Извадок од дневните настани 06.11.2017

На 05.11.2017 година  околу 21,00 часот на магистралниот пат Велес-Штип-Кочани, кај фабриката за масло, се случила сообраќајна незгода во која засега непознато лице управувајќи возило, удрило во пешак, кој починал на самото место. По незгодата, непознатото лице со возилото го напуштило местото на настанот. Смртта на пешокот е констатирана од доктор при Итна медицинска помош. Увид на лице место извршиле јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи -Штип. По наредба на јавен обвинител, телото е дадено на обдукција и се преземаат мерки за идентификување на починатиот и пронаоѓање на возачот.
На 06.11.2017 година околу 01,00 часот во Скопје на крстосницата од бул.„Александар Македонски“ и сервисната улица која ги поврзува со кружен тек бул.„Никола Карев“ и ул.„Беласица“, се случила сообраќајна незгода во која З.С.(54) од Прилеп, управувајќи возило „Рено Меган“ со прилепски регистарски ознаки, излетал од патот и удрил во сообраќаен знак и рекламен билборд. Возачот со возило на итна медицинска помош е префрлен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде е констатирана смрт.
На 05.11.2017 година околу 18,00 часот во Полициска станица -Виница, пријавен  е несреќен случај на м.в.„Лисичка“ атар на с.Градец, при што И.Г.(25) од с.Градец, управувајќи трактор „Фергусон“ со приколка натоварена со дрва излетал од шумскиот пат и од здобиените повреди починал на лице место. На тракторот бил качен и неговиот татко Д.Г. (54), кој се здобил со телесни повреди и со возило на итна медицинска помоше бил пренесен во Клиничка болница -Штип. Увид на лице извршила екипа на Полициска станица -Виница.    
На 05.11.2017 година околу 22,00 часот во Полициска станица -Битола, Н.Т.(25) од Битола пријавила дека околу 20,30 часот, две лица дошле и го побарале нејзиниот сопруг А.Т.(31), при што по кратка расправија, заради наводни нерасчистени должничко-доверителски односи, едното од нив ја фатило Н.Т. за вратот и почнал да ја дави, додека другото лице физички го нападнало нејзиниот сопруг. Во текот на настанот лицата од Н.Т. одзеле 3.000 денари и со возило го напуштиле местото на настанот. За време на настанот, А.Т. удрил со рака во стакло при што се здобил телесна повреда-расекотина на десната рака. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 05.11.2017 година во 21,00 часот во Полициска станица -Центар, А.В. пријавил дека истиот ден околу 19,50 часот во Градскиот парк-Скопје, од страна на две лица со употреба на физичка сила и закана со нож било извршено разбојништво врз неговиот 15 годишен син, при што му е одземен мобилен телефон. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.
На 05.11.2017 година во 20,30 часот во Полициска станица -Неготино, С.Е.(40) од Демир Капија, пријавил дека од страна на непознато лице извршена е тешка кражба во неговата семејна куќа, при што сторителот преку прозорецот од купатилото влегол во куќата и одзел паричник во кој имало околу 25.000 евра. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.
На 04.11.2017 од страна на А.Б. (66) од Тетово е пријавено семејно насилство што го извршил неговиот син Н.Б. (47). Имено, според пријавата, Н.Б. во видно алкохолизирана состојба, околу 21 часот започнал вербална расправија со татко му, откако претходно му барал, но не добил пари. По ова Н.Б. почнал со тупаници да го удира А.Б. по главата и телото и му нанел видливи повреди. Нешто подоцна, Н.Б. е лишен од слобода и по целосното расчистување на сите поединости против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 05.11.2017 година во 23,55 часот во Секторот за внатрешни работи Битола, телефонски се јавил С.Ф.(43), кој пријавил дека во Клиничката Болница во Битола, пренесува повредено лице од огнено оружје. Од страна на екипа при Секторот за внатрешни работи Битола било констатирано дека С.Ф. околу 13,30 часот заедно со неговиот пријател М.С.(35) отишле на лов, во близина на Ѓавато. По завршувањето со ловот, околу 22,30 часот, двете лица, со возилото се паркирале на паркинг на патот Битола-Ресен и додека биле надвор од возилото С.Ф. му ја дал наполнетата пушка, негова сопственост, на М.С. и се оддалечил од возилото. Но тогаш слушнал еден истрел, се свртил и го видел М.С. во лежечка положба, зад паркираното возило. С.Ф. му пружил прва помош на повредениот, го ставил во возилото и се упатил кон Клиничката Болница во Битола. Во Клиничката Болница - Битола повреденото лице е примено во Одделението за хирургија и извршена му е хируршка интервенција.
