Извадок од дневните настани 27.10.2017

Денеска (27.10.2017 година) околу 07.45 часот на регионалниот пат Куманово - Свети Николе, М.К.(55) од Свети Николе, управувајќи патничко возило „Голф“ со штипски регистарски ознаки, излетал од патот и удрил во дрво, при што починал на местото. Смрт контатирла екипа од Итна медицинска помош. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Свети Николе.

На 26.10.2017 година во 13.45 часот на локалниот пат во населба Рача-Охрид се случила сообраќајна незгода во која мобилна машина за сечење на дрва марка „Аран“ , управувана од Р.Л. (75) од Охрид, со задниот дел удрила во камен и се превртела. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот Р.Л., кој бил пренесен и задржан на лекување во болницата „Св.Еразмо“-Охрид. Со телесни повреди се здобил сопатникот Р.Р. (49) од Охрид, кој бил пренесен и задржан на лекување во Општа болница Охрид. Увид на местото на настанот  извршила екипа од СВР Охрид.

На 27.10.2017 година околу 00.15 часот на ул.„Њу Делхиска“ во Скопје, А.Н. (42) од Скопје со нож му нанела убодна рана на И.И. (37) од с.Сарај. Причина за настанот е претходна расправија која И.И.  ја имал со нејзината ќерка К.Б., со која претходно бил во љубовна врска.  Тој со возило бил пренесен во Градската општа болница „8-ми Септември“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

На 26.10.2017 година во 20.05 часот на ул.„Џон Кенеди“ во Скопје, А.Б. (24) пријавил дека слушнал пукање од огнено оружје, а лицата што пукале, со патничко возило „Мерцедес“ побегнале во непознат правец. Увид извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.10.2017 година во 01.25 часот во казино на булевар „11-ти Октомври“ во Скопје, непознато лице извршило разбојништво над вработениот. Сторителот со закана со пиштол, од вработениот одзел околу 130.000 денари и побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.                                        

На 26.10.2017 година околу 17.00 часот во с.Рашче, скопско, во куќа сопственост на  Х.Б. (34), избувнал пожар на првиот кат, при што првиот кат бил целосно опожарен заедно со покуќнината. Пожарот бил изгаснат од страна на сопственикот и локалните жители. На местото на настанот пристигнала и екипа на Бригадата за противпожарна заштита, која не интервенирала. Во пожарот нема повредени лица.  

СВР Велес поднесе кривична пријава против Ј.К. (52) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривичнo делo ,,насилство“  по член 386 став 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија. На 04.10.2017 година околу 12.00 часот во  Кавадарци, во испитниот центар на Здружение на возачи Велес, за Кавадарци, Ј.К. физички ги нападнал и малтретирал  С.Н. од Кавадарци и Ц.П. од Неготино.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.А. (22)  од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста”. На 04.07.2017 година околу 22.30 часот во казино во Куманово, А.А. одбил да се легитимира на вработен во обезбедување во казиното и почнал да го навредува и да го влече. Во еден момент вработениот паднал по скали и се здобил со телесни повреди.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.Б. (18) од с.Косел поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,предизвикување општа опасност“.  На 02.10.2017 година во  01.00 и во 02.40 часот на улица ,,Ванчо Николески“, Х.Б. со камења ги скршил прозорците од дневната соба во станот на В.Г. (61). Потоа, додека полициски службеници од СВР Охрид вршеле увид во станот, фрлил запалива материја на влезната врата од станот од која се запалил дел од вратата.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против В.С. (67) од с.Опила поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали’’ по член 396 став 2 и став 5 од Кривичниот Законик на Република Македонија. На 30.06.2017 година, при претрес во домот на В.С., полициски службеници пронашле ловечки карабин со оптички нишан, пушка непозната марка, 46 ловни патрони калибар 12 милиметри, 54 куршуми калибар 7,62 милиметри, 23 куршуми калибар 8x57 и 11 куршуми калибар 7,99 милиметри.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.А.А. (46) од Сливо Поле, Република Бугарија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ по член 251 став 2 и 4, а во врска со став 8 од Кривичниот Законик на Република Македонија. Пријавениот неовластено навлегувал во е-маил  комуникација помеѓу фирма од Република Македонија и фирма од Србија и својата приватна жиросметка ја прикажал како сметка на фирмата од Македонија.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесени кривична пријава  против М.Н. (34) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,приредување на игри на среќа без лиценца, односно дозвола од надлежен орган“  по член 156 став 3 од Законот за игри на среќа и забавни  игри. На 19.07.2017 година од 16.30 до 19.30 часот, полициски службеници во содејство со инспектори од УЈП Тетово извршиле контрола во уплатни исплатни места на спортска обложувалница во Кичево, при што било констатирано  дека во деловните простории се приредуваат игри на среќа и спортско обложување без издадена лиценца од надлежен орган, врз основа на што  било издадено  решение за времена забрана за вршење на дејност во рок од 30 дена, а  објектот бил затворен со пломбирање од  извршител.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Е.И. (59) од с.Баница, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. Пријавениот на кванташкиот пазар во Струмица при купување на пиперки употребил фалсификувана банкнота од  20 евра.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против АД „СТРУМИЦА ТАБАК“–УВОЗ-ИЗВОЗ–Струмица и М.С. (58) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување или уништување на деловни книги“. М.С., како управител на првопријавеното правно лице, во извештајот за исплатени приходи од земјоделска дејност за 2016 година вметнал невистинити податоци дека на лице од с.Сушица, општина Ново Село, по основ на откупени земјодески производи, преку правното лице му исплатил  54.337 денари. На тој начин лицето од Сушица било задолжено со персонален данок на доход од 6.696 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички  работи Крушево поднесе кривична пријава против ЕВН Македонија АД Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 став 5 од Кривичниот Законик на Република Македонија. На 31.08.2017 година на дрвен столб, сопственост на ЕВН Македонија АД Скопје, поставен до семејната куќа на К.С. во с.Борино, крушевско, настанал електричен спој на електрични кабли, при што бил зафатен и доводниот кабел што водел до куќата на К.С. Притоа, настанал пожар во кој целосно била опожарена куќата на К.С.