Извадок од дневните настани 14.11.2017

Денес (14.11) околу 07,30 часот на патниот правец Демир Хисар-Кичево, се случила сообраќајна незгода помеѓу комбе со битолски регистарски ознаки управувано од С.С.(56) од Крушево и автобус исто така со битолски регистарски ознаки, сопственост на правно лице, управуван од З.С.(49) од с.Единаковци, Демир Хисар, а во кој се превезувале околу 30 ученици од ОУ “Гоце Делчев“-Демир Хисар. При несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на комбето, а со телесни повреди се здобиле учениците. На истите им била укажана лекарска помош во Клинички центар Битола. Сообраќајот не бил во прекин и извршен е увид на местото на настанот.

На 13.11.2017 година во 18,00 часот било пријавено дека во Скопје кај фонтаната во Градски парк, две непознати лица со закана со нож извршиле разбојништво над 15 годишeн малолетник од Скопје, при што му ја одзеле јакната и 200 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расчистување на настанот.

На 13.11.2017 година околу 22,15 часот било пријавено дека во Скопје на ул.„Спиро Црне“, во спортска обложувалница три непознати маскирани лица и вооружени со огнено оружје-пиштол, извршиле разбојништво при што одзеле околу 12.000 денари, по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расчистување на настанот.

На 13.11.2017 година во 21,15 часот на регионалниот пат Неготино-с.Лакавица, во близина на Неготино кај место викано„Полигон“, од страна полициски службеници од Полициска станица Неготино, бил даден знак за запирање на возило „Мазда“ со штипски регистарски ознаки управувано од засега непознато лице, при што возачот ја зголемил брзината на движење. По поминати околу осум километри, возачот го запрел возилото и избегал со трчање. Во возилото биле пронајдени девет лица-мигранти, државјани на Пакистан. По консултација со Јавен обвинител, две од лицата-мигранти ќе бидат задржани во Прифатниот центар за странци-Скопје, а останатите ќе бидат вратени во Р.Грција.

На 14.11.2017 година во 00,45 часот било пријавено дека во Ургентниот центар-Скопје, во КАРИЛ на 13.11.2017 година околу 15,00 часот бил донесен К.М.(87) од Скопје, кој се здобил со повреди од пад од дрво (берејќи јаболки), по што починал. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

На 11.11.2017 година во 22,30 часот во Полициско одделение Сарај, Д.Н.(47) од с.Арнакија-скопско, пријавил дека на 08.11.2017 година околу 19,30 часот од  домот во непознат правец се оддалечил неговиот син Д.Ј.(22). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 13.11.2017 година во 10,00 часот во Полициска станица Карпош, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело “неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени дејствија“ од КЗ на РМ бил приведен  Х.Р.(58) од Косово. Истиот бил затекнат во кругот на касарната „Илинден“. По целосно расветлување и документирање на случајот ќе му биде поднесен соодветен поднесок и ќе се превземат понатамошни дејствија.  