На 05.11.2017 година во 20,30 часот дежурниот од бригадата за противпожарна заштита пријавил дека се јавиле станари од ул.„Димитрија Чуповски“, кои чувствувале непријатна миризба од стан во зградата. Откако припадници на ПП бригада влегле во станот, забележале дека на подот лежи починато женско лице Г.М.(69). Од страна на екипа на итна медицинска помош на телото на починатата не се забележени траги на насилство. По наредба на јавен обвинител телото е дадено на обдукција.
На 05.11.2017 година во 01,40 часот во Полициска станица Велес, Р.Д.(38) од Велес пријавил дека на 04.11.2017 година околу 23,00 часот од семејната куќа се оддалечила неговата 14 годишна ќерка.Се преземаат мерки за нејзино пронаоѓање.
На 05.11.2017 година во 20,40 часот во Полициска станица Прилеп, Ш.Џ.(27) од Прилеп, пријавила дека истиот ден околу 15,30 часот од дома  во непознат правец се оддалечила нејзината 12 годишна ќерка. Се преземаат мерки за нејзино пронаоѓање.
На 06.11.2017 година во 02.15 часот С.И.(42) пријави дека на 05.11.2017 година околу 11,00 часот од нивниот семеен дом во непознат правец се одалечил неговиот брат Н.С.(47). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 05.11.2017 година во 02.00 З.Д.(51), пријавил  дека  истиот ден околу 01.00 часот пред влез од зграда на ул. „Методија Шаторов-Шарло“ во Скопје,  неговиот малолетен 17 годишен син физички бил нападнат од страна на повеќе машки лица кои го  удирале со тупаници во пределот на лицето. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На ден 06.11.2017 година во 05.00 часот на локалниот пат за село Николич од страна на полициски службеници при СВР Струмица било забележано возило “Опел зафира“ со албански регистарски ознаки како се упатува кон селото Николич. Полициските службеници веднаш се упатиле по возилото и му дале знак да застане со движењето со цел да извршат контрола на истото. Кога тоа го забележал возачот го забрзал движењето и се дал во бегство со возилото, влегол во с.Николиќ каде што во споредна улица запрел, и од возилото излегле три непознати лица кои се дале во бегство во различни правци. Од страна на УПС е извршен преглед на возилото и во багажниот простор во куфер, ранец и торбица  откриени се шест пакувања во најлонски кеси залепени со салотејп трака во кои се наоѓала растителна материја (марихуана) која што е дадена за натомошно вештачење. По ова, превземени се мерки и активности за фаќање на лицата, при што досега две лица се фатени и приведени. Притоа утврден е идентитетот на едно од двете лица, се работи за С.Џ. (24) од Елбасан, Албанија, додека се работи на утврдување на идентитетот на второто лице, како и пронаоѓање и на третото лице.
Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против Ј.К.(46)  и Б.К.(22), двајцата од Нов Дојран, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “напад на службено лице при вршење на работи од безбедноста“. На  15.10.2017 година во Нов Дојран, во колонијална продавница,  по вербална расправија помеѓу првопријавениот, којшто бил во алкохолизирана состојба и С.С., вработен во продавницата, настанала тепачка, во којашто првопријавениот се здобил со повреди на главата.  Потоа првопријавениот отишол во неговиот дом, каде што во возилото ставил железни шипки, секира и чекан, по што го зел  второпријавениот со намера да го нападнат С.С., којшто во меѓувреме, со неговите другари  се упатил кон Полициската станица – Дојран за да го пријави настанот. На улица „Антон Панов“ пријавените ги затекнала полициска службеничка којашто им укажала да излезат од возилото, при што првопријавениот останал и понатаму во возилото. При тоа, во настанот се вклучил и уште еден полициски службеник кој не бил на работа, кого Ј.К. при отворањето на вратата од возилото го турнал, а потоа и физички го нападнал. Откако, полициските службеници успеале да го совладаат Ј.К., се приклучил второпријавениот, но полициските службеници успеале да ги совладаат, и да ги лишат од слобода пријавените.
Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против А.А.(68) од  село Пршовце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Пријавениот на  09.08.2017 година околу 12,30 часот во село Пршовце, после вербална расправија со  Е.И. и А.З., вработени во хуманитарно здружение од Тетово, извадил пиштол за светлосно звучна сигнализација марка “Екол“, при што го репетирал и го вперил кон оштетените,  коишто избегале и се скриле. По одредено време, пријавениот бил забележан од  полициски службеници, коишто по извршениот преглед,  му го одзеле пиштолот и  рамката  со девет куршуми за сигнализација.
Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против К.М.(59)  село Опеница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”. При извршен претрес, во домот и помошните простории кај пријавениот пронајдени се 70 детонаторски каписли.