Извадок од дневните настани 01.11.2017

На 31.10.2017 година во 23.10 часот на крстосницата од ул. „Костурски Херои“ и ул. „Борка Талевски“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Рено Флуенс“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Г. (57) од Скопје и патничко возило „Фолксваген  Поло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.Т. (41) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила М.Т. (46) од Скопје, сопатничка во возилото „Фолксваген Поло“.  Таа со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Градска општа болница „8-ми Септември“, каде и била укажана лекарска помош, по што била пренесена во Ургентен центар за понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје.
 
На 31.10.2017 година во 12.33 часот било пријавено дека на ул. „Скупи“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Шкода Октавија“ со скопски регистарски ознаки и мотоцикл „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Љ.К. (54) од Скопје. Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот Љ.К. кој бил пренесен во Ургентен центар Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје.
 
На 31.10.2017 година во 09,00 часот било пријавено дека на крстосницата од бул.“3-та Македонска Бригада“ и ул.“Венијамин Мачуковски“ се случила сообраќајна незгода во која патничко возило “Опел Вектра“ со скопски регистерски таблици, управувано од М.И.(55) од Скопје удрило во пешак С.Т.(67) од Скопје, а потоа во бетонска жардиниера. Од незгодата со тешки телесни повреди се здобила С.Т. која со возило на Брза помош била пренесена во Ургентниот центар-Скопје и била задржана на понатамошно лекување на Клиниката за Трауматотлогија. На местото на настанот бил извршен увид од страна на увидна екипа од СВР-Скопје и се работи на целосно расчистување на случајот.
 
На 31.10.2017 година во 11.40 часот на магистралниот пат Градско-Прилеп, во близина на бифе Ловец, се случила сообраќајна незгода помеѓу товарно возило „Мерцедес спринтер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.Т. (52) од Кавадарци и патничко возило „Фиат добло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.С. (44) од Македонски Брод. Во незгодата, со телесни повреди се здобиле возачите на двете возила, како и сопатникот во патничкото возило, П.С. (50) од Македонски Брод.
                    
На 01.11.2017 година околу 01.00 часот на кружниот тек на улиците „Илинденска“ и „Видое Смилевски-Бато“ во Тетово, патничко возило „Голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.К. ( 20 ) од с.Требош, изгубило контрола, излетало од коловоз и удрило во метален столб од улично осветлување и во две паркирани возила „Форд фиеста“ и „Ландровер“, двете со тетовски регистарски ознаки. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле возачот и сопатникот М.М. (17) од с.Требош. Со возила на Итна медицинска помош тие биле пренесени во Клиничка болница Тетово. По укажаната лекарска помош, итно биле префрлени Ургентен центар Скопје каде биле задржани на понатамошно лекување. Возачот е во стабилна состојба, а сопатникот е во критична состојба. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Тетово.
                                              
На 31.10.2017 година околу 21.30 часот на локалниот пат Топлица-Врапчиште во Тетово патничко возило „Фиат панда“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од 17-годишник од с.Неготино без возачка дозвола, изгубило контрола, излетало од коловоз и паднало во Топличка река. Во незгодата со телесни повреди се здобиле возачот и 17-годишниот сопатник. Тие биле пренесени во болницата во Гостивар и по укажаната лекарска помош биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа на Полициската станица Гостивар.
 
На 31.10.2017 година во 13,00 часот Г.В.(46) од Скопје пријавил дека на 16.10.2017 година околу 17,00 часот на ул.“Ферид Бајрам“ се случила сообраќајна незгода, по што Г.В. со уште едно лице С.С. се труделе да го регулираат сообраќајот на улицата додека да дојде полиција, која била повикана од негова страна. Во еден момент Е.М. поминал со возило,  а Г.В. му покажал да застане, но истиот не застанал, се доближил до него, се симнал од возилото, по што на повисок тон почнал да се расправа со пријавителот, а истиот притоа му објаснил дека на местото има сообраќајна незгода и дека се чека полиција да пристигне за понатамошна постапка и било потребно да се тргне возилото од таму. Е.М. се качил во возилото и почнал вербарло да му се заканува на Г.В. По околу 30 минути Е.М се вратил со А.М. и со уште две засега непознати лица, му се приближиле на Г.В. и физички го нападнале удирајќи ги со тупаници во пределот на главата и телото. Откако успеал да избега истиот влегол во двор од куќа, истите лица се упатиле по него и еден од нив извадил нож со кој замавнал кон Г.В.. Во еден момент слушнале пискотници од женски глас и лицата побегнале од местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
 
