Извадок од дневните настани 02.12.2017

 На 01.12.2017 година во 18.42 часот во Скопје на ул.„Јадранска магистрала“, патничко моторно возило „Ланд Крузер“ со тетовски регистарски ознаки управувано од Н.Ј.А.М.(58) од село Орман удрило во пешаците А.Н.(23) од Гостивар и З.А.(68) од село Дебреше, гостиварско.          Истите биле пренесени во Градска општа болница “8-ми Септември“  каде во 19.20 часот од страна на доктор била констатирана смрт кај А.Н. додека кај З.А. се констатирани телесни повреди. Извршен е увид на местото на настанот.

 

На 01.12. 2017 година околу 17,40 часот на автопатот Скопје - Тетово Р.И. (57) од село Слатино, тетовско, изгубил контрола над своето возило и излегол надвор од коловозот, по што удрил во дрвја и метална ограда. Р.И. со возило на брза помош е пренесен во Градска општа болница "8-ми Септември", каде му се констатирани тешки телесни повреди и е задржан  на понатамошно лекување. 

 

На 01.12.2017 година во 19.00 часот на улица "Перо Наков" патничко моторно возило "Алфа Ромео" со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.Р.(29) од Скопје, удрило во пешаците Б.Д.(41) и едно осумгодишно дете од Скопје. Б.Д. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Ургентен центар, каде му е укажана лекарска помош и му се констатирани телесни повреди и истиот е задржан за понатамошни испитувања. Детето со друго возило било пренесено во Градска општа болница Св. "Наум Охридски", каде му е укажана лекарска помош и констатирани му се тешки телесни повреди и е задржано за понатамошно лекување.

 
 

На 01.12.2017 година околу 16,50 часот во Скопје на ул.„Баница“ настанал пожар во зграда, при што се опожарени осум подрумски простории, кои една аптека ги користела како магацински простор. Во пожарот 10- годишно девојче вдишало чад и било однесено во Клиниката за токсикологија. 

 

Секторот за внатрешни работи Скопје  до надлежното Основно јавно обвинителство - Скопје со кривична пријава го предаде лицето Ј.Н.(20) од Скопје поради основи на сомнение дека извршил едно кривично дело “разбојничка кражба“, предвидено и казниво согласно чл.238 од КЗ на РМ, со што се стекнал со противправна имотна корист од 12.000 денари. Пријавениот разбојничката кражба ја извршил на 23.11.2017 година околу 11,00 часот на локалниот пат во село Трубарево-Маџари врз 43- годишно лице од Билбао, Шпанија. Имено, на главниот пат во село Трубарево-Маџари пријавениот го сретнал оштетениот, кој се движел пеш во насока од аеродром Александар Велики кон Скопје и бидејќи го препознал дека е странец му пришол и го прашал од каде е. Потоа пријавениот му го побарал мобилниот телефон марка LG so шпанска сим картичка за да се јави на негов пријател. Оштетениот го дал телефонот, но се сетил дека е во роаминг и повикот ќе биде скап, по што го побарал телефонот назад. Бидејќи Ј.Н. не сакал да го врати телефонот, оштетениот се обидел да си го земе, но Ј.Н. со десната рака го удрил во гради и избегал кон с.Трубарево. Оштетениот настанот го пријавил во Полициска станица Гази Баба, по што е известен дежурен Јавен обвинител. По преземени мерки и активности во насока на расчистување на случајот, на 30.11.2017 година во просториите на Полициска станица Гази Баба, во присуство на Јавен обвинител е извршено препознавање од страна на оштетениот, при што го препозна Ј.Н. како извршител на кривичното дело. 

 

На 30.11.2017 година во времето од 06,40 до 13,50 часот во Виница, во куќа на В.Г.(56), непознат сторител со помош на погоден алат насилно ја отворил влезната врата,  преку која влегол внатре, и одзел пиштол марка „Берета“ модел 3032 кал.7,65мм (кој со дозвола го поседувала оштетената) и разновиден златен накит. Сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 73.000 денари. Увид  на местото на настанот извршила  увидна екипа од Полициска станица Виница. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.


На 01.12.2017 година во 18,00 часот во Полициска станица Пробиштип,  Г.Ц. пријавил дека го пронашол телото на неговиот пријател Д.Т.(44) од Крагујевац – Р.Србија кој извршил самоубиство со бесење во зграда во изградба лоцирана на ул.„Тодор Александров“ . Смрт е констатирана од лекар од Итна медицинска помош, а  увид на местото на настанот извршила екипа од Полициска станица Пробиштип. Известена е Амбасадата на Р.Србија за превземање на телото на починатиот.

На 01.12.2017 година во 12,52 часот во Полициска станица Чаир, од страна на лекар од Итна медицинска помош е пријавено дека на ул.„Душко Поповиќ“, во џамијата починал С.Ј.(77) од Скопје, кој имал здравствени проблеми. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција. 

 

На 01.12.2017 година во 13,30 часот во Полициска станица Карпош е приведен Д.Ф. (46) од Р.Германија. Истиот е приведен по локален распис од Полициска станица Карпош од 01.12.2017 година. На истиот му е изречена мерка „Протерување од РМ“ во траење од 5 (пет) години и  истиот ќе биде спроведен до граничен премин Деве Баир.