Извадок од дневните настани 21.11.2017

На 20.11.2017 година во 22,00 часот од страна на медицинска сестра од Клиника за гинекологија и акушерство, пријавено е дека на Клиниката, каде била примена родилка со породилни болки, дошле три машки лица- нејзини познаници, кои и донеле храна, а во сендвичот вработените пронашле четири големи таблети сина боја. Се превземаат мерки за расчистување на случајот.

На 20.11.2017 година во 23,00 часот во Полициско одделение Тераце, Б.Б.(46) од с.Доброште пријавил дека истиот ден околу 15,00 часот, заедно со неговата малолетна ќерка со возило „Махиндра“ биле во атарот на с.Доброште да собираат дрва. Во еден момент додека неговата ќерка била во возилото, а пријавителот собирал дрва, возилото од непознати причини се отпуштило и тргнало надолу, а кога истото го забележала неговата ќерка скокнала од самото возило при што удрила во камен и се здобила со повреди во пределот на главата. Тој го зел девојчето во раце и пеш тргнал кон с.Доброште, со цел да ја однесе во болница и додека се движел го сретнал А.А. од истото село кој со возило „Џип“ ги однел до с.Доброште. Кога пристигнале, забележале дека од здобиените повреди малолетното девојче починало и одлучиле да не ја носат во болница, туку ја однеле дома во нивната семејна куќа. Бидејќи пријавителот бил видно вознемирен, случајот веднаш не го пријавил во полиција. Телото на починатото дете, од страна на семејството со асистенција на полициски службеници е предадено во судска медицина за обдукција.

На 20.11.2017 година околу 19.00 часот на бул. „Крсте Мисирков“, пред поликлиника Бит Пазар, полициски службеници  извршиле  контрола во автобус кој сообраќал на релација Транспортен Центар-Бит Пазар. При преглед кај 15-годишник од Скопје, бил пронајден еден гасен сигнален приштол марка „ЕКОЛ“ калибар 9 мм и една рамка за пиштол без муниција. Малолетникот бил приведен во полициска станица за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот, против малолетникот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.11.2017 година во 15.00 часот И.Ѓ. (38) пријавил дека на 19.11.2017 година околу 02 часот од магацин на фирма на бул. „Борис Трајковски“ непознат сторител извршил тешка кражба. Сторителот со употреба на погоден алат и физичка сила го скршил катанецот и влегол во магацинскиот простор каде што одзел товарно возило „Пежо Експерт“ со скопски регистарски ознаки и во него натоварил 1200 кг стари отпадни акумулатори, по што побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и возилото и за целосно расчистување на случајот.

На 20.11.2017 година во 21.30 часот С.Т. (48) од с.Миладиновци, скопско, пријавил дека на 18.11.2017 година во 08.00 часот од дома во непознат правец се оддалечила неговата ќерка С.Т.(19). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.На 20.11. 2017   година во Полициската станица Чаир, социјален работник во Домот „25-ти Мај“ пријавила дека на 18.11.2017 година околу 19.30 часот 17 годишен штитеник се оддалечил од домот во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 21.11.2017 година во 01,00 часот во ПО Сарај Т.А.(45) пријавил дека на 20.11.2017 година неговиот татко Е.О.(69) излегол од домот со возило “Застава 101“ и заминал во с.Горни Грчец со намера да се прошета и веќе не се вратил. Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 20.11.2017 година во 23,50 часот С.О.(46) (оперативен шеф во РЖ Трубарево), пријавил дека на ул.“1“ бб нас Гоце Делчев поточно во РЖ Трубарево, од страна на непознат сторител била извршена тешка кражба при што биле одземени уреди за кочење (распоредници) од шест вагони.

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против 17 годишно лице од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. Пријавениот, маскиран, на 02-ри овој месец околу 23,00 часот во Тетово на улица “Тодор Ципоски Мерџан“, во спортската обложувалница “Моцарт“, со закана со нож кон вработениот од работната маса одзел околу 20.000 денари.  Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против 17 годишно лице и против А.А.(19), двајцата од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба на дрзок начин“. Првопријавениот на 16.11.2017 година околу 21,00 часот во Тетово, на улица “Страшо Пинџур“, во спортска обложувалница “Мар Бет“, ја турнал вработената којашто го чистела објектот и од касата одзел 8.750 денари, по што заедно со второпријавениот, којшто го чекал пред објектот, го напуштиле местото на настанот.

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Ѓ.Д.(56) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба на дрзок начин“. Пријавената на 06.09.2017 година, околу 03,45 часот во село Трубарево, Скопје во угостителски објект се доближила до масата кадешто седела оштетената и со употреба на физичка сила и го скинала златното ланче, кое што оштетената го носела на вратот  и со трчање избегала.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе  кривична пријава против О.С.(53) од Охрид, М.П.(59) од Скопје и С.П.(58) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство, постапување и промет со опасни материи или штетни организми, семенски или саден материјал“. На 21.03.2017 година кај село Трапчин, Кичево, при преглед на лица и возило “Фиат линеа“, во кое што биле второ и третопријавениот, биле пронајдени 57 пластични шишиња со жива со чистота над 99 отсто, а со тежина од 9,8 килограми. Опасната материја, по претходен договор со првопријавениот, требало да ја транспортираат од Скопје до Охрид. Шишињата со жива, првопријавениот, од 2012 година до 21.03.2017 година, ги чувал во изнајмен стан во Скопје. 

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против В.Д.(35)  и Ш.З.(38), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против О.С.(50) од Старо Нагоричане поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело “употреба на исправа со невистинита содржина”.  Првопријавениот, како одговорен наставник за вонредни ученици во средното училиште “Цветан Димов“ - Скопје и второпријавениот, како Директор во училиштето и покрај тоа што знаеле дека третопријавениот не бил запишан како вонреден ученик во 2012 и 2013 година, туку бил запишан на точно неутврден датум во 2014 година, како и дека, третопријавениот не ги полагал сите испити по предметите, своерачно, со потписи и печат му изготвиле и издале четири лажни свидетелства и диплома за положен завршен испит, како и лажна потврда, коишто третопријавениот ги употребил како доказ во правниот сообраќај во повеќе наврати, како и при засновање на работен однос на неопределено време на работно место Командир на територијална противпожарна единица во Општина Старо Нагоричане, за што од 01.01.2015 година до октомври 2017 година, му се исплатени 34 месечни бруто плати во точно неутврден износ, за којшто износ го оштетил Буџетот на Р.Македонија.