума пари. Извршен е увид на местото на настанот и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.    
На 25.10.2017 година во 19.35 часот од Градската општа болница “Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив дошол 15 годишен малолетник (од с.Никиштани-Скопје) ученик од Средно училиште “Цветан Димов“со повреди здобиени од физички напад кој се случил на бул. „Партизански Одреди“ во автобус бр.22. Оштетениот во автобусот бил нападнат од повеќе ученици. Од страна на лекар констатирани му се телесни повреди и е пуштен на домашно лекување.
На 25.10.2017 година од полициски службеници од единицата “алфа“, било пријавено дека околу 20.45 часот на влез во с.Долно Свиларе-Скопје забележале возило „Фолксваген Пасат“ со скопски регистарски ознаки управувано од Ш.Л.(36) од истото село (за кого имало централна потерница), при што полициските службеници вклучиле светлосни уреди со цел да го запрат. Ш.Л. иако најпрво застанал, повторно го стартувал возилото движејќи се наназад и удрил во возило (сопственост на МВР на РМ) кое било паркирано зад него. Полициските службеници биле надвор од возилото и не се повредени. Ш.Л. е приведен во Полициска станица -Ѓорче Петров за понатамошна постапка.
На 20.10.2017 година околу 21,00 часот од својот дом во непознат правец  се одалечила С.А.(64) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 25.10.2017 година во 07,15 часот на регионалниот пат Тетово – с.Волковија над каналот за наводнување кај с.Милетино-Тетово, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Сузуки Свифт“ со тетовски регистарски ознаки управувано од Т.Ц.(58) од с.Волковија и патничко возило „Фолксваген Голф“ исто така со тетовски регистарски ознаки управувано од М.Ј.(24) од с.Теново-Тетово. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Т.Ц., кој со возило на итна медицинска помош бил пренесен во Клинички центар -Тетово, од каде по укажаната лекарска помош како итен случај е пренесен во Ургентен Центар-Скопје. М.Ј. се здобил со телесни повреди и истиот по укажаната лекарска помош е пуштен на домашно лекување. Увид на лице место извршила екипа од Секторот за внатрешни работи -Тетово.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Д.Б.(52) од с.Ново Лагово, Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени  кривични  дела “разбојништво“  и “напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. Пријавениот на 18.10.2017 година во Прилеп во аптека со закана со нож побарал од вработениот да му даде седативи, но вработениот повикал полиција. После пристигнувањето на полициските службеници, пријавениот им упатил закани и давал отпор, замавнувајќи со нож кон полициските службеници.  
Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против  Н.Д.(20) и Н.И.(23), двајцата од Скопје поради постоење основи на сомнение дека сториле четири кривични дела „тешка кражба на дрзок начин“. Пријавените од 03.10.2017 до 15.10.2017  во населбата „Шуто Оризари“, со  употреба на физичка сила им ги кинеле од врат златните ланчиња со привезоци на повеќе лица, а украденото злато го продавале во непозната златара на „Бит Пазар“,  при што се стекнале со имотна корист од околу 139.000 денари.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против Д.Х.К.(32) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. На 27.09.2017 година во населбата „Точила“ во Прилеп, Т.Б. бил пресретнат од возило „БМВ“ во коешто бил пријавениот и уште едно лице, при што после вербална расправија, околу наводен долг, пријавениот го удрил со тупаница, му ги зел клучевите од возилото, и му се заканил дека треба нему и на совозачот од возилото да им дава по 50 евра за секој ден неплатен долг.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против Д.Д.(29) и З.П.(34), двајцата од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги и психотропни супстанции“. На 12.04.2017 година во 15,15 часот, во Прилеп,  на паркингот на Железничката станица, по извршен преглед, од полициски службеници, на лица и возило, во коешто бил пријавениот, пронајдена е најлонска паковка со 0,52 грама хероин и нагорена фолија која се користи за конзумирање на наркотична дрога.
Полициската станица Радовиш  поднесе кривична пријава против П.Г.(47) од Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската унија и на Шенгенскиот договор“ по чл.418-д ст.4 и 3 в/в со ст.1  од КЗ на РМ. Пријавениот  во текот на 2017 година со возило “Мерцедес Вито“, сопственост на неговиот син, извршил превоз на повеќе лица во државите членки на Европската унија и на Шенгенскиот договор, со цел да  стекнат или остварат социјални, економски и други права.