Извадок од дневните настани 08.11.2017

На 08.11.2017 година околу 05,45 часот било пријавено дека на регионалниот пат Валандово–с.Марвинци на место викано „Мичкин мост“ атар на с.Брајковци, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило„Фиат Пунто“со велешки регистерски таблици, управувано од Н.С.(42) од с.Јосифово–валандовско и патничко возило„Форд Ескорд“ со велешки регистерски таблици, управувано од З.А. (50) од Валандово. Во незгодата од здобиените повреди на местото на настанот починал Н.С., а со тешки телесни повреди се здобил сопатникот во истото возило О.П. (35) од с.Балинци, кој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гевгелија каде му била укажана лекарска помош, додека со телесни повреди се здобил З.А. Во координација со Јавен обвинител бил извршен увид од страна на увидна екипа од ПС Валандово.

07.11.2017 година во 23,50 часот во СВР-Скопје, К.Б. (47) пријавил дека истиот ден околу 18,20 часот во Градскиот трговски центар, две непознати лица физички го нападнале, по што истиот паднал на земја и се онесвестил, а лицата му одзеле два мобилни телефони и 150 евра, по што го напуштиле местото на настанот. Се превземаат мерки за пронаоѓање на сторителите како и целосно расчистување на случајот.
                                          
На 07.11.2017 година во 16,50 часот било пријавено дека во с.Тополница–Радовиш кај прочистителната станица на браната на рудникот Бучим, полициски службеници од  шумската полиција во Радовиш пронашле трактор со приколка на која имало натоварено 2м/3 дабови дрва, поради што од полициски службеници од ПС-Радовиш побарале да излезат на местото на настанот, со цел безбедно да го пренесат тракторот со дрва до Јавното претпријатие“-Македонски шуми“-Радовиш. Околу 18,00 часот на наведеното место се собрале околу 40 жители од селото кои не дозволувале да се одземе тракторот, при што истите станале агресивни и во еден момент едно од лицата замавнало со тврд предмет кон полициските службеници, удирајќи го едниот од нив во пределот на главата. Со службено возило полицискиот службеник  бил пренесен во Здравствен дом во Радовиш каде му била укажана лекарска помош. По целосното расчистување на случајот, од страна на ПС-Радовиш ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 07.11.2017 година во 21,30 часот во ПС-Карпош, Л.А. пријавила дека на 04.11.2017 година околу 02,00 часот нејзината малолетна ќерка, и кажала дека нејзин соученик ја уценувал со фотографии кои ги направила во текот на 2016 година додека имала 13 години. Истите пред околу една година му ги испратила на нејзин пријател со кого учела во основно училиште. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
                                       

На 07.11.2017 година во 09,00 часот од страна на вработен во Итна медицинска помош било пријавено дека на ул.„Виетнамска“ во Скопје имало починато новороденче, родено пред три дена. По кажување на мајката Ѓ.С. бебето било родено пред три дена во Гинеколошко акушерска клиника “Мајка Тереза“ и истиот ден околу 08,30 часот забележала дека со бебето нешто не било во ред и повикала Итна медицинска помош. Од страна на лекар била констатирана смрт, а по наредба на Јавен обвинител, телото на бебето е дадено на обдукција.  
                                         
На 08.11.2017 година  во 00,10 часот на Граничен премин „Деве Баир“ на излез од Р.Македонија , поради постоење основи на сомнение за фалсификувана патна исправа бил приведен H.E. (36) од Р.Албанија. Во 01,30 часот со потврда за предавање на лице истиот бил предаден на полициски службеници од ПС Крива Паланка, за понатамошна постапка.

На 07.11.2017 година од страна на полициски службеници од СВР-Битола бил лишен од слобода А.А.(25) од Р.Турција, а со престој во Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело„фалсификување пари“ по чл.268 од КЗ на Р.Македонија. Имено, истиот заедно со уште едно засега непознато лице во Гостивар заради купување на мобилен телефон, пуштиле во оптег три фалсификувани банкноти од по 100 евра, по што го напуштиле местото на настанот.

Х.М.(80) од гостиварското село Страјане, на 07.11.2017 година околу 15,00 часот во Полициската станица Гостивар пријавил тешка кражба од куќа. Имено засега непознати сторители насилно ја отвориле влезната врата и влегле во куќата по што од палто одзеле 9000 евра во апоени од по 100 евра, по што го напуштиле местото на настанот. Се работи на целосно расчистување на случајот

На 07.11.2017 година околу 17,45 часот било пријавено дека Н.Н.(31) од Гостивар паднала од прозорец од четвртиот кат на станот во кој престојувала на ул. „Мара Угринова“ во Гостивар. Од паѓањето истата се здобила со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош во гостиварската болница, итно била префрлена на скопските клиники. Извршен бил увид и се работи на целосно расчистување на настанот.

Полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово-Полициско одделение Галате, на 07.11.2017 година околу 17,20 часот спровеле контрола во објект во Топлица, а во кој нелегално, без потребната лиценца, се приредувале игри на среќа. Во објектот бил затекнат С.Ј.(31) од ова село. При извршувањето на контролата и увидот, полициските службеници биле попречувани и навредувани од страна на А.Ш.(52) и Ш.Ш.(58) од Топлица, додека А.Ш. и физички нападнал еден од службениците и му ја скинал униформата. Тројцата се приведени, задржани во Полициската станица Гостивар и по целосното расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Од објектот во Топлица, времено е одземена комплетната опрема што се користела за приредување игри на среќа (телевизори, компјутери, монитори, печатачи, читачи, билтени, тикети и друго ).
 
СВР Тетово  поднесе кривична пријава против  Н.С. (45) и Љ.С. (31), двајцата од село Прељубиште поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. Пријавените на 25.09.2017 година со брусалица исекле и отстраниле 22 метални цевки, две метални врати и околу 40 метра плетена метална жица, со којашто бил заграден објектот на водната станица во центарот на село Прељубиште, сопственост на Општина Јегуновце.
СВР Тетово  поднесе кривична пријава против Љ.Н.(35) од село Желино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“. Пријавениот на 03.08.2017 година околу 04,00 часот во село Желино, после вербална расправија со Р.Б.(35) од Желино, со својот пиштол, којшто го поседувал со дозвола, испукал проектил кон нозете на Р.Б. но го  промашил, по што го напуштил местото на настанот.  

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ц.М. (44) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Пријавениот на   26.04.2017 година  околу 13,45  часот во Охрид, на паркинг просторот пред зграда на улица ,,Јане Сандански”, при пристапување на полициски службеници, од неговото возило, фрлил најлонска паковка со 23,9 грама марихуана.

ПС  Гевгелија   поднесе  кривична пријава против С.С. (24) од Елбасан- Р.Албанија, К.К. (19) од Пренјас-Р.Албанија и Х.Г. (26) од Котодеш-Р.Албанија постоење основи на сомнение за сторенo кривичнo делo ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни  супстанци и прекурсори’’. Пријавените на  06.11.2017 година околу 05,00 часот, во с.Николиќ, со возило „Опел Зафира“, откако патролен тим од полициски службеници, им дале знак да застанат, истите избегале во споредна улица во с.Николиќ. По организираната потрага на терен, првопријавениот и второпријавениот се лишени од слобода, додека во возилото биле пронајдени 2672,4 грама марихуана, којашто била набавена во Елбасан, Р.Албанија, и второпријавениот и третопријавениот, по претходен договор со првопријавениот,  требало да ја транспортираат за паричен надомест од 780 евра.