Извадок од дневните настани 15.11.2017

На 14.11.2017 година околу 07.20 часот на локалниот пат за с.Вардино, на место викано „Дрениче“ во атар на с.Мургашево, демирхисарско, се случила соораќајна незгода помеѓу  товарно возило „Рено Мастер Фургон“ со битолски регистарски ознаки, управувано од С.С. (56) од Крушево и автобус „Мерцедес“ со битолски регистарски ознаки, сопственост на АД „Транскоп“-Битола, управуван од З.С.С. (49) од с.Единаковци, демирхисарско, во кој се превезувале 31 ученик од ОУ „Гоце Делчев“-Демир Хисар и четири полнолетни патници. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на комбето. Тој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Клинички центар Битола каде бил задржан на понатамошно лекување.  Во Клиничкиот центар Битола на преглед се јавиле возачот на автобусот и 10 патници, кај кои биле констатирани телесни повреди. Тие по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување. Во Јавната здравствена установа Демир Хисар на преглед се јавиле 26 патници, кај кои биле констатирани телесни повреди и кои по укажаната помош, исто така, биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Демир Хисар.

На 14.11.2017 година во 10.30 часот во Полициската станица Струга, од екипа на Итната медицинска помош било пријавено дека во возило (комбе) во атарот на с.Ливада, струшко, на место викано „Бело Губе“, констатирале смрт кај лицето Ф.Ш.(39) од Пешкопеја-Република Албанија. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Струга. Притоа, било утврдено дека Ф.Ш. бил ангажиран кај Д.Р. од с.Ливада како овчар, а комбето го користел како преноќиште. Во комбето била пронајдена плинска греалка која се користела за затоплување на истото. По наредба на Јавен обвинител, врз телото била направена обдукција, при што e констатиранo дека Ф.Ш. починал од труење со јаглено-моноксид. Телото на починатиот, по обезбедување на потребната документација за транспорт во Република Албанија, ќе биде предадено на семејството.

На 15.11.2017 година во 00.05 часот од страна на медицинско лице од итна медицинска помош било пријавено дека на ул. „Ибе Паликуќа“ во Скопје има починато машко лице. Од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот при што било утврдено дека починатиот е З.П.(56) од Скопје кај кого од страна на лекар не се констатирани траги на насилство. Во консултација со јавен обвинител телото на починатиот е предадено на семејството.

На 14.11.2017 година во 15.12 часот од Градската општа болница “Наум Охридски“ било пријавено дека бил донесен С.Џ. (19) од Скопје, кај кого биле констатирани тешки телесни повреди (скинати три прсти на левата рака).  Со повредите се здобил околу 14.40 часот додека работел на циркулар во фирма на ул. „Перо Наков“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 14.11.2017 година околу 20.30 часот Џ.Ш. (57) од с.Слатино, тетовско, пријавил дека истиот ден за извршување на земјоделски работи на неговата нива во атарот на с. Јанчиште ангажирал двајца албански државјани Р.С.( 19 ) и Е.К.( 23 ), кои на нивата работеле со трактори со приклучна механизација за силажа и  со приколка за собирање на силажата. Е.К, според пријавата на Џ.Ш, при остранување на дефект на машината за силажа, околу 15.00 часот ја повредил раката. Со тешки телесни повреди бил  пренесен во Клиничка болница Тетово, каде му била укажана лекарска помош по што итно бил префрлен на Клиничкиот центар Скопје. Двајцата албански државјани непријавено престојувале  во Република Македонија и поради тоа Р.С. околу 23.00 часот бил приведен и задржан во Полициската станица Тетово за натамошна постапка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 14.11.2017 година во 23,30 часот во Полициска станица Драчево Т.В.(32) пријавил дека истиот ден околу 16,00 часот на ул.Иван Хаџиниколов на автобуската постојка во близина на пазарчето додека го испраќал неговиот другар Е.Х. до нив застанало возило од кое излегол Н.Ѓ. од населба Драчево држејќи бејзбол палка во рацете. Откако започнал расправија со пријавителот го удрил со тупаница, по што Т.В. се исплашил и почнал да бега, но Н.Ѓ. го стигнал и со безбол палката го удрил на задниот дел од главата  при што му нанел повреда од која почнал да крвари  и да ја губи свеста и паднал на тротоарот. Потоа Н.Ѓ. влегол во возилото и се одалечил. На оштетениот му е укажана лекарска помош во амбулантата во Драчево, а потоа се упатил во Градската општа болница Св. Наум Охридски за понатамошно лекување. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 14.11.2017 година во периодот од  19.45 до 21.00 часот, непознати сторители извршиле тешка кражба во куќата на М.К. (55) од Тетово, на улица „Киро Ристовски-Дрнц“. Сторителите насилно ја отвориле влезната врата, влегле внатре и одзеле 4.000 швајцарски франци и 850 евра, еден таблет и разновидна бижутерија. Откако го извршиле делото побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.  

На 14.11.2017 год. околу 07.50 часот било пријавено дека на ул. „Никола Малешевски“ на прагот од влезната врата В.З.(45) пронашла четири куршуми калибар 7,65 мм. Од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на настанот.

