Извадок од дневните настани 22.11.2017

Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство во Велес, поднесе кривична пријава против К.И (31) и Р.K (43) и двајцата од Гевгелија, поради постоење на основано сомнение дека првопријавениот сторил кривично дело - “убиство“, а второпријавениот  сторил кривично дело - “помагање на сторител по извршено кривично дело“. Според документираните сознанија од истрагата, констатирано е дека К.И. завчера вечер (20.11.) некаде меѓу 21,00 и 22,00 часот дошол во семејната куќа на Р.К. во Гевгелија, каде ги затекнал второпријавениот и жртвата Б.Р. (41) од Гевгелија. При тоа, извадил шише ракија и заедно почнале да пијат. Во еден момент настанала вербална расправија во која К.И. го обвинил Б.Р. дека му го украл мобилниот телефон. По ова, К.И. најпрвин со употреба на физичка сила му нанел на Б.Р. удари во пределот на лицето, а потоа во континуитет продолжил да му нанесува  физички удари во пределот на главата. Откако Б.Р престанал да дава знаци на живот, К.И. и Р.К. прво го преместиле телото во друга просторија, а потоа Р.К. со умисла се обидел да ги прикрие трагите од кривичното дело. Вчера, поради основи на сомневање за сторено кривично дело - “убиство“ К.И. и Р.К. се лишени од слобода и однесени во ПС ОН Гевгелија. По наредба на јавниот обвинител, телото на жртвата е дадено на обдукција во судска медицина. Од страна на судија на претходна постапка на пријавените им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.


На 21.11.2017 година во 18,00 часот на ул. “Прилепска“ Р.Н. (51) од Битола управувајќи велосипед во моментот кога минувал крај паркирано патничко возило “Опел Корса“ со битолски регистерски таблици управувано од В.Л. (42) од Битола, удрил во отворената предна врата од возилото додека В.Л. имала намера да излезе од возилото. Во незгодата велосипедистот се здобил со тешка телесна повреда (фрактура на лев колк), и бил пренесен и задржан на лекување во Клиничката Болница во Битола. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Битола. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 21.11.2017 година во 17,05 часот во Кочани на ул.„Теодосија Паунов“ се случила сообраќајна незгода во која М.С. (24) од с.Оризари, управувајќи патничко возило „Форд Фокус“ со кочански регистерски таблици удрил во тројца пешаци, од кои двајца на возраст од 16 и еден на возраст од 17 години. Во незгодата пешакот на возраст од 17 години се здобила со тешка телесна повреда. Таа по укажаната лекарска помош во Јавната здравствена установа-Кочани била префрлена во Ургентниот Центар во Скопје. Другите двајца пешаци се здобиле со телесни повреди и по укажаната лекарска помош биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ПС-Кочани. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 21.11.2017 година околу 08,00 часот на бул. “Никола Карев“ во Скопје пред основното училиште “Битолски конгрес“ се случила сообраќајна незгода меѓу возило “Фолксваген Венто“ управувано од Ј.Т.(52) од Скопје и автобус “Ман“ управуван од Б.С.(49) од Скопје. По незгодата, уште едно возило управувано од засега непознат учесник удрило во задниот дел од “Вентото“, и веднаш го напуштило местото на настанот. Во сообраќајката со повреди се здобил возачот Ј.Т. кој со возило на  брза помош бил пренесен во Ургентниот центар каде од страна на доктор му биле констатирани тешки телесни повреди, а по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување.

На 22.11.2017 година во 00,40 часот во СВР-Скопје, С.К вработен на бензинска пумпа “Макпетрол“ лоцирана на ул.„Козле“, пријавил дека непознато лице со качулка на главата и со закана со пиштол извршил разбојништво при што биле одземени парите од дневниот промет. По разбојништвото сторителот го напуштил местото на настанот.  Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
                                          
На 21.11.2017 година околу 21,40 часот било пријавено дека во Струмица на ул.„24-ти Октомври“, додека Р.М. (80) се движела по тротоарот од зад грб била физички нападната од непознато женско лице, кое и ја одзело чантата и го напуштило местото на настанот. Р.М. почнала да вика за помош и неколку малолетни лица успеале да ја сопрат сторителката да влезе во такси возило кое било паркирано во близина, по што и ја зеле чантата и и ја вратиле на оштетената. Сторителката која имала оставено бебе во такси возилото, го зела детето и го напуштила местото на настанот. Оштетената забележала дека од чантата и недостасува паричникот, а од нападот се здобила со повреди, по што била пренесена во Јавната здравствена установа-Струмица каде и била констатирана тешка телесна повреда. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 21.11.2017 година во 21,50 часот во ПС-Кисела Вода, Р.И. (45), пријавил дека околу 21,30 часот неговата ќерка А.И.(19) му кажала дека на нејзиниот мобилен телефон и се јавило лицето Н.Х. (25) и ја прашал каде е нејзината 13- годишна сестра. Пријавителот се јавил на телефонскиот број од кој била повикана А.И. по што Н.Х. му одговорил дека го зел девојчето и ја прекинал врската. По околу десетина минути на пријавителот му се јавил И.Х., чичко на Н.Х., кој исто така му кажал дека девојчето било кај нив и ја прекинал врската. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето и целосно расчистување на случајот.

