Извадок од дневните настани 09.12.2017

СВР-Скопје поднесе кривична пријава до Основно јавно обвинителство против Б.А.(20) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „тешка кражба“ со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 201.000 денари и причинил материјална штета во висина од околу 10.000 денари. Имено кривичното дело пријавениот го извршил на тој начин што откако дошол до Ординацијата за протетика “МАК ДЕНТАЛ“ на ул.“Христо Татарчев“ со употреба на физичка сила и погоден алат, делувал помеѓу крилото и рамот на влезната врата по што ја отворил, влегол внатре, направил претурање и пребарување по работните маси, каде пронашол и украл една печка за печење порцелан за заби, како и разни шишенца со медицински прашоци по што го напуштил местото на настанот. Украдените предмети им ги продал на непознати лица на Бит Пазар и парите добиени од продажбата ги користел за свои потреби.
 
На 09.12.2017 година во 03,50 часот на автопатот Демир Капија–село Удово се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Сеат Леон“ со неготински регистерски таблици управувано од С.Ј.(24) од Демир Капија и патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистерски таблици, управувано од Ѓ.Ч. (65) од Скопје. Во незгодата на местото на настанот починал С.Ј., а Ѓ.Ч. се здобил со телесни повреди. Извршен е увид од страна на ПС Неготино. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 08.12.2017 година околу 20,00 часот на магистралниот пат Ресен-Охрид кај с.Крушје, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило„Лада“ со вевчански регистерски таблици управувано од С.П.(39) од с.Вевчани-струшко и патничко возило „Опел“ со охридски регистерски таблици управувано од Љ.Ч.(42) од Охрид. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, при што Љ.Ч. бил пренесен во болницата Св„Еразмо“, од каде бил препратен во Клиничкиот Центар во Скопје, а С.П. бил пренесен и задржан во Медицинскиот Центар во Битола. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ПС-Ресен. За време на увидот, во времето од 20,00 до 22,30 часот сообраќајот бил во прекин во двата правци. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 08.12.2017 година околу 14,30 часот во близина на браната Водоча-Струмица, при лов на дивеч во кој учествувале поголема група на ловџии, Ж.И. бил повреден од ловна пушка во пределот на главата. Поради непристапен терен, возилото на Итна медицинска помош не можело да отиде до самото место, по што еден од присутните ловџии се упатил во најблиското село, за да земе теренско возило, со цел повредениот да го пренесе до возилото на Итната медицинска помош. Во 16,30 часот повредениот Ж.И., во безсознание и во тешка состојба бил пренесен во Медицинскиот Центар во Струмица, каде во 16,40 часот починал. На местото на настанот излегол Јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Струмица. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


На 08.12.2017 година во 15,10 часот Р.А. (43) пријавил дека истиот ден околу 14,30 часот на ул.“Перо Наков“ неговата сопруга З.Р.(36) и нивниот шестгодишен син  биле нападнати од страна на куче скитник и притоа детето било каснато во пределот на левата рака и му биле нанесени видливи повреди, а З.Р. се здобила со повреди на левата нога. Од страна на лекар од Итната медицинска помош им била укажана лекарска помош, а потоа биле препратени на Инфективна клиника во Клиничкиот Центар Мајка Тереза. Според изјавите на оштетенините и сведоците, станувало збор за куче скитник. Од страна на Полициската станица Гази Баба била известена шинтерската служба на Град Скопје кои излегле на местото на настанот при што кучето било фатено и однесено во Центарот за заштита на кучиња-скитници “Вардариште“.  
.
На 08.12.2017 година во 21,30 часот во СВР-Штип, В.А.(44) пријавил дека истиот ден околу 13,00 часот Е.А. извршил обљуба врз неговата 20-годишна ќерка, која била со заостанат ментален развој. За настанот е известен Јавен обвинител. Се работи на целосно расчистување на случајот.
                            
На 08.12.2017 година во 23,40 часот И.С.(34) пријавил дека на 08.12.2017 година во периодот од 19,45 до 23,15 часот на Ул.“Филип Втори Македонски“ поточно на паркинг простор од страна на непознат сторител му било одземено патничко моторно возило “БМВ 520“ со шведски национални ознаки, при што сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 1.500.000 денари. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 09.12.2017 година во 03,30 часот П.Р.(21) пријавил дека истиот ден околу 02,20 часот на ул.“Димитрија Чуповски“ во угостителски објект додека бил во друштво со неговата другарка и неговата девојка, бил физички нападнат од страна на поголема група на лица, кои го удирале со клоци, тупаници и шишиња во пределот на главата и телото. Откако истиот успеал да излезе од локалот, по него излегле две од лицата кои продолжиле да го удираат со клоци и тупаници, по што оштетениот паднал на плочникот, а лицата го напуштиле местото на настанот. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 08.12.2017 година во 23,00 часот во ПС Кисела Вода И.Л.(42) пријавил дека истиот ден околу  12,00 часот од домот во непознат правец се оддалечил   неговиот татко  Д.Л.(86). Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 09.12.2017 година во 01.00 часот Н.З.(45) пријавил дека на 08.12.2017 година во времето од 21,00 до 23,30 часот во с.Стајковци од страна на непознат сторител  во куќата му е извршена тешка кражба при што му биле одземени 20.000 евра и златен накит. Имено сторителот  со употреба  на погоден предмет и физичка сила ја отворил балконската врата, влегол внатре во куќата и ги пронашол и одзел наведените предмети. Се работи на целосно расчистување на случајот.
 
СВР Штип до ОЈО Штип поднесе писмено известување поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело - “злоупотреба на службената положба и овластување“ од страна на Г.С.(29) од Штип. Имено, Г.С. во својство на одговорно лице - претседател на здружението на граѓани “Студентски парламент на Универзитетот Гоце Делчев Штип“ и овластено лице во правниот промет, ја искористил својата службена положба и овластување на тој начин што во периодот од 16.01.-16.12.2016 година, без почитување на Статутот на Здружението и без носење на писмени одлуки - на повеќе правни лица од кои вршел разни набавки, и на повеќе физички лица, од сметката на Здружението, незаконито, им исплатил вкупна сума во износ од 3.147.733 денари. Во горенаведениот временски период Г.С. потпишал фиктивни Одлуки донесени од негова страна во кои навел дека истите се донесени на одржана седница на Претседателството, при што на незаконит начин за 2016 година без почитување на одредбите од Статутот противправно е исплатена посочената сума пари од околу 50.000 евра а на штета на “Студентски парламент на Универзитетот Гоце Делчев Штип“.