Извадок од дневните настани 05.12.2017

На 04.12.2017 година во 21,00 часот О.М.(31) пријавил дека истиот ден околу 20,40 часот на ул. „Аминта Трети“ од страна на непознато лице му било одземено патничко возило „БМВ“. Сторителот го искористил невниманието на оштетениот, додека О.М. бил во продавница, а возилото му работело со клучот на бравата, влегол во него и незабележан од никого го напуштил местото на настанот. На тој начин сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 900.000 денари. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 05.12.2017 година околу 05.00 часот, во Полициската станица Тетово била приведена и задржана А.Н. (29) од Република Србија, која го злоупотребила туристичкиот престој и го прекршила Законот за странци. А.Н. била предадена на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за понатамошна постапка.

Петмина граѓани пријавиле во СВР Скопје дека им недостасуваат пари и предмети кои ги  чувале во сефови во објект на Шпаркасе банка во Скопје. Веднаш по добиената пријава известен е јавен обвинител и се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот.

На 04.12.2017 година околу 20.00 часот, Б.Џ. (57) од с. Ломница, гостиварско, пријавил дека на локалниот пат помеѓу  с.Неготино-Полошко и Ломница, во местото викано „Кисела вода“, паднал одрон од земја и камења во должина од околу 20 метри. Одронот го прекинал  одвивањето на сообраќајот во двете насоки. Екипи на Македонија пат и Дирекцијата за заштита и спасување преземаат активности за остранување на одронот и за воспоставување непречен и безбеден  сообраќај на патот.  

На 04.12.2017 година околу 20.00 часот, во куќата на Б.С. (24) на ул. „Менделеева“ во Скопје, влегле четири непознати маскирани лица и со закана со пиштоли го врзале, го удриле со пиштолот во главата, по што извршиле пребарување низ куќата. Б.С., во изјава пред полициските службеници, не можел да каже дали и што му било одземено. СВР Скопје презема мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

Регионалниот центар за гранични работи Југ поднесе кривична пријава против  С.М. (35) од  с.Бузалково, велешко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. На 02.12.2017 година околу 12.00 часот полициски службеници од полициската станица за Граничен премин и Граничен надзор „Богородица“, во патничко возило „Рено Еспејс“ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал С.М., во близина на с. Миравци пронашле 12 лица-мигранти, и тоа по пет лица од Авганистан и Пакистан и две од Шри Ланка. Од страна на судија на претходна постапка на пријавениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава  против Б.П. (49) од  Кочани, Д.А. (28) од Делчево и против Г.Ј. (29) од с. Јакимово, виничко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“. При спроведување на постапка за регистрирање на увезено возило “Рено Канго“ на име на  второпријавениот, во прилог на барањето за издавање на согласност за регистрација во Биро за метеорологија на Република Македонија, приложиле два фалсификувани купопродажни договори. Едниот бил склучен во Република Бугарија, а другиот во Република Италија.

Секторот за внатрешни работи Битола- НК за КР Ресен  до ОЈО Ресен поднесе две кривични пријави, против М.Ш. (19) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела  „Тешка кражба“ и „Тешка кражба во обид“, и против Н.С. (33) од Ресен, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „Тешка кражба“. Пријавениот М.Ш. на 02.01.2017 година во с.Лавци, со употреба на хебла насилно влегол во три куќи и предизвикал вкупна материјална штета од 370 000 денари.    
Пријавениот Н.С. во временски период од 12.06.2017 година до 14.07.2017 година, во повеќе наврати преку влезната врата влегувал во хотел „Китка“ во Ресен, и со одвртување и сечење одзел околу 80 радијатори, а од кујната одзел два бојлери на струја од 80 литри, електричен шпорет, алуминиумски лонци, алуминиумски чајници, росвајтни чаши и друг кујнски прибор. Пријавениот одземените предмети ги продавал во Ресен и Охрид, а со преземените дејствија предизвикал вкупна материјална штета од 120 000 денари.