Извадок од дневните настани 29.11.2017

  На 29.11.2017 година во 02,00 часот во Скопје на улица „Методија Андонов Ченто“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Фолксваген Голф“ со скопски регистарски ознаки управувано од Ф.П.(41) од Скопје, и патничко моторно возило  „Рено Велсате“ исто така со скопски регистраски ознаки управувано од А.Г.(40). Од незгодата со телесни повреди се задобил Ф.П., кој со возило на брза помош е пренесен во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“, а по укажаната лекарска помош истиот е препратен во Ургентен Центар-Скопје и по укажана лекарска помош  е пуштен на домашно лекување. За време на незгодата учесникот А.Г. се пожалил на повреди, но до завршување на увидот истиот не се јавил на лекарски преглед. Ивршен е увид на место на настанот.

На 28.11.2017 година околу 17,15 часот во Гостивар две непознати лица извршиле разбојништво над И.Д.(44), при што од џебот од јакната му одзеле 120.000 денари. Имено, додека И.Д се движел, забележал дека бил следен, а кога пристигнал пред својата куќа, едно лице од зад грб му ставило рака на устата, а со другата го фатил за врат, додека друго лице почнало да му пребарува по џебовите. Во моментот кога му ги одзеле парите, од дворот излегла неговата сопруга, која почнала да вика, по што лицата избегале. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.

На 28.11.2017 година во 13,55 часот во Кочани, ул. “ВМРО“ на место викано „Триаголник“, полициска службеничка при вршење работи од областа на безбедноста, била физички нападната од Г.Ј.(33) од Кочани, при што тој прво почнал да ја омаловажува, а потоа ја турнал, од што таа се здобила со телесна повреда. Лицето е приведено во Полициска станица Кочани и против истото ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 28.11.2017 година околу 13,50 часот во Прилеп на улица „Иво Лола Рибар“ во механичарска работилница, Ѓ.А.(65) од Прилеп, додека вршел поправка на патничко моторно возило „Сеат Толедо“ со прилепски регистарски ознаки  сопственост на С. Д., од непознати причини избувнал пожар во возилото, при што Ѓ.А. со црево се обидел да го изгаси пожарот, но во еден момент паднал во безсознание. Од екипа на Итна медицинска помош Ѓ.А. е пренесен во Медицински центар Прилеп каде е констатирана смрт. Од обавен разговор дознаено е дека починатиот боледувал од срце. Од страна на Противпожарна екипа Прилеп пожарот е изгаснат. Увид ќе се врши во текот на денов.
                                     
На  28.11.2017 година во 21.30 часот, Ј.К. (58) од Скопје пријавила дека на 28.11.2017 година околу 07.00 часот од дома во непознат правец се одлечила нејзината мајка С.П.(87) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.  

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против М.Х.(28) од Скопје  и А.Ф.(31) од с.Жеровјане, тетовско, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело “Предизвикување општа опасност“. На 07.08.2017 година околу 00,30 часот додека две лица на возраст од 28 и 32 години – германски државјани, со возило со германски регистарски таблици се движеле во правец на с.Теново, на самиот влез од селото бил паркиран второпријавениот со возило кој поради нерасчистени односи им го попречил патот на оштетените. Во тој момент пристигнал и првопријавениот со неговото возило и истиот директно удрил во задниот дел од возилото на оштетените, додека второпријавениот со своето возило удрил во страничниот дел од страната на сувозачот, по што оштетените успеале да побегнат и да го пријават случајот во Полициското одделение Жеровјане.
Полициската станица Прилеп поднесе кривична пријава против В.П.(31) од Прилеп, поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело “даночно затајување“. Во 2014 година, пријавениот во својство на овластен потписник на трансакциските сметки на правниот субјект „Омниа Солушн“ Прилеп, како и во својство на сопственик, управител и единствен потписник на трансакциска сметка на правниот субјект „Глобул Корпорејшн“ ДООЕЛ Прилеп, во името на правните субјекти од приходот што го оствариле од вршење на основната дејност, евидентиран на сметката на правните субјекти во банките, подигнал паричен износ на име материјални трошоци без да приложи документација за економска оправданост во сметководствената евиденција за подигнати парични средства во висина од 1.526.913 денари. Подигнатите средства ги користел за лична потреба, без да плати персонален данок на доход во износ од 169.640 денари.

Полициската станица Кочани поднесе кривична пријава против К.Л.(39) од с. Облешево, Чешиново- Облешево, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во 2014 година, пријавениот во својство на градоначалник на посочената општина искористувајќи ја својата службена положба ги пречекорил границите на своите овластувања постапувајќи спротивно на Законот за јавни набавки,  на тој начин што без  да спроведе јавна набавка го избрал правен субјект од Скопје да изврши воздушно снимање со дрон за време на тридневните активности за одбележување на празникот на општината „Мала Богородица“. На 10.12.2014 година, пријавениот на правното лице му исплатил фактура, со што го оштетил буџетот на општината за износ од 87.084  денари.

Полициската станица Кратово поднесе кривична пријава против М.С.(49) од Кратово, поради основано сомнение дека сторил кривично дело ,,Злоупотреба на службена положба и овластување”. Во 2015, 2016 и 2017 година, пријавениот во својство на сопственик и управител на ДТПТУ ,,Студени дол ДООЕЛ,,Увоз-Извоз- Кратово, без да поседува лиценца за вршење на јавен превоз на дрво во внатрешен сообраќај, со товарно моторно возило за кое не поседува извод од лиценца, извршил превоз на 1.703 метри кубни трупци-дрвни сортименти за фирма во Кочани и превоз на 442 метри кубни  огревно дрво за вработените во Јавната здравствена установа во Кратово, за СОУ,,Митко Пенџуклиски,,-Кратово и за Општина Кратово, со што по извршената наплата на паричните средства за извршениот превоз на горенаведената количина на трупци и огревно дрво, овозможил неговото правно лице да се стекне со противправна  имотна корист во вкупен износ 1.506.532 денари.
Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Ј.И.(42) од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сторила три кривични дела „измама“. Во периодот од јуни до август 2017 година, пријавената преставувајќи се како адвокат наводно вработена во адвокатска канцеларија како адмистративен службеник, со лажно прикажување и прикривање на факти, измамила лица на тој начин што лажно им ветила дека ќе им го намали данокот на промет за куќа, како и дека ќе изврши уплата за данок на имот за куќа на оштетен, а добиените парични средства за услугите ги потрошила за лична потреба, со што се стекнала со противправна имотна корист во вкупна вредност од 120.600 денари.

Сектор за внатрешни работи Струмица поднесе  кривична пријава против К.З.(61) од Струмица, за сторено кривично  дело  „Мачење животни“.  На 26.11.2017 година, пријавениот од с.Борисово до продавнца во с.Мокриево, со метален синџир го врзал своето куче за задната страна на возилото, и додека го управувал возилото го влечел животното.