Извадок од дневните настани 30.11.2017

На 29.11.2017 година во 15.10 часот на ул. „Карл Маркс“ во Штип се случила сообраќајна незгода во која Д.М. (72) од Штип, управувајќи патничко возило „Голф“ со штипски регистарски ознаки, удрил во пешакот Г.А. (55) од Штип. По незгодата пешакот Г.А. со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Клиничка болница Штип, каде и биле констатирани тешки телесни повреди и била задржана на лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Штип.
На 30.11.2017 година во 00.35 часот на Граничен премин „Долно Блаце“, на пасошка контрола се пријавило патничко возило „Ландровер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.А. (50) од Сингелиќ-Скопје.  При проверка, било констатирано дека лицето се наоѓа на листата со мерка „Апси“. Од страна на полициски службеници, на лицето му било кажано да се паркира со возилото,  но тој со големена брзина се упатил кон Скопје без да застане на царинска контрола. Притоа, ја оштетил рампата, а  документите од возилото и личната карта ги оставил кај полицискиот службеник. Во 02.10 часот, во шума во близина на гробиштата на место викано „Вражји вир“, било пронајдено паркирано возилото кое го управувал Н.А.. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето и за целосно расчистување на случајот.
СВР Штип поднесе кривична пријава против О.С.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени пет кривични дела „измама“. О.С. во периодот од декември 2016 година до август 2017 година со намера да се стекне со противправна имотна корист довела во заблуда пет лица од Штип. Таа лажно прикажувала факти дека е вработена во Дирекцијата на „Македонски пошти“ и дека ќе им посредува за вработување при отворање на нова поштенска филијала на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На петте лица им ветила дека ќе ги вработи како шалтерски работници и притоа ги навела да и дадат пари за вадење на потребните сертификати. На овој начин пријавената се стекнала со  противправна имотна корист од  92.900 денари.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против З.К. (18) и Б.И. (16), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле пет кривични дела „разбојништво“. Во периодот од 18. до 28 - ми овој месец во вечерните часови,  пријавените ги извршиле делата на подрачје на Карпош и Центар и се стекнале со противправна имотна корист од околу 30.000 денари. Две разбојништва извршиле на автобуска постојка испред ТЦ Алуминка и по едно на ул.Дрезденска, на паркинг просторот позади зграда на ул. „Даскал Камче“ и на ул. „Димитрије Чуповски“. На 27.11. околу 18.00 часот, во непосредна близина на Сити Мол пријавените биле легитимирани и лишени од слобода.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.П. (56) од Скопје поради постоење основи на  сомнение за сторено кривично дело „затајување“.  На 02.10.2017 година на фирма во Скопје, А.П. незаконски и продал цистерна и камионска приколка, сопственост на две фирми од Скопје и Струмица. На тој начин им причинил материјална штета од 895.000 денари.
Полициската станица Македонски Брод поднесе кривична пријава против Д.В. (50) ,вработен во ЈП Македонски Шуми, Ш.С-„Сандански„-Македонски Брод, Љ.В. (26) и Р.В. (36), вработен во ЈП Македонски Шуми, Ш.С-„Сандански„-Мак.Брод, сите од с.Требино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“. Против Д.В. и Р.В. поднесена е и кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. На 22.11.2017 година околу 14.30 часот пријавените отишле на место викано “Антени“, атар на с.Требино, со цел да вршат бесправна сеча на дабови дрва. На местото биле затекнати од шумочуварот, кој им наредил да прекинат со дејствието. Д.В. почнал да се расправа со шумочувартот и во еден момент заедно со неговиот син Љ.В. го собориле на земја и почнале да го клоцаат. Во нападот им се приклучил и Р.В. Потоа, пријавените ги собрале алатите  и се подговтвувале да си заминат. Шумочуварот пак им се приближил,  Д.В. и Љ.В. повторно  го нападнале, по што заминале со тракторот. Полициски службеници на местото го пронашле шумочуварот со видливи повреди, а биле пронајдени и бесправно исечените дрва.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против  А.Д. (22) и В.И. (24), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело “оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем”,  како и против Ј.Д. (21) од Куманово, М.И. (22) од Велес и Н.Т. (21) од с.Старо Нагоричане поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “соизвршителство” во врка со „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем”. На 27.02.2017 година, Ј.Д., по претходен договор со А.Д. (22), на телефонски апарат оштетениот го забележала потребниот код за почнување постапка за преземање на нечиј профил. Кодот го пратила на А.Д., кој заедно со В.И. и Н.Т.  ја продолжиле постапката за преземање на фејсбук профилот. Откако телефонски ги добиле потребните кодови од страна на М.И., А.Д. ги внел на предметниот фејсбук профил, по што профилот бил преземен.
Полициската станица Македонски Брод поднесе кривична пријава против Л.Ј. (56) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На 23.05.2012 година во Македонски Брод, Л.Ј. склучил купопродажен договор со локалната самоуправа Македонски Брод со кој се стекнал со сопственост на градски базен, санитерен јазол и соблекувална, како и хлорна станица. Без дозвола за градба и соодветна градежно - техничка документација од локалната самоуправа, во непосредна близина на купените објекти,  дозволил да се изградат два објекти  со статус на нелегално изградени објекти.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.Е. (40) од Куманово инвеститор на градба, со привремен престој во Швајцарија, Г.Р. (30) од с.Липково, управител на правното лице изведувач на градба и против  Друштво за градежништво, производство трговија и услуги “НОВА ГРАДБА” ДООЕЛ, с.Липково, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело “бесправно градење”. Во 2016 и 2017 година на ул. „Христијан Тодоровски Карпош“ во Куманово прво и второпријавениот изградиле семејна стамбена куќа со деловни содржини од втора категорија со отстапувања и спротивно на издаденото одобрение за градење и заверениот основен проект.                                      
СВР Охрид поднесе кривична пријава против  В.Д. (23), Р.Т. (26) и А.Д. (19), сите од  Охрид, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело ,,разбојништво“. На 07.11.2017 година околу 01.00 часот во Охрид, на ул. „Булевар Туристичка“, пријавените со употреба на физичка сила извршиле разбојништво над 23 годишно лице од Охрид, при што му одзеле мобилен телефон.