На 13.11.2017 година во 21,30 часот во ПС Центар Н.Ц.(54) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 21,15 часот на ул.“50-та Девизија“ бил физички нападнат од страна на две непознати лица при што се здобил со видливи повреди во вид на црвенило на лицето. Се работи на целосно расчистување на случајот.
На 14.11.2017 година во 03,50 часот А.Д.(37) од Скопје, пријавила дека истиот ден околу 00,30 часот додека спиела во семејниот дом, нејзиниот сопруг А.Д.(41), обвинувајќи ја за наводна љубовна врска се нафрлил врз неа удирајќи ја со тупаници по главата и телото. Откако пријавителката успеала да се ослободи од сопругот си заминала кај нејзините родители, а потоа и пријавила во полиција. Бидејќи оштетената не се чувствувала добро побарала лекарска помош во Градската општа болница „8 Септември“. Пријавителката посочила дека сопругот и претходно ја малтретирал, но дека истата досега не го пријавувала.
На 13.11.2017 година во 16,15 часот Ч.М.(22) од Скопје пријавила дека на истиот ден околу 16,00 часот на бул.“Кирил и Методиј“ во близина на Трговскиот центар Рамстор била физички нападната од страна на Е.С. од Р.Турција кој што ја повлекол за косата и откако ја бутнал на земја ја удирал со клоци во пределот на лицето и телото. Причина за физичкиот напад била претходна расправија со негов пријател. Се работи на целосно расчистување на случајот.
На 13.11.2017 година околу 13.00 часот во с.Порој, тетовско, постапувајќи по судска наредба полициски службеници го привеле лицето Ш.Ш. (34), осуден на казна затвор од четири години и шест месеци за кривично дело „тешка кражба“. Лицето е предадено во казнено-поправната установа „Идризово“ во Скопје.
Полициската станица Кичево поднесе кривична пријава против С.Б. (43), А.П. (48), А.М.(31), Р.В.(50), А.Б. (24), М.А. (26), сите од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “учество во тепачка“. На 29.10.2017 година во 12,30 часот во с.Трапчин дол, кичевско, настанала расправија помеѓу С.Б. и А.П. кој претходната ноќ скршил апарат за игри на среќа во казино во Кичево. Притоа, С.Б. кој бил сопственик на агенција што го обезбедувала казиното, физички го нападнал А.П. удирајќи го со тупаници по целото тело. По кратко време, во тепачката се вклучиле и останатите пријавени, вработени во агенција за обезбедување кои со раце и нозе удирале по А.П. Тепачката била прекината од полициски службеници, по што А.П. бил пренесен во Општата болница Кичево, каде му биле констатирани тешки  телесни повреди.    
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.М. (59) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”. Полициски службеници извршиле претрес во домот на К.М. и пронашле и одзеле седумдесет иницијални каписли, кои неовластено ги поседувал. По извршеното вештачење било утврдено дека тие претставуваат детонаторски каписли
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Љ.С. (37) од село Чегране поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“. На 11.11.2017 година околу 15,00 часот пријавениот, на место викано “Гропа“,  покрај локалниот пат с.Неготино– с.Стенче, каде Е.Е.(33) од село Неготино-гостиварско напасувал овци, со пиштол испукал куршум во воздух, за да не го нападнат кучињата, и после вербална расправија со Е.Е. пријавениот му го ставил пиштолот на раката на Е.Е. и испукал куршум со којшто го ранил, по што го напуштил  местото на настанот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава  против  А.Х. (23) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 16.04. годинава околу 16,10 часот во село Вратница, при преглед од страна на полициски службеници на возило „Голф 3“, управувано од Ќ.А.(21) од село Шемшово, во коешто пријавениот, бил сопатник, кај него биле пронајдени  најлонски кеси со 36,92 грама марихуана, додека кај Ќ.А. биле пронајдени 1,33 грама марихуана.
СВР Тетово  поднесе кривична пријава  против Б.Н.(23) од село Гајре-тетовско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На  14.06.2017 година околу 23,20 часот, во Тетово, на улица “Киро Ристоски Дрнц“, од страна на полициски службеници, бил забележан пријавениот со непознато лице, како под балконот од зграда извлекува најлонска кеса. По пристапувањето на полициските службеници непознатото лице избегало, додека пријавениот бил затекнат со 601,6 грама марихуана, што имал намера да ја продаде.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.С.(50) од с.Едрениково- Василево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и Л.Н.(44) од с.Василево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со  „злоупотреба на службена положба и овластување“. Првопријавениот, во својство на градоначалник на општина Василево, на 29.09. годинава, за наводни потреби на општината, побарал од второпријавениот, вработен како в.д. Директор на ЈПКД „Турија“ п.о. Василево наредниот ден (30.09) да биде ангажирана работната машина марка „Хидромек“ во сопственост на ЈПКД „Турија“ со цел да се насипе улица во с. Едрениково и покрај тоа што, на тоа место, според урбанистичкиот план за с.Едрениково не постои улица, односно пат. Второпријавениот на  29.09.2017 година без претходно да потпише налог за користење на службено возило и без да изготви работен налог, му дал задача на Т.П. вработен како багерист во  ЈПКД „Турија“ на 30.09.2017 година, со работната машина марка „Хидромек“ во сопственост на ЈПКД „Турија“ да изврши распостелување и насипување на песок на улица во с. Едрениково, којашто не била опфатена во урбанистичкиот план.  Притоа, Л.Н. не изготвил ниту фактура за наплата за извршената работа, со што му овозможил на првопријавениот, за приватни потреби на трето лице да ја искористи работна машина без да се покријат трошоците.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.С. (33) од Сиднеј- Австралија со привремен престој во Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “измама“. Пријавенииот, на почетокот на октомври годинава, му ветил на Ц.Д.(46) од Битола, дека за паричен надомест од 7.700 евра, ќе му извади работна виза за Австралија, за него и неговата фамилија. По кратко време пријавениот му признал на оштетениот дека документите коишто ги спремил  се фалсификат и дека во Австралија му требале пари, па се договориле да му ги врати парите. Првично, пријавениот, му вратил само 1.000 евра, додека останатите требало да ги врати до 23.10.2017 година, меѓутоа до моментот на поднесувањето на пријавата парите не му биле вратени.
На 13.11.2017 година лицето С.Е. (24) од Скопје пријавил дека околу 08.40 часот, пред тобако на ул. „Московска“, од страна на две непознати лица му било одземено патничко возило „Ланд Ровер - Ренџер спорт“ со скопски регистарски ознаки. С.Е. застанал пред маркет и возилото го оставил незаклучено и со мотор во функција. Во исто време слушнал отворање на врата од возило. Тој се обидел да ги спречи во намерата, но двајцата сторители со голема брзина го стартувале возилото и заминале во непознат правец. Околу 09.05 часот полициски службеници го пронашле отворено возилото на патот Скопје – Тетово, во близина на с. Ласкарци. Во 14.00 часот возилото му било вратено на пријавителот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.