Извадок на дел од дневните настани 10.11.2017

На 09.11.2017 година околу 08.00 часот на магистралниот пат Прилеп-Битола, кај местото викано „Петилеп“, се случила сообраќајна незгода во која патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Л. (70) од Скопје, претекнувајќи товарно возило „МАН“, со левата страна на возилото удрил, прво во ретровизор од возило „Шкода Фабија“ со битолски регистраски ознаки, а потоа во патничко возило „Рено Твинго“ со битолски регистраски ознаки, управувано од Ѓ.Т. (19) од Битола, кое излетало надвор од коловозот и се превртело на покривот. Потоа со десната страна “мерцедесот“ удрил во кабината на товарно возило „МАН“, по што излетал надвор од коловозот каде застанал. Во тој момент во возилото настанал пожар при што целосно изгорело. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле М.Л., возачот на „Рено Твинго“ Ѓ.Т. и А.Б. (18) од Битола, сопатник во истото возило. На нив им била укажана медицинска помош во Клиничка болница Битола, каде  Ѓ.Т. од здобиените повреди починал. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Битола.

На 09.11.2017 година околу 22,30 часот на крстосницата на ул. „Живко Брајковски“ и ул. „101“ во Гостивар се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од С.Д. (22), патничко возило  „Опел вектра“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Т.П. (33) и патничко возило „Мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Е.П. (18), сите од Гостивар. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Е.П. Тој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во болницата во Гостивар и по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Гостивар.

На 09.11.2017 година околу 19.50 часот во Единицата за информации и команда Скопје, од Ургентниот центар Скопје било пријавено дека кај нив било донесено повредено лицето Н.З. (48) од с.Слупчане, општина Липково. Н.З. на улица “Мајка Тереза”, од страна на непознато лице со остар предмет бил прободен во пределот на стомакот и грбот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителост и за целосно расчистување на случајот.

На 09.11.2017 година во 19.54 часот во Единицата за информации и команда Скопје, од Градската општа болица „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека од страна на Итна медицинска помош било донесено лицето М.Ј. (19) од с.Црешево, скопско. Лицето било прободено со остар предмет во левата потколеница. Во  разговор со полициски службеници, М.Ј. изјавил дека бил физички нападнат од неколку непознати лица. Откако напаѓачите се оддалечиле во непознат правец, забележал дека бил прободен во пределот на ногата. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.

На 10.11.2017 година во 05.50 часот во Полициската станица Центар, А. Б. од с.Блаце, скопско, пријавил дека истиот ден околу 02.00 часот на улица “11-ти Октомври” во Скопје, во казино додека вршел работни задачи како обезбедување, две непознати почнале да ги вознемируват играчите обраќајќи им се на англиски јазик. Тој ги предупредил лицата за недоличното однесување, меѓутоа тие продолжиле со таквото однесување, по што биле отстранети од казиното. Околу 04.00 часот кога А. Б. излегол да направи обиколка околу објектот ги забележал двете непознати лица со кои што претходно имал проблеми во казиното при што тие физички го нападнале. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и расчистување на случајот.

На 09.11.2017 година во 18.00 часот во просториите на Полициската станица Тетово, Н.Б. (33) од с.Боговиње пријавил кривично дело „грабнување“ на неговиот дедо А.А. (52) од с.Жеровјане, кој на 08.11.2017 година во 15.00 часот во Полициска станица Жеровјане бил пријавен како исчезнат. Откако А.А. бил пријавен за исчезнат, на пријавителот му биле испратени СМС пораки дека А.А. и неговото возило се задржани од непознати лица и дека ќе го пуштат откако ќе им дадат одредена сума на пари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето и целосно расчистување на случајот.

