Извадок од дневните настани 27.11.2017

На 26.11.2017 година околу 08.50 часот во казино на бул. „Партизански Одреди“ во Скопје непознато маскирано лице извршило разбојништво. Сторителот, со закана со нож и палка, од вработените одзел околу 130.000 денари од дневниот промет и побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот.
На 25.11.2017 година во 23.15 часот, М.Б. (42) од Куманово пријавила дека истиот ден околу 21.30 часот на ул. „Методија Андонов-Ченто“  нејзиниот 16 годишен син физички бил нападнат од страна на неколку непознати лица. Напаѓачите го удирале со тупаници и клоци во пределот по телото и главата по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.
На 26.11.2017 година околу 20.50 часот во сопствената викендица на Попова Шапка пронајден бил починат С.П. (74) од Скопје. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.
На 26.11.2017 година во 18.15 часот во Полициската станица Драчево, В.А. (67) пријавил дека истиот ден околу 13.00 часот од домот во непознат правец  се одалечил неговиот брат  М.А. (63). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 26.11.2017 година околу 08.10 часот на ул. „Генерал Михајло Апостолски“ во Штип, спроти Народен театар „Ацо Шопов“, граѓанин пронашол пиштол марка „ЦЗ“ калибар 9 мм со празна рамка. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Штип. Пиштолот бил подигнат за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за рачистување на случајот.
На 26.11.2017 година во 21.00 часот во Полициската станица Тетово, М.Ц. (56) од Тетово пријавил дека непознати сторители извршиле разбојничка кражба во обид во неговиот дом. Истиот ден, во периодот од 18.00 до 20.30 часот, кога се вратил дома, во дворот забележал непознато лице со пиштол во рака. Го прашал што бара тука, а тој му рекол да застане да не го убие. Од куќата излегло друго непознато лице со маска на главата, го удрил М.Ц. со бокс во главата, по што и двајцата избегале во непознат правец. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Тетово. Притоа, било констатирано дека во спалната соба било ивршено пребарување, но не било одземено ништо. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.                                                                        
СВР Скопје поднесе кривична пријава протов  С.Е. (36) и А.Р. (28), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Во февруари годинава пријавените извршиле тешка кражба од куќа, при што одзеле надворешна единица од топлинска пумпа, Бафер за топла вода, комплет манометри, компресор и три лап-топ компјутери, со што се стекнале со противправна имотна корист од околу 440.000 денари, а причиниле материјална штета од околу 6.000 денари.
Полициската станица Виница поднесе кривична пријава против Б.Д. (33) од  Штип, oдговорно лице во Друштво за градежништво, производство, трговија и услуги “Чае Благој“ ДООЕЛ увоз-извоз со седиште во с.Блатец-Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“ и против Р.Ѓ. (34)  од  Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “вршење на јавен превоз без поседување  лиценца“. Б.Д., од фирма од Охрид купил товарно моторно возило марка „Ман“, увезено во Република Македонија како возило за специјални намени, по што го преправил и го прилагодил за да врши превоз на дрвни сортименти. Откако возилото станало сопственост на неговото правно лице бил должен најпрвин да го регистрира во Република Македонија, а потоа до Министерство за транспорт и врски на Република Македонија да поднесе Барање за спроведување на законска постапка по која што од страна на Министерството требало да му биде издаденo извод од Лиценца за вршење на јавен превоз во внатрешниот патен сообраќај за возилото. Б.Д., без да го стори тоа, во корист на неговата фирма издавал испратници и вршел превоз на дрва по претходно склучени договори до крајните купувачи. На 30.07.2017 година Б.Д. го ангажирал Р.Ѓ., кој што не бил вработен во неговата фирма, да го управува предметното возило во внатрешниот патен сообраќај, без да поседува Лиценца и извод од Лиценца за истото. Со извршувањето на погоре наведените противзаконски дејствија, Б.Д. се стекнал со противправна имотна корист од 513.377 денари .
СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Е. (54) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „фалсификување исправа“, против С.Т. (40) од  Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „поднесување лажен доказ“ и против Б.Р. (49) од  с.Матејче, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство“ во врска со „измама“. М.Е. во декември 2014 година во Швајцарија купил товарно возило „Пежо Боксер“, по што направил лажен купопродажен договор дека на 20.03.2014 година со С.Т., којшто веќе поседувал потврда од СВР Куманово  дека е одјавен во 2004 година и престојува во Република Бугарија, дека е купувач на возилото, со што го исполнувал условот од Законот за возила, да го довезе возилото во Република Македонија. С.Т., и покрај тоа што знаел дека договорот е лажен, го приложил како доказ во управна постапка во Царинарница Куманово – Царинска Управа на Р.Македонија, Бирото за метрологија при Министерството за Економија и Техничка служба АМ ЦЕРТ ДООЕЛ Скопје, со што се стекнал со согласност за регистрација на половно моторно возило увезено од странство. Потоа, М.Е. и С.Т. го продале возилото на Х.Т. (39) од с. Гајре за износ од 8.000 евра. Б.Р., и покрај тоа што знаел за незаконските дејствија, го довезол возилото од Швајцарија, посредувал при продажбата и ги поднесувал документите за превод и заверка кај нотар.
Полициската станица Радовиш поднесе кривична пријава против Е.И. од с.Тополница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и против А.А. од с. Тополница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење на службено дејствие“. На 07.11.2017 околу 17.00 часот во близина на с. Тополница, при одземање на трактор со приколка  натоварена со дабови огревни дрва, управуван од Ј.Б. од с.Тополница, без соодветна документација за огревните дрва, првопријавениот со тврд предмет удрил полициски службеник, додека второпријавениот им се заканувал по животот и телото на полициските службеници, со што ги спречил  во вршење на службено дејствие.