На 31.10.2017 година во 19.45 часот Н.Ј. (32) од Битола пријавил дека во периодот од 16.30 до 19.15 часот непознат сторител извршил тешка кражба во неговиот стан на ул. „Смилевски конгрес“ во Битола. Сторителот, со употреба на сила влегол во станот и од лимена кутија во спалната соба одзел поголема количина златен накит и лап топ, а од дневната соба одзел 45.000 денари. Увидот на местото на настанот извршила екипа од СВР Битола. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.
 
На 31.10.2017 година околу 07.40 часот во барака на ул. „Црногорска“  во Скопје настанал пожар при што починало лицето А.А. (на возраст од околу 50 години). Пожарот бил локализиран од екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Причина за настанување на пожарот била заборавена запалена цигара од страна на починатиот.

СВР Велес поднесе кривична пријава против В.Ј. (62) од  Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против Т.И. (61) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „помагање“  во врска со „злоупотреба на службена положба и овластување“.  В.Ј. во 2016 година, како директор на општинското основно училиште „Страшо Пинџур“ од Кавадарци, во три наврати, надвор од предвидените асортимани во јавната набавка, извршила набавка на разна стока од правно лице од Кавадарци во вредност од 11.027 денари и извршила плаќање за три доспеани фактури. Подоцна, од Т.И., таа набавила други три фактури со различен опис, но со иста  вредност од 11027 денари, коишто ги прифатила и извршила плаќање за дополнителните фактури. Т.И., како управител во ДТУ „ТД-ТД Трајче“ ДООЕЛ Кавадарци, во 2017 година издал три дополнителни фактури за набавка на стока што не била воопшто подигната од училиштето и кои не биле согласно постапката за јавни набавки. Со ова пријавените го оштетиле буџетот на училиштето, односно буџетот на Локалната самоуправа Кавадарци, за 22.054 денари.
 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.К. (23) од Арачиново поради постоење основи на сомнение за сторено кривичното дело ,,убиство во обид”. На 03.07.2017 година околу 23.40 часот на ул. „Тоде Мендол“ во Куманово, по претходна вербална расправија со  М.Б. (23) од Куманово, пријавениот од пиштол испукал еден куршум во воздух, а потоа го вперил пиштолот  кон М.Б.. Додека М.Б. се обидувал да избега, А.К. испукал уште пет куршуми. После тоа, со возило побегнал од местото на настанот.
 
СВР Скопје поднесе кривична пријава против  Љ.Т. (31)  и В.С. (37), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. Пријавените на 11.07.2017 година околу 17.30 часот  на ул. „Јанко Мишиќ“ во  населба Драчево во Скопје физички го нападнале Т.Д. (23). Тие, со кундак од огнено оружје му нанеле повреди на главата.
 
СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Б. (46) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „неовластено изработување, држење посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Во периодот од 02.03.2017 до 03.03.2017 година на ул. „Париска Комуна“ фрлил експлозивна направа пред гаражата во дворот на П.Ј., која не експлодирала. На 03.03.2017 година околу 10.00 часот П.Ј. ја нашол неексплодираната експлозивна направа, по што пријавил во полиција.
 
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против  С.А. (29) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „пустошење на шума“ и „кражба на дрва“. Од почетокот на март 2016 до крајот на април 2016 година во атар на с.Дебреше, на место викано „Чука“, пријавениот  со употреба на моторна пила извршил бесправна сеча на 38,99 метри кубни дабова, 1,12 метри кубни букова и 0,77 метри кубни црешова дрвна маса. На 15.09.2017 година службени лица од „ШСПЕ-ШАР“  Гостивар го затекнале пријавениот при кражба на 1,40 метри кубни букови дрва без шумски жиг. Со сторените дела, С.А. нанел материјална штета од околу 572.285 денари на буџетот на Република Македонија и ЈП „Македонски шуми“.