Извадок од дневните настани 31.10.2017

На 30.10.2017 година околу 19.00 часот во аптека во Скопје на ул.„Ѓорче Петров“, непознат сторител маскиран со маска на глава, со закана со пиштол извршил разбојништво врз вработените, при што одзел пари од дневниот промет. Извршен е увид и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.


На 30.10.2017 година околу 19.20 часот во Скопје на ул. „Димитрије Чуповски,“ поточно во близина на автобуската постојка „Рекорд“, три машки лица извршиле разбојништво над 16 годишен малолетник, на тој начин што му се доближиле и му побарале пари, а кога малолетникот одговорил дека нема, тие му го земале мобилниот телефон и побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.


На 30.10.2017 година  во 15,11 часот во Единица за информирање и команда Скопје, граѓанин пријавил дека над с.Тисовица – Скопје, забележал пожар. Од страна на полициски службеници од Полициска станица -Драчево и Бригада за противпожарна заштита –Скопје излезено е на местото на настанот и од страна на Бригадата за противпожарна заштита –Скопје е констатирано дека гори нискостеблеста шума.


На 30.10.2017 година околу 05,10 часот во Клинички центар -Скопје на арестантското одделение починал П.Ј.(60) од Скопје - затвореник од Казнено поправна установа -Идризово кој боледувал од карцином на грлото. Телото е предадено за обдукција.


На 30.10.2017 година во 22.15 часот во Полициската станица Македонски Брод дежурниот лекар во итната медицинска помош при Јавна здравствена установа „Здравствен Дом“ - Македонски Брод, пријавил дека од страна на З.Р. (42) од Радовиш бил донесен Д.И.(49) од Р.Србија, со место на престој во Виница, кого го пронашол паднат во бесознание и без знаци за живот на ул.„Кузман Јосифоски Питу“ во Македонски Брод. Од страна на дежурниот доктор била констатирана смрт, без видливи траги за насилство. Увид извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од ПС Македонски Брод. По наредба на Јавен обвинител телото е предадено за обдукција.


На 30.10.2017 година во 10.22 часот во Скопје, на ул.„50-та Дивизија“, на рампата кај Министерство за здравство, возило „Шкода Октавиа“ управувано од Г.И. удрило во пешакот Б.Ј.(68) од с.Инџиково. На пешакот му е укажана лекарска помош во Ургентен центар -Скопје, констатирани му се телесни повреди и пуштен е на домашно лекување.


На 30.10.2017 година во 14.30 часот на м.в.„Ледина“ атар на с. Џепиште, од страна на полициски службеници од Полициска станица за граничен надзор Џепиште пронајдено е опожарено возило „Опел Тигра’’ со гостиварски регистарски ознаки. Увидната екипа од Надворешна канцеларија за криминалистички работи -Дебар извршила увид на местото на настанот.


На 30.10.2017 година во 11.20 часот во с.Ново Село - Струмица на ул.„Маршал Тито“, поради основано сомнение дека се сторители на кривично дело „разбојништво“ и кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и „овозможување на употреба наркотични дроги“ полициски службеници ги привеле лицата К.И.Х.(30) и И.Н.Е.(30), двајцата од Петрич – Р.Бугарија, кои биле со возило „Волво“ со бугарски национални ознаки. По наредба на јавен обвинител истите ќе бидат задржани во Секторот за внатрешни работи -Струмица за понатамошна постапка.


На 30.10.2017 година во 16,00 часот К.А.(31) од Скопје, пријавила дека на 30.10.2017 околу 16,00 часот на ул. “Александар Урдаревски“ во близина на ТЦ-“Живко Брајковски“, нејзиниот малолетен син по кратка вербална расправија бил физички нападнат од страна на шест малолетни деца кои го удриле со тупаници во пределот на лицето и грбот, при што се здобил со видливи повреди на левата аркада и грбот во вид на црвенило. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.


На 29.10.2017 година во 21.30 часот А.Б.(42) пријавил дека пред продавница во Кондово, од страна на неколку лица бил нападнат неговиот малолетен син. По пристигнување на полициски службеници на местото на настанот пријавителот им појаснил дека на 29.10.2017 година околу 20.50 часот во с. Кондово пред продавницата од страна на неколку млади лица меѓу кои и О.М. и Б.М. од с.Кондово, физички бил нападнат неговиот син, кој од физичкиот напад се здобил со повреди  во вид на црвенило по целото лице.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С.Б.(42) од с.Врањовце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “тешка телесна повреда“. Пријавениот на  30.05.2017 година во с.Врањовце, во дворното место во куќата на С.Ш.(38) од с.Врањовце, снаа на пријавениот,  откако на децата коишто играле во дворот, им се обратил на висок тон, со дрвената рачка од мотиката, што ја носел со себе, го удрил синот на С.Ш., а потоа ја удрил и неа, во пределот на левата рака и појасот, при што и нанел тешка телесна повреда.


Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против С.Ѓ.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“. На 21.05.2017 година околу 15,10 часот во Скопје, на ул.“Среќко Пужалка“, при преглед на возило во коешто бил пријавениот и уште едно лице, полициските службеници пронашле  полиестиленска паковка со хероин и две алуминиумски фолии со остатоци од хероин, коишто пријавениот претходно ги набавил од лице од с.Сингелиќ.


Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против К.С.(33) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанциии и прекурзори”. На 12.04.2017 година, во Охрид при  претрес во домот на пријавениот, пронајдени се најлонска паковка со 1,23 грама марихуана  и  најлонска паковка со 5,17 грама  хероин.