Извадок од дневните настани 28.11.2017

На 27.11.2017 година околу 19.30 часот на крстосницата од ул. „Климент Охридски“ со ул. „Братство Единство“ во Струмица се случила сообраќајна незгода во која патничко возило непозната марка и регистарска ознака, управувано од непознато лице, удрило во пешакот Џ.Т. (17) од с.Градошорци, по што го напуштило местото на настанот. Џ.Т. се здобила со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош била задржана на лекување во Медицинскиот центар Струмица. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Струмица. 

На 27.11.2017 година во 15.25 часот  Г.Ј. (48) од Скопје пријавил дека во периодот од 13.00 часот на 25.11.2017 до 08.00 часот на 26.11.2017 година непознат сторител извршил тешка кражба во храмот  “Света Злата Мегленска“  на влезот во с.Сарај. Сторителот го украл црковното sвоно (камбаната) со тежина од 160 килограми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 27.11.2017 година околу 09.40 часот, при излегување од Трговскиот центар „Сити Мол“ во Скопје, С.Ѓ. (19), вработен во „Спорт Вижн“, се упатил кон „Комерцијална Банка“ да изврши уплата на прометот. Притоа, тој бил пресретнат од две непознати лица, кои со удар по стомакот и главата му одзеле кеса во која имало 1.049.100 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 27.11.2017 година околу 17.30 часот во Полициската станица Гази Баба, З.И. од Скопје, пријавил дека во неговата фирма лоцирана на ул. „Лазар Поп Трајков“, две непознати лица извршиле разбојништво врз лице вработено во фирмата. Сторителите влегле во објектот и со закана со огнено оружје, ја врзале вработената. Едно од лицата ја чувало, а другото лице извршиле претурање и пребарување по канцелариите, по што заминале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Д.А. (42) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 26.11.2017 година во казино на бул. „Партизански одреди“ во Скопје, пријавениот со закана со рачна пила, одзел околу 126.570 денари. Истиот ден бил извршен претрес во домот на пријавениот каде бил пронајдени поголем дел од одземените пари. Остатокот ги потрошил за свои лични потреби.  

СВР Тетово поднесе кривична пријава против осум малолетници(по двајца на возраст од 14 и 15 години и четири на возраст од 13 години) од с.Боговиње, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 12.10.2017 година во просториите на Полициското одделение Камењане, од страна на родителите на тројца ученици во второ одделение во основното училиште „Абдил Фрашери“ во село Боговиње, било пријавено дека нивните деца секој ден околу еден месец биле малтретирани од страна на пријавените. Пријавените секој ден ги носеле оштетените позади училиштето каде им ги земале парите и ги удирале задавајќи им видливи повреди.  

СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава против шест малолетници (пет на возраст од 15 и еден на возраст од 16 години) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „разбојништво.“ Пријавените извршиле  две разбојништва во Скопје, во Градскиот трговски центар на 07.11.2017 година и на 24.11.2017 година. Тие им приоѓале на оштетените и со закана со физичка сила, од едниот оштетен одзеле два мобилни телефони, а од другиот 7.600 денари и картичка за градски превоз.  

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Р. (49) од с.Челопек поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „гонење за дела меѓу блиски сродници“ во врска со кривично дело „тешка кражба“. На 12.08.2017 година од страна на Е.Р. (20), било пријавено кривично дело „тешка кражба“ во куќа на злато и златен накит со претпоставена материјална штета во висина од 730.000 денари. Од преземени мерки било утврдено дека пријавениот, брат на оштетениот, критичниот ден се спремал да патува во Германија бидејќи бил вработен како возач на автобус, додека неговото семејство не било дома. Тој се обидел да ги добие по телефон со цел да им каже дека планира да го земе златниот накит во Германија за да расчисти паричен долг, но бидејќи не можел да ги добие го зел златото и заминал на пат. На 15.08.2017 година пријавениот се вратил од пат во Република Македонија и тогаш бил известен од неговата сопруга дека им била извршена кражба на злато во куќата. Тој појаснил дека тој го зел златото и самиот се јавил во просториите на Полициското одделение Жеровјане.

Полициската станица Струга поднесе кривична пријава против Џ.И. (23) од Гостивар поради постоење онови на сомнение за сторени пет кривични дела и тоа: три кривични дела „тешка кражба“ и две кривични дела „одземање на моторно возило “. Џ.И. на 07.11.2017 година во канцеларија на такси компанија одзел пари и два пара клучеви од возило, а потоа одзел патничко возило ,,Опел Астра” кое било паркирано пред канцеларијата. На 17.11.2017 година во автомеханичарска работилница одзел 1.000 денари. Истиот ден, во салон за керамички плочки одзел клучеви од патничко возило паркирано пред салонот, го запалил и се упатил во непознат правец со што причинил матерјална штета од 250.000 денари .