На 09.11.2017 година во Полициската станица Бит Пазар, Е.Д. (47) од Русија пријавила дека истиот ден околу 10.00 часот од хотел на улица „П.Ѓорѓиев“ во непознат правец се оддалечил нејзиниот син Д.О. (26) од Русија. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 09.11.2017 година во периодот од 20.20 до 20.55 часот, по претходно добиена Наредба од Основен суд Битола, од страна на полициски службеници од СВР Битола бил извршен претрес во Регионалниот центар за управување со кризи Битола. Претресот бил извршен во канцеларијата која ја користел И.Б. (25) од Битола, поради постоење основи на  сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропски супстанци и прекусори” по член 215 од Кривичен законик на Република Македонија. При претресот била пронајдена и одземена една дигитална вага со траги од непозната растителна материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 09.11.2017 година околу 08.30 часот на полскиот пат кој води од с.Топлица, тетовско, кон месноста “Тумчевишка петља“, од страна на полициски службеници биле пронајдени две поголеми платнени торби. Во торбите имало четири полиетиленски пакувања со непозната растителна материја, најверојатно марихуана. Пронајдената тревкаста материја била подигната и дадена е на натамошно вештачење. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 10.11.2017 година околу 05.10 часот во Единицата за информации и команда Скопје било пријавено дека на улица „Методија Андонов Ченто“, на бензинската пумпа „Макпетрол“ од страна на непознато лице со закана со нож било извршено разбојништво. Лицето го одземало дневниот промет и побегнало во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

На 09.11.2017 година во 09.00 часот во Полициското одделение Ново Село, Струмица, Б.Д. (67) од с.Сушица пријавил дека на 08/09.11.2017 година во периодот од 19.00 до 06.30 часот непознат сторител извршил тешка кражба во црквата „Св.Ѓоргија“ во с.Сушица. Сторителот ја отворил вратата од помошната просторија за продажба на свеќи од каде одзел околу 40.000 денари во разни апоени по што го напуштил местото. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

На 09.11.2017 година околу 09.10 часот во Скопје, на булевар “Митрополит Теодосиј Гологанов”, на Архитектонско-Градежниот факултет, во еден од кабинетите на вториот кат, од засега непознати причини настанал пожар. Во пожарот бил зафатен целиот кабинет со инвентарот. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Од екипа на Итна медициснка помош им била укажана помош на пет лица по што биле упатени на домашно лекување. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанувањето на пожарот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против Л.П. (39) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бегство на лице лишено од слобода“  и  „напад на службено лице при вршење работи од безбедноста“. Л.П., којшто издржувал мерка притвор, на 10.10.2017 година во Прилеп пред Градската болница, после извршен преглед, физички нападнал двајца затворски службеници,  по што побегнал. По кратко време, Л.П. бил лоциран и приведен од полициски службеници.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против А.А. од село Калиште поради постоење основи на сомнение за сторени  кривични дела  „недозволено  држење на оружје или распрскувачки материи“  и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. А.А. на  16.05. годинава околу 16.00 часот  во Гостивар, во семејната куќа на А.Е. (25)  од  Гостивар, сопруга на починатиот син на А.А., после вербална расправија физички ги нападнал А.Е. и нејзината мајка А.Ф. Тој,  со пиштол ја удрил А.Е. во пределот на главата, а потоа ги зел нејзините две малолетни деца, ги внел во неговото возило и побегнал. Подоцна бил пресретнат од  полициски службеници и  бил приведен.

СВР Штип до надлежното ОЈО поднесе посебно Известување против Л.Д. (44)  од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Л.Д.  во текот на јуни годинава, како одговорно лице во Центар за вработување – Штип,  и покрај тоа што Управниот суд на Република Македонија  го  поништил  Решение за зголемување на висината на стечаен додаток на С.М. од Штип дал насоки за обезбедување на дополнителни докази од ФПИОМ-Штип за утврдување на точна состојба  на исплатени плати и придонеси на плати на С.М.,  повторно донел идентично Решение и покрај тоа што во дополнителниот доказ од ФПИОМ-Штип било наведено дека платите и придонесите на платите на С.М. се со поголема вредност од вредноста што била наведена во Решението изготвено од Л.Д. На тој начин му предизвикал штета на С.М. при утврдување на висината на стечајниот додаток.

Полициска станица Гевгелија поднесе кривична пријава против К. К. (47) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на лични податоци“.  К.К. на 15.10.2017 година во Гевгелија, на улица „Маршал Тито“, во  близина на гласачкото место кај “Стар пионерски дом“, со својот  мобилен телефон  фотографирал полициски службеник кој била ангажирана за време на Локалните избори 2017, а потоа фотографијата, без нејзино знаење и согласност, ја обработил и објавил како јавно достапна на неговиот  профил на  социјалната мрежа “Фејсбук“.