На 14.11.2017 год. околу 13.10 часот од страна на вработен во Јавно Комунално Претпријатие  - Скопска Црна Гора било пријавено дека при изведување на градежни работи поставување канализациски цевки, односно при ископ  на земја, била пронајдена експлозивна направа. Од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот и е обезбедено се до доаѓање на вработен од Дирекција за заштита и спасување. Од страна на стручно лице експлозивната направа е подигната за понатамошна постапка.

На 14.11.2017 година во 12.40  часот во Полициската станица Чаир, Б.И. (19) од Скопје пријавил дека на 13.11.2017 година во 18.00  часот од домот во непознат правец се оддалечил  неговиот брат  Б.И. (30). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 15.11.2017 година во 01.00 часот Д.Б.(34) од Скопје, пријавил дека на 14.11.2017 година  околу 21.00 часот од дома во непознат правец се оддалечила неговата сопруга Д.Ш.(31).  Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 14.11.2017 година околу 14.00 часот на ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“  во Скопје, во подземни гаражи избувнал пожар, при што целосно било опожарено патничко возило „Застава Југо“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на фирмата „Галекс“.  Возилото  на наведената локација било паркирано пред повеќе од една година. Бил извршен разговор со Д.К. (69)-сопственик на фирмата “Галекс“, кој претпоставува дека возилото било намерно запалено, затоа што било без акумулатор и не било во возна состојба. Пожарот бил изгаснат во 14.40 часот од страна на Бригадата за противпожарна заштита.  Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.                                            

На 14.11.2017 година во 13.00 часот на Граничниот премин „Јажинце“, при пасошка контрола било констатирано дека лицето Б.Е. (22) од Косово се наоѓа на стоп листа за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ по член 144 став 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија. Во 16.50 часот тој бил  предаден на полициски службеници од Полициското одделение Јегуновце за понатамошна постапка.

На 14.11.2017 година во 17.00 часот на ул.„Железничка“ во Охрид бил затекнат  К.М.М. (31) од Република Полска. Со оглед на тоа што во неговото престојувалиште биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело „тешка кражба“, како и на други околности кои укажуваат дека истиот е можен сторител, а поради постоење на опасност од бегство, тој бил лишен од слобода и задржан во просториите на Полициската станица Охрид.  За настанот биле известени дежурен Јавен обвинител и дежурен Судија во претходна постапка од Основниот суд Охрид.

На 14.11.2017 година во 15.15 часот на Граничниот премин „Јажинце“, при  пасошка контрола, било констатирано дека лицето С.Х. (37) од Косово остварило влез во Република Македонија на 12.10.2017 година преку  Граничниот премин „Јажинце“ и не го пријавил престојот во предвидениот рок.  Во 16.50 часот тој бил предаден на полициски службеници од Полициското одделение Јегуновце за понатамошна постапка.  



СВР Тетово  поднесе кривична пријава против Ш.Р. (25) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. Ш.Р., на  13.09.2017 година околу 17.00 часот, на бензиска пумпа покрај автопатот Тетово – Скопје, физички го нападнал И.С. (21) од Тетово, по што со возилото на пријавениот се упатиле во  Клиничка болница – Тетово, каде што му била укажана медицинска помош на И.С.  

СВР Тетово поднесе кривична пријава  против  Б.Ф. (31) од с. Мала Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На  11.08.2017 година околу 04.30 часот во Казнено поправната установа Затвор – Тетово, во ќелијата  на пријавениот избувнал пожар. Според пријавениот, пожарот настанал од цигара што на пријавениот му паднала врз душекот откако заспал, по што вработените во затворот го извлекле пријавениот од ќелијата и го изгаснале пожарот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар  поднесе  кривична пријава против  К.Ф. (33) од  Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. К.Ф. на 15.03.2017 година околу 13.00 часот во Гостивар, во близина на мостот на реката Вардар, при пристапување од полициски службеници, во реката фрлил најлонска кеса со 9,48 грама марихуана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против А.Ф. (34) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 13.11.2017 година на ул. „Дебарца“ во Прилеп, при претрес во домот на пријавениот, биле пронајдени 53,07 грама марихуана.  

СВР Штип поднесе кривична пријава против Б.П. (49) од Кочани, М.Ц. (54) од Кочани, Д.А. (28) од Делчево и Б.Е. (40) од  Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „фалсификување исправа“, а против  Б.Е. (40) од  Скопје и поради постоење основи на сомнение за  сторено продолжено кривично дело „несовесно работење во службата“. Б.П., М.Ц. и Д.А. во текот на октомври 2016 година направиле лажни фактури, коишто ги употребиле во постапка за увоз, идентификација (хомологација) и регистрација на четири автобуси  „NEOPLAN BUS”, произведени во 2002 година. Б.Е., како управител на техничката служба за хомологација „АМ Церт“ ДООЕЛ Скопје, на 26.11.2016 година, на второ и третопријавениот им издал четири согласности за регистрација на наведените возила. На 09.11.2016 година, по завршување на постапката за хомологација, првопријавениот, во име на второ и третопријавениот  склучил купопродажен договор со  Д.П. од Штип, за продажба на  автобусите, при што  претходно обезбедената документација,  првопријавениот му ја предал на Д.П., којшто потоа, без да знае за вистиноста на фактурите,  документација и автобусите ги предал на правното лице „Евро Транс“ ДООЕЛ Штип. Потоа на 16.02.2017 година во СВР Штип биле регистрирани автобусите.