Извадок од дневните настани 16.11.2017

На 15.11.2017 година околу 19.30 часот на крстосницата од ул. „Македонски гемиџии“ и ул. „Буримечка“ во Битола  се случила сообраќајна незгода во која С.Т. (56) од Флорина-Република Грција, управувајќи патничко возило „Мерцедес Ц220“ со грчки регистарски ознаки, удрил во пешакот П.Н. (67) од Битола, која починала на самото место на настанот.  Смрт била констатирана од страна на екипа од Итна медицинска помош. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Битола. По наредба на Јавен обвинител над телото на починатата ќе биде извршена обдукција, а С.Т. бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Битола за понатамошна постапка.
На  15.11.2017 година во 07.35 часот на ул. „Васил Главинов“ во Штип се случила сообраќајна незгода помеѓу мопед „Јигјанг-50“ со штипски регистарски ознаки, управуван од В.Ј. (45) од Штип и патничко возило „Лада Нива“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Т.П. (47) од Штип. По незгодата, возачот на мопедот со возило на итна медицинска помош бил пренесен во Клиничка Болница Штип, каде му биле  констатирани  тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот бил извршен од екипа од СВР Штип.    
На 15.11.2017 година во 10.00 часот на ул. „Ѓорче Петров“, пред зградата на Општина Ѓорче Петров, се случила сообраќајна незгода во која возило „Ауди А4“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Р.(32) од Скопје, движејќи се наназад удрил во З.З.(67) од Скопје, која како пешак се движела по тротоарот. Од незгодата со тешки телесни повреди се здобила З.З. која со возило на брза помош била пренесена во Градската општа болница „8-ми Септември“. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.
На 15.11.2017 година во 09.30 часот на паркинг простор од поликлиниката Ѓорче Петров, на бул. „Партизански Одреди“ се случила сообраќајна незгода во која возило „Рено Трафик“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.П.(28) од Скопје, удрило во пешакот М.Л.(83) од Скопје. По незгодата, пешакот со возило на Брза помош бил пренесен во Градска Болница „8-ми Септември“, каде му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 15.11.2017 година во 12.30 часот на автопатот-обиколница на град Скопје, кај клучката Хиподром, се случила сообраќајна незгода помеѓу возилата „Фиат Добло“ управувано од А.Т.(58) и „Ланд Ровер“ управувано од К.С.(56), двајцата од Скопје. Од незгодата со тешки телесни повреди се здобил А.Т., а со телесни повреди  се здобиле сопатничките во возилото Ланд Ровер, А.Д.(23) и Д.С.(78), двете од Скопје. А.Т. и Д.С. со возила на брза помош биле пренесени во Ургентен центар, а по укажаната лекарска помош биле пуштени на домашно лекување. А.Д. со возило на брза помош била пренесена Клиниката за трауматологија каде била задржана на понатамошно лекување. Возачот К.С., по завршување на увидот, побарал лекарска помош, исто така, во Ургентен центар, а по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување.
На 15.11.2017 година во периодот од 10.00 до 13.00 часот од страна на полициски службеници од СВР Тетово, по добиена наредба од Основен Суд Тетово, бил извршен претрес во с.Старо Село во куќата на М.Д. (53). При претресот биле пронајдени и одземени: сандак во кој имало 38 пакети со по 15 куршуми калибар 7,62мм долго зрно (вкупно 570 куршуми), две бомби кашикари (едната со запалка, едната без запалка), пиштол „ЦЗ-99“ калибар 9мм со една рамка со два куршуми, кој го поседувал со дозвола, 195 куршуми калибар 7,62мм Потоа во ловџиски елек биле пронајдени 20 куршуми непознат калибар,  во чанта биле пронајдени 49 куршуми непознат калибар, 17 куршуми кал.7х56, 31 куршуми калибар 7,9мм, шест  патрони од ловечка пушка калибар 16мм, 96 куршуми долго зрно непознат калибар, како и две празни рамки за пиштол марка „ЦЗ-99“ и еден карабин со снајпер (оптички нишан) марка „ТАС“ калибар 8х57мм кој го поседувал со дозвола. Сите наведени предмети биле одземени со потврда за привремено одземени предмети. М.Д. бил задржан во Полициската станица Тетово за понатамошна постапка.
На 15.11.2017 година во 16.30 часот во Полициската станица Делчево било пријавено дека во текот на денот за укажување на лекарска помош во Јавната здравствена установа „Гоце Делчев“ - Делчево се јавиле повеќе лица (пет малолетници и две возрасни лица) кои се пожалиле на повраќање, односно дека се затруле, а претходно конзумирале храна од иста сендвичара во Делчево. Сите лица со амбулантно возило биле однесени во Медицински центар Штип за понатамошно укажување на лекарска помош. На местото на настанот излегле полициски службеници, а за случајот била известена Епидимиолошка служба - Делчево, Завод за здравствена заштита Кочани и Државен здравствен инспекторат. Сендвичарата била затворена од страна на санитарен и здравствен инспектор.
