Извадок од дневните настани 25.11.2017

На 24.11.2017 година во 22:26 часот во Единицата за информации и команда  било пријавено дека на ул.Лазо Трповски, имало пукотници на улица и имало повредено лице. По дознавање за настанот, од страна на полициски екипи од СВР Скопје е излезено на лице место. Утврдено е дека настанот се случил во 22:20 часот во непосредна близина на чајџилницата „Диселдорф“, И. А. (37) од с.Блаце, Скопје починал на лице место, а повреден е Ќ. Л. (52). од  Скопје.
Пред настанот, И.А. и Ќ.Л. биле во чајџилницата „Диселдорф“ и кога излегле од таму влегле во возило марка Пасат, кое било паркирано во непосредна близина на чајџилницата, а е сопственост на М.С.. И.А. седнал на возачкото место, а Ќ.Л. на совозачкото. Откако го стартувале возилото и се придвижиле во насока од ул.Лазар Трповски во правец кон ул.„Втора Македонска Бригада“, од непосредна близина од страната на возачот (сега починатиот) НН сторител со употреба на огнено оружје испукал повеќе куршуми во правец на возилотo, при што со неколку куршуми смртно го застрелал И.А., а со еден куршум го ранил Ќ.Л. во левото рамо, по што сторителот избегал.
Повредениот Ќ. Л.  е пренесен во Ургентен Центар при Клинички центар „Мајка Тереза“.
Увидот е извршен од страна на ЕУМНА при СВР Скопје во присуство на дежурниот јавен обвинител. Од лице место подигнати се 11 чаури и предметното возило за крим техничка обработка и истите ќе бидат предмет на вештачење, додека од починатиот одземени се мобилни телефонски апарати, облеката и други лични предмети, земена е парафинска ракавица и истите ќе бидат предмет на вештачење.
Телото на починатиот по наредба на дежурен Јавен обвинител е предадено за обдукција во ИСМК. Во соработка со Основното јавно обвинителство  се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


На 24.11.2017 година во 13.15 часот во Полициската станица Центар, М.А. (22) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 12.15 часот во тоалет во Градскиот трговски центар неколку непознати лица извршиле разбојништво над него.  Сторителите со употреба на физичка сила му одзеле 7.600 денари и картичка за автобуски превоз, по што побегнале. По кратко време, во врска со настанот, во Полициската станица Центар биле приведени пет малолетници од Скопје (од нив четири се на 16-годишна возраст, а еден е 17 години). По приведувањето кај едно од лицата бил пронајден и со потврда за одземени предмети, бил одземен нож. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, како и за можна поврзаност на групата со други кривични дела разбојништва извршени во текот на изминатиов период.   

На 24.11.2017 година околу 15.40 часот, пред куќата на Ј.Ц. (30) на ул. „Ленин“ во Тетово, И.Х. од Тетово побарал Ј.Ц. да му врати 1000 евра кои наводно му ги должел. Според пријавата, И.Х. почнал да вика и да му се заканува на Ј.Ц., по што влегол во дворното место и се упатил кон куќата. Кога излегле родителите на Ј.Ц., И.Х. извадил нож и се заканил дека ќе го убие. Родителите на Ј.Ц. пријавиле во полиција, по што полициски службеници го привеле И.Х. во СВР Тетово, каде со потврда за привремено одземени предмети му бил одземен ножот. СВР Тетово презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
На 24.11.2017 година околу 15.20 часот, додека Т.Б. (26) од Битола со своето возило, заедно со сопругата Х.З., нејзината сестра Е.З. и нејзиниот пријател Д.Д., се враќале од Нижеполе, ги претекнало возило „Киа Пиканто“ и на тој начин ја загрозило нивната и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Поради тоа, преку прозорците од возилата имале кратка расправија со возачот на “Киа-та“, по што продолжиле да возат. Откако ги оставиле Д.Д. и Е.З., Т.Б. и неговата сопруга се упатиле на паркинг кај Саат кулата. Таму биле пресретнати од истото лице кое ги блокирало со своето возило, извадило пиштол и почнало да им се заканува. Лицето удирало по возилото и се обидувало да ја отвори вратата. По кратко време, на местото настанал метеж од други возила, кои не можеле да поминат, по што лицето влегло во возилото и заминало. По пријавување на настанот во 20.55 часот на ул.„Партизанска“ во Битола бил извршен преглед на патничко возило „Киа Пиканто“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Д.Г. (29) од Битола.  Во СВР Битола бил извршен разговор со Д.Г. и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“ по член 133 од Кривичниот законик на Република Македонија.


На 24.11.2017 година околу 10.30 часот на крстосницата с.Арачиново-с.Орланци, скопско, полициски службеници стопирале патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.С. од с.Арачиново. Тој почнал вербално да ги навредува полициските службеници и во еден момент физички нападнал еден полициски службеник. Го удрил во градите и побегнал. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето и за целосно расчистување на случајот.


На 24.11.2017 година во 09.10 часот во експозитура на „ТТК Банка“ на ул. „Пролетерски Бригади“ во Струга непознат сторител извршил разбојништво над вработените. Сторителот со закана со пиштол од вработените одзел околу 220.000 денари (1600 евра, 500 швајцарски франци и 100.000 денари).  Сторителот влегол во банката, го вперил пиштолот кон една од вработените барајќи и пари, а воедно и фрлило ранец. Вработената во ранецот ги ставила парите, по што лицето побегнало во непознат правец.  Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.


На 24.11.2017 година околу 20.50 часот во маркет на ул. „Дешка Тошева“ во Кавадарци непознат маскиран сторител извршил разбојништво над вработената. Сторителот со закана со нож од вработената одзел 4.850 денари, по што побегнал во непознат правец. Полициската станица Кавадарци презема мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кратово поднесе кривична пријава против Друштво за рударство и градежништво “СИЛЕКС НЕМЕТАЛИ СТ ДООЕЛ“ - Кратово и против одговорното лице В.Р. (67) од Кратово поради постоење основи на сомнение  за сторено  продолжено кривично дело „бесправно градење”.  Пријавените, од 05.10.2017 година до 11.10.2017 година,  во селата Куклица (локалитет Камени кукли), Крилатица, Страцин и Тополовиќ, во рамките на општина Кратово, изведувале градби на локални патишта на туѓо земјиште, без одобрение за градење.