Извадок од дневните настани 26.11.2017

На 25.11.2017 година во 20.00 часот на локалниот пат Струмица-с.Просениково се случила сообраќајна незгода во која П.А. (32) од Струмица, управувајќи патничко возило „Фолксфаген Шаран“ со струмички регистарски ознаки, поради неприлагодена брзина кон условите на патот, изгубил контрола над возилото удрил во бетонски столб и метална врата од дворот на поранешен објект на Македонската радио дифузија. Во незгодата сопатникот М.М. (35) од Струмица се здобил со тешки телесни повреди, и на пат за Медицински центар Струмица тој им подлeгнал на повредите. Возачот П.А. и другиот сопатник Р.А. се здобиле со телесни повреди. Тие биле пренесени и задржани на лекување во Медицински центар Струмица. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Струмица.
На 25.11.2017 година околу 13.45 часот на бул. „Гоце Делчев“ во Гостивар, Б.Ќ. (66) од Гостивар, управувајќи патничко возило „Фиат темпра“ со гостиварски регистарски ознаки, удрил во велосипедистот А.Р. (73) од с.Чајле, гостиварско.  По незгодата, велосипедистот со такси возило бил пренесен во Медицински центар Гостивар, каде му биле констатирани лесни телесни повреди, но бидејќи не се чувствувал добро бил задржан на понатамошно испитување. По  кратко време,  А.Р. со болничко возило, бил пренесен во Клиничкиот центар Скопје, каде што на 26.11. во 06.15 часот починал. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Гостивар. По наредба на Јавен обвинител над телото на починатиот ќе биде извршена обдукција.
На 25.11.2017 година околу 02.30 часот кај Братин Дол во Битола се случила сообраќајна незгода во која Е.М. (23) од Битола, управувајќи патничко возило „Ауди А3“ со гостиварски регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле двете сопатнички А.К. (20) од Битола и А.Б. (24) од Охрид. А.К. била задржана во Клиничка болница Битола на понатамошно лекување, додека А.Б. со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Општа болница Охрид каде била задржана на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Битола.  
На 24.11.2017 година во 21.15 часот во Полициската станица Струга, И.М. (28) од Струга пријавил дека истиот ден околу 20.00 часот, позади „Пензионерскиот дом“-Струга, со патничко возило „БМВ“ со струшки регистарски ознаки, сопственост на неговата сестра, а управувано од М.Н., кога пристигнале и излегле од возилото, М.Н. ненадејно со нож го прободел во пределот на десната страна на грбот, по што И.М. паднал на земја. Тогаш, М.Н. со јаже му ги врзал  нозете, му го одзел возилото и  заминал во непознат правец.  По околу 20 минути  И.М. успеал да се одврзе и отишол во еден угостителски објект, од каде со лицето Ј.М. се упатиле во Медицински центар Струга. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.    
На 25.11.2017 година во 07.40 часот во Полициската станица Куманово било пријавено дека во Медицински центар Куманово бил донесен Д.П. (26) од Куманово со убодна рана во пределот на десната нога. Истиот ден околу 07.00 часот, додека Д.П. бил дома, на мобилниот телефон му се јавило непознато лице и побарало да излезе надвор бидејќи требало да му даде нешто. Д.П. излегол надвор и во моментот кога сакал да се поздрави со лицето, од позади грб друго непознато лице го удрило со дрвена рачка од метла. Тој паднал на земја, а непознатите лица почнале да го удират со дрвената рачка, со пластична цевка и со нозе во пределот на телото и главата. Во еден момент, едно од лицата со нож го прободело во пределот на десната нога. Д.П. успеал да избега и да влезе во куќата, од каде бил однесен во Медицински центар Куманово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 25.11.2017 година околу 13.10 часот во канцеларија во агенција за обезбедување на лица и имот во Штип, Л.П. (32) од Штип со цел да изврши проверка го земал пиштолот „Берета“ калибар 7,65мм, кој го поседувал со дозвола. Во еден момент дошло до испукување при што си нанел прострелна рана во пределот на десната дланка. Тој бил пренесен во Клиничка болница Штип, од каде бил префрлен во Ургентен центар Скопје. По санирање на повредата самоволно ја напуштил болницата. СВР Штип презема мерки за расчистување на случајот.    
На 25.11.2017 година во 09.15 часот лицето Б.Ј. (75) од Скопје пријавил дека во периодот од 17.00 часот на 24.11. до 08.30 часот на 25.11.2017 година на бул. „Јане Сандански“ од страна на  непознат сторител му било одземено патничко возило „Пежо 207“ со скопски регистарски ознаки. На тој начин сторителот се стекнал со противправна имотна корист од 300.000 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и возилото и за целосно расчистување на случајот.
На 25.11.2017 година во 00.25 часот во Полициската станица Карпош, лицето К.Ц. (42) од Скопје пријавил дека во периодот од 21.00 до 23.00 часот на 24.11.2017 година, на ул. „Јуриј Гагарин“, од страна на непознат сторител му била извршена кражба на патничко возило „Рено Клио“ со скопски регистарски ознаки. На тој начин сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 150.000 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и возилото и за целосно расчистување на случајот.
На 25.11.2017 година, во периодот од 18.50 до 19.30 часот, во Скопје биле извршени пет кривични дела “разбојништво“. Околу 18.50 часот на бул. „Партизански Одреди“ две непознати лица со закана со нож извршиле разбојништво над Т.Г., при што му одзеле 300 денари и слушалки од мобилен телефон. Околу 19.00 часот на бул. „Партизански Одреди“, во близина на Универзална сала, две непознати лица извршиле разбојништво над М.П., при што со закана со нож му одзеле пари. Околу 19.00 часот, на ул. „Даскал Камче“ две непознати лица со закана со нож извршиле разбојништво над С.С. и Д.Д., при што им одзеле околу 400 денари и побегнале. Околу 19.30 часот,  на автобуската станица кај Трговскиот центар Буњаковец две непознати лица со закана со нож извршиле разбојништво над А.Р. при што му одзеле околу 500 денари и побегнале. И околу 19.30 часот, на ул. „Иван Козаров“  две непознати лица со закана со нож извршиле разбојништво над тројца малолетници, при што им одзеле 500 денари и побегнале. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на сите случаи.