Извадок од дневните настани 06.12.2017

 СВР Скопје поднесе кривична пријава против  Ј.Ш.(22), Е.Ф. (16), двајцата од село Студеничани, и В.А.(17) од Скопје,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Пријавените во текот на месец октомври 2017 година во основното училиште „Наим Фрашери“ во с. Студеничани го отвориле прозорецот и влегле во една од училниците, по што одзеле 60 мини преносни компјутери и 20 продолжни кабли и го напуштиле местото на настанот стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 550.000.00 денари. Компјутерите се вратени во основното училиште „Наим Фрашери“.

 

На 05.12.2017 година во 12,00 часот во СВР-Скопје П.Т.(53) пријавил дека истиот ден околу 06,00 часот од домот во непознат правец се оддалечила неговата сопруга С.Т.(52). Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето. 

 

На 05.12.2017 година во 09.30 часот во Полициската станица Чаир, К.Б. (38) од Визбегово пријавил дека истиот ден околу 06.00 часот од домот во непознат правец се одалечила неговата мајка В.Т. (80). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. 

 

На 05.12.2017 година околу 08,00 часот било пријавено дека во Струга на ул.„Пролетерски Бригади“ во објект на “ТТК-Банка“-АД Скопје, непознат сторител со закана со пиштол извршил разбојништво над вработената, при што одзел околу 60.000 денари, по што го напуштил местото на настанот. Извршен е увид од страна на увидна екипа од ПС-Струга и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 05.12.2017 година околу 18,30 часот било пријавено дека во Гостивар на ул.„Тоде Богданоски“, пред спортската обложувалница,  додека Д.К. (32) седел со неговиот пријател Р.Ј. (38), дошол Е.Н, кој откако видел дека Д.К. во рака имал 100 евра и мобилен телефон, се обидел да му ги одземе и да побегне, но Д.К. го спречил. Во тој момент Е.Н. од џебот извадил нож со кој замавнал кон Д.К., а потоа од појасот извадил мала секира со која го удрил во пределот на главата, при што му нанел расекотина, а потоа со ножот го прободел  два пати во пределот на левото рамо и во пределот на левата дланка, по што го напуштил местото на настанот. Д.К. бил пренесен во Медицинскиот Центар во Гостивар, каде му била укажана лекарска помош и констатирани му биле телесни повреди, по што бил пуштен на домашно лекување. Известен бил Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство-Гостивар.  Извршен е увид од страна на ПС Гостивар и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.  

 

На 05.12.2017 година во 10,00 часот во ПС Охрид, М.Ѓ. (1972) пријавил дека во периодот од 01 до 05.12.2017 година во времето од 09,00 до 09,15 часот на подрачјето на Охрид и Струга, од неговото патничко моторно возило „Волво“ со охридски регистерски таблици непознат сторител од фиока во предниот дел на возилото одзел пиштол марка „ЦЗ 99“ и една рамка со 15 куршуми, како и една црна кожна торбичка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на кривичното дело.

 

На 05.12.2017 година околу 23,05 часот било пријавено дека во Скопје на ул.„Орце Николов“од засега  непознати причини се запалило патничко моторно возило “Пасат“ со скопски регистерски таблички сопственост на правно лице од Скопје. Пожарот бил изгаснат од страна на случајни минувачи.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 05.12.2017 година во 20,50 часот во Тетово на ул.„Видое Смилевски-Бато“ во казино, поради непријавен престој во Република Македонија, од страна на полициски службеници од СВР-Тетово, бил приведен Б.Л. (42) од Република Албанија. Истиот бил задржан во ПС-Тетово за понатамошна постапка.

                                          

На 05.12.2017 година во 20.40 часот С.Т.(59), пријавил дека околу 20,00 часот на ул."Јужноморавски Бригади" неговиот 16- годишен син бил физички нападнат од страна на неколку непознати лица. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

СВР Штип  поднесе кривична пријава против Ј.А.(54) од Штип и И.С.(49) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „несовесно работење во службата“. На 20.04.2017 година при уписот во Агенција за катастар на недвижности на Р.Македонија, на сопственичкото право на правното лице од Штип, извршен бил упис на 176 метри квадратни повеќе од предвидената квадратура во предбележувањето, за што првопријавениот, како референт за геодетски работи во Агенција за катастар на недвижности Подрачна единица Штип и второпријавената, како советник за правно катастарски работи во Агенција за катастар на недвижности во Подрачна единица Штип и покрај тоа што знаеле и требало да знаат дека предбележувањето на новата состојба не била во согласност и дека квадратурата не се совпаѓала со планираната површина, овозможиле на правното лице да се стекне со противправна имотна корист од околу 24.895.200 денари.

 
 

СВР Скопје  поднесе кривична пријава против  Д.Б. (20) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“. Пријавениот,  од 21.09.2016 до 05.10.2017 година, како продавач во „Фуд Мастер“ ДОО Скопје, континуирано во повеќе наврати, откако, при продажба ќе го евидентирал производот во компјутерската програма, не издавал фискална сметка за продадениот производ на купувачот, а потоа, го бришел внесениот артикал, и внесувал артикал со значително помала вредност, за којшто издавал фискална сметка или, воопшто не издавал фискална сметка, со што причинил материјална штета од 2.215.271. денари на  „Фуд Мастер“ ДОО Скопје.