На 21.11.2017 година околу 14,15 часот било пријавено дека во Скопје на ул.“Народни Херои“ во близина на крстосницата со ул. „Ѓорѓи Димитров“, Д.А.(33) управувајќи патничко возило “Застава“ со скопски регистерски таблици му го пресекол патот на автобусот на ЈСП бр.24, управуван од М.И. (52), при што излегол од возилото, искршил еден од прозорците на автобусот и физички го нападнал М.И. со дрвена безбол палка во пределот на главата. Од страна на полициски службеници Д.А. бил лишен од слобода и приведен во ПС-Кисела Вода за понатамошна постапка.

                                          
На 21.11.2017 година во 07,30 часот во Полициско одделение-Сарај, Т.А. пријавил дека во пошумениот дел од с.Горни Грчец, го пронашол починат неговиот татко Е.О. (69) од с.Грчец-скопско, кој на 20.11.2017 година бил пријавен за исчезнат. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Скопје. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.

СВР Струмица поднесе три кривични пријави против Н.П. (19) и едно лице на возраст од 15 години двајцата од село Ангелци-Василево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „одземање на возило“. Пријавените ова кривично дело го сториле во повеќе наврати во текот на минатиот и почетокот на овој месец. Прво на 18.10. од дворно место во с.Градошорци одзеле трактор со кабина, потоа ноќта на 25/26.10. од дворно место во с.Костурино одзеле трактор, наредниот ден 27.10. во Струмица на улица „Иљо Шопов“  одзеле возило „Југо Корал“. Потоа ноќта помеѓу  28 и 29.10. во Струмица на истата улица одзеле возило „Опел Астра“. И последниот случај - ноќта помеѓу 06/07. овој месец во Струмица на улица „Јанко Цветинов“ одзеле возило „Југо Корал 45“.

ПС ОН Неготино поднесе кривична пријава против В.А.(54) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот, во својство на градоначалник на општина Неготино на 11.01.2016 година склучил договор со  Г.Н. од Неготино, за проценка на данок на имот за потребите на општина Неготино, за што општината на Г.Н. и исплаќала по 10.000 денари и персонален данок месечно, без при тоа да спроведе тендерска постапка. Договорот бил со важност до 31.12.2016 година,  со што, пријавениот, го оштетил буџетот на општина Неготино за 132.000 денари. Покрај ова, пријавениот не извршил исплата за надоместок за одржана седница на 12 советници, кои што биле присутни на седницата одржана на 01.03.2013 година, додека исплатил надоместок само на двајца советници во износ од 9.723 денари. В.А. спротивно на Законот за образование, овозможил  В.Ј. да ја извршува функција - вршител на должност директор на  ООУ “Гоце Делчев“ - Неготино од  24.09.2012 година до 18.11.2013 година.

НК КР Делчево поднесе кривична пријава  против Т.Д. (69) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување” и „измама”, и против С.Б.(54) од село Габрово-делчевско, за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”. Првопријавениот, како овластено лице за застапување на правното лице “Синдикална Организација” - АД Руен ИТ Кочани, и покрај тоа што знаел дека била започната постапка за бришење на Синдикалната организација од Централниот регистер, склучил купопродажен договор со ЈП „Македонски шуми“ за купување на 560 метри кубни дрва во износ од 1.896.496 денари. Второпријавениот, како тогашен директор на ЈП „Македонски шуми“ Подружница шумско стопанство „Голак“ Делчево, по склучувањето на  договор со правното лице дозволил да се испорачат дрва во износ од 540.401 денари без покритие. Поради тоа, пак, односно поради неисплатениот долг кон ЈП „Македонски шуми“- Делчево, од страна на јавното претпријатие е поднесена тужба против Синдикалната организација при АД Руен ИТ Кочани. Но тужбата била отфрлена поради тоа што тужениот бил избришан од Централниот регистар, пред склучување на договорот. На овој начин пријавените овозможиле Синдикалната организација при АД Руен ИТ  Кочани да се стекне корист  од  540.401 денари на штета на ЈП Македонски шуми - Шумско стопанство “Голак“ Делчево.