Извадок на дел од дневните настани 28.10.2017

На 27.10.2017 година околу 07,45 часот на регионалниот пат Куманово-Свети Николе се случила сообраќајна незгода во која М.К. (55) од Свети Николе управувајќи патничко возило “Голф“, со штипски регистерски таблици, изгубил контрола над возилото и удрил во дрво покрај патот. Во незгодата, возачот М.К. од здобиените повреди починал на самото место. Од страна на лекар од Итна медициска помош била констатирана смрт. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ПС-Свети Николе. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 27.10.2017 година околу 19,35 часот на автопат Скопје-Граничен премин-Табановце, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило„Нексија“ со скопски регистарски таблички, управувано од И.Ј.(42) од с.Марино-скопско и патничко возило „Фолксваген Туарег“ со романски национални ознаки управувано од Д.П.(52) од Романија. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од возилото „Нексија“, С.Ј. (35) од Скопје, а со телесни повреди се здобило 11 годишно дете од истото возило по што биле пренесени во Ургентниот центар во Скопје каде што им е укажана лекарска помош и биле задржани на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Куманово. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 27.10.2017 година во 23,55 часот во ПС-Драчево, Б.К. телефонски пријавила дека нејзиниот внук  К. Б. (20) од с.Батинци, истиот ден околу  22,20 часот тргнал пеш од  с.Љубош и на околу 50 метри  пред неговиот  дом  застанало возило (по негово кажување Комбе), од кое излегле неколку лица и истите му ставиле вреќа на главата, го ставиле во возилото и напуштиле местото на настанот. По некое време К.Б се разбудил на место викано „Ќупријан“-с.Батинци, повреден. Истиот пеш се упатил кон својот дом околу 23,40 часот. Од страна на неговата тетка  со која  живеел била повикана итна медицинска помош при што лицето било однесено во Ургентниот центар во Скопје, за потоа истиот биде препратен во Градската општа болница„ 8-ми Септември“, каде му е укажана лекарска помош и бил пуштен на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР-Скопје, а за настанот бил запознат и Јавен обвинител.

На 27.10.2017 година околу 09,30 часот било пријавено дека во Битола на вториот кат од Новиот пазар, непознат сторител извршил разбојништво над Д.Ѓ.(41) од Битола на тој начин што додека истата вадела пари од банкомат, сторителот и пришол од зад грб, ја турнал и од рака и го грабнал паричникот во кој имало 5.000 денари. Сторителот ги одзел парите, по што паричникот го фрлил и го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и целосно расчистување на случајот.

На 27.10.2017 година во 20,20 часот во ПС-Куманово, Ј.Ј.-кандидат за градоначалник на с.Старо Нагоричане,  пријавила дека од страна на непознато лице по телефон и биле упатувани закани. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против  Б.С. (53) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “лажен стечај“. Пријавениот како  основач и сопственик на правниот субјект “РИДАРЕЦ ФУД“ ДООЕЛ Прилеп, со намера да ја избегне обврската за плаќање кон Управата за јавни приходи, по основ прекршочен налог во висина од 153.750 денари, како и обврската за радиодифузна такса од 1570 денари, на 31.10.2014 година преку управителот С.М. поднел предлог за спроведување на стечајна постапка за правниот субјект пред Основен Суд Прилеп. Како причина било наведено дека во услови на голема конкуренција правното лице не работи и не остварува никакви приходи за да може да ги покрива трошоците во работењето. Тоа не било точно, бидејќи единствената сметка што ја имал правниот субјект во една банка никогаш не била блокирана. Пријавениот, за да ја избегне обврската за плаќање кон Управата за јавни приходи, на 24.11.2014 година од сметката на правното лице, повлекол 234.000 денари по основ трошоци, за кои немал економска оправданост, ниту соодветна книговодствена евиденција. Исто така, на 30.10.2014 година од пријавениот било основано ново правно лице “ФУРНА РИДАРЕЦ“ ДООЕЛ Прилеп со иста дејност и со исто седиште како и правното лице “РИДАРЕЦ ФУД“ ДООЕЛ Прилеп. Со дејствијата што ги презел пријавениот предизвикал штета кон Управата за јавни приходи во висина од 155.750 денари.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против тројца малолетници од Скопје (на возраст од 17, 15 и 14 години) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво во обид“. На 08.10.2017 година околу 11.50 часот пријавените влегле во продавница на ул. „АСНОМ“ и со закана со нож од вработената побарале пари. Кога од задниот дел излегол сопственикот, двајца од малолетниците избегале, а 15-годишникот бил задржан до доаѓањето на полициските службеници. Подоцна, и останатите двајца малолетници биле обезбедени и со нив биле извршени службени разговори.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Б.М. (59) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 1 и став 3, а во врска со член 45 од КЗ на Р.Македонија и И.М.(38) од с.Ваксинце-Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ по член 380 став 1, а во врска со член 45, од КЗ на Р.Македонија. Првопријавениот, вработен во ОССУ „Гоце Стојчевски“-Тетово, како училишен социлог во својство на одговорен наставник за вонредни ученици во училиштето,  во повеќе наврати, своерачно, внел и запишал лажни податоци и невистинита содржина во педагошки евиденции за И.М, за текстилна струка, насока - предач, кои се воделе во  ОССУ „Гоце Стојчевски“ од Тетово. И.М., и покрај тоа што знаел дека сведетелствата и дипломата за положен завршен испит кои му биле издадени во 2002 година, се лажни и со невистинита содржина, ги употребил како вистински и како доказ во правниот сообраќај и тоа кај Нотар од Куманово при заверка на истите. Потоа тие документи ги употребил при засновање на работен однос на неопределено време по оглас од работодавецот МВР на РМ како Приправник полицаец во СВР Куманово сметано од 05.05.2003 година. Но документите ги употребил и во текот на сите понатамошни распоредувања во полициски станици, за што од МВР на РМ  од 05.05.2003 година до септември 2017 година, по основ на право на плата, додатоци на плата по разни основи и придонеси му се исплатени 173 месечни бруто плати во точно неутврден износ, за кој износ го оштетил Буџетот на Р.Македонија.