Во периодот од 14.00 часот на 11.11 до 09.00 часот на 13.11.2017 на  ул. „Васил Ѓоргов“ во Скопје, во продавница за ловна опрема, сопственост на Д.С. (62) од Скопје, непознат сторител извршил тешка кражба. Сторителот, со употреба на погоден алат, влегол во продавницата и одзел вкупно 51 разни пиштоли и револвери, по што побегнал во непознат правец. СВР Скопје презема мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.
На 15.11.2017 година во 17.30 часот на бул. „Видое Смилевски Бато“ во Скопје непознат  маскиран сторител извршил разбојништво во обложувалница. Сторителот, со закана од вработените одзел неутврдена  сума на пари и побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.
На 15.11.2017 година во 23.36 часот во Единицата за информации и команда Скопје, 16-годишник од Велес, кој е сместен во интернатот „Здравко Цветковски“ во Скопје, пријавил дека околу 15.30 часот во близина на Спортскиот центар „Кале“, четири непознати лица извршиле разбојништво над него. Лицата го пресретнале, едно од нив извадило нож, а останатите го претресувале и притоа му пронашле и одзеле 700 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.
СВР Штип  поднесе кривична пријава  против  Ш.Д. (48) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување со закана врз животот“.  Ш.Д., ноќта помеѓу 08.10. и 09.10.2017 година, во близина на едно кавадаречко село, во неговото возило, со употреба на сила и закани извршил обљуба над  Џ.М. (21) од Струга.  
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против Д.М. (58) од  с. Долна Бањица, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“  и  „предизвикување општа опасност“. Д.М. на  16.07.2017 година околу 14.50 часот на улица „Мара Угринова“ во Гостивар,  на свадбена прослава, од пиштол марка “Црвена Застава ТТ“ испукал два куршуми. Откако забележал дека рамката излегла од пиштолот, повторно ја вратил назад, се обидел да го репетира оружјето и потоа пиштолот  го вперил кон асфалтот и испукал уште еден куршум. Во тој момент пријавениот забележал дека Ц.Ѓ. (31) од Гостивар имал повреда на брадата, по што бил пренесен во Медицински Центар Гостивар, од кадешто поради серозноста на повредите бил префрлен во Универзитетска Клиника за хирургија во Скопје.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.Т. (23) од с. Волино, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанциии и прекурсори”. На  07.11.2017 година  од  14.05 до 16.10  часот во с. Волино, при претрес во домот на пријавениот, биле пронајдени 328,86 грама марихуана.
СВР Штип  поднесе  кривична пријава  против М.А. (28) од Кратово, Ј.Н. (40) и В.Ј. (47) од Куманово, поради постоење онови на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Имено, М.А., вработен како помлад соработник во Министерството за финансии-Подрачна единица-Кратово во првостепена управна постапка, врз основ на поднесена документација од Љ.С., изготвил првично нацрт Решение, а подоцна и Решение за приватизација на градежно земјиште во коешто навел дека барателот имал стекнато право на користење преку приложениот договор за поклон од 66 метри квадратни и дека истите му се приватизираат, и покрај тоа што во договорот за поклон наведените 66 метри квадратни не се наведени. Потоа, Ј.Н., во својство на Раководител на сектор во МФ-ПЕ Кратово, без да изврши должен надзор на изготвеното Решение, во коешто било наведено и дека Љ.С. корисничкото право на наведените 66 метри квадратни го добива врз основа на Решение за користење на површина во времетраење од една година, за време на градба во 1991 година без надоместок, и дека истото не може да биде предмет на приватизација, го потпишал и го доставил решението до В.Ј. Треторипријавената во својство на Државен правобранител за подрачјето на Куманово, врз основа на нацрт Решението, без да изврши должен надзор, до МФ-ПЕ Кратово, до прво и второпријавениот изготвила и доставила мислење во кое тврди дека нацрт Решението е во согласност со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште и навела дека е во согласност со Договорот за поклон. Со наведеното кривично дело пријавените сториле штета на Република Македонија во вредност од 61.974 денари.
Полициската станица Струга поднесе кривична пријава против Ш.Е. (50) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „одземање на моторно возило“ и „тешка кражба“. Ш.Е.делата ги сторил на 01.09.2017 година. Тој, прво користејќи подесен алат, насилно  го отворил патничкиот автомобил марка „Фиат Пунто“ со струшки регистарски ознаки паркиран на ул. „Ристо Крле“ и го користел за свои потреби. Во периодот од 23,00 до 07.00 часот, Ш.Е. извршил и тешка кражба во продавница во Струга. Влегол насилно во продавницата и одзел 50 штеки цигари и 7.000 денари. Со извршувањето на двете дела, пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 130.000 денари.