Извадок од дневните настани 12.12.2017

На 11.12.2017 година во 17.20 часот на ул. „Индустриска“ во Неготино се случила сообраќајна незгода во која патничко возило „Фолксваген поло“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од О.И. (58) од Демир Капија, удрил во 15-годишно девојче од Неготино. Во незгодата девојчето се здобила со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош во Итна медицинска помош  Неготино била препратена во Ургентен центар Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициска станица Неготино.

Во врска со настан „тешка кражба“ даден во билтен од 10/11.12.2017 година, во која бил одземен пиштол „Глок 17 “ калибар 9 мм, сопственост на Х.И. (31), на 11.12.2017 година пиштолот бил пронајден во Клинички центар „Мајка Тереза“.  Инаку, пиштолот бил одземен на 10.12.2017 година во 15.00 часот во комплексот „Мајка Тереза“ од страна на непознат сторител. Додека пријавителот седел во ходникот од болнички објект, сторителот  му ја земал чантата во која бил пиштолот, по што побегнал од местото.  

На 11.12.2017 година околу 19.10 часот во Единицата за информации и команда Скопје, В.Ѓ.  пријавила дека во аптека на бул. „Партизански одреди“ непознат маскиран сторител извршил разбојништво. Сторителот со закана со физичка сила одзел 3.000 евра од дневниот промет и побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 12.12.2017 година околу 06.15 часот во казино на ул. „Маршал Тито“ во Виница две непознати маскирани лица извршиле разбојништво. Сторителите со закана со пиштоли ги затвориле вработените во тоалетот од казиното, ги одзеле парите од касата и побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.                                           

На 12.12.2017 година од 04.15 часот железничкиот сообраќај на територијата на Република Македонија  е во прекин поради  штрајк на дел од машиновозачите поради нередовна исплата на плата.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против А.М. (19) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. А.М. на 04.12.2017 година околу 12.30 часот во црквата ,,Свети Никола” во с. Градец, заедно со тројца малолетници (двајца на возраст на 15 и еден на 14 години)  со употреба на сила влегле во црквата и од иконите одзеле 200 денари.  

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.И. (31) и А.И. (33), двајцата од  Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. Пријавените им се заканувале и физички нападнале двајца полициски службеници кои постапувале по писмена наредба за претрес од Основен суд Охрид.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар  поднесе кривична пријава  против Н.Н. (36) од с. Долна Бањица, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“  и  „загрозување на сигурноста“.  Н.Н. на  06.11.2017 година околу 15.50 часот во Полициската станица Гостивар се заканувала по животот и физички нападнала еден полициски службеник кој вршел обезбедување на нејзиниот син, кој бил лишен од слобода за сторено кривично дело „недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.   

СВР Куманово  поднесе кривична пријава  против Ф.Џ. (40) од с. Виштица, општина Липково, О.С.(37) од Куманово, Р.Л. (41) од Куманово, Б.Р. (49) од с. Матејче, општина Липково, С.Т. (40) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“  и „употреба на исправа со невистинита содржина”; против С.Ф. (31) од с. Отља, општина Липково, ДТПП „ЕУРОЛИНЕС ФАТИ“ ДОО с. Виштица, општина Липково и ДГТУ „МАТО ИНЖЕНЕРИНГ“ ДООЕЛ Куманово увоз- извоз, со седиште во Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина”, против  З.Ц. (43) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“  и „помагање“ во врска со „фалсификување исправа“  и „употреба на исправа со невистинита содржина” и против Ж.К. (50) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела  „фалсификување исправа“, „употреба на исправа со невистинита содржина”, „помагање“ во врска со „фалсификување исправа“  и „употреба на исправа со невистинита содржина”. Пријавените ги извршиле кривичните дела за да  оформат документација потребна за запазување на постапката за регистрација на увезени половни моторни возила.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против Р.Х. (32) од Гостивар  и С.Б. (38) од с. Мало Турќане поради постоење основи на сомнение за сториени кривични дела  „фалсификување на исправа“,   „употреба на исправа со невистинита содржина“  и  „измама“. Р.Х. и С.Б., од 03.07.2017 година до 12.07.2017 година, направиле и употребиле невистинити потврди на нивно име за остварување на редовен работен однос на неопределено време наводно издадени од “ЕЛЕМ“, подружница ХЕЦ Маврово, Гостивар,  со изводи од тековните сметки на пријавените издадени од една банка, при аплицирање за добивање кредит во други две банки.  

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.А. (25) од Дијарбакир, РепубликаТурција, со престојувалиште во Битола  и  И.К. (23) од Дијарбакир, Република Турција, со престојувалиште во Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,фалсификување пари“. А.А. и И.К., при купување на половен мобилен телефон од лицето Б.К. (23), платиле со три фалсификувани банкноти од  по 100 евра.

Полициската станица Дебар поднесе кривична пријава против Б.Б. (60) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“. Во кривичната пријава е опфатена и А.К. (37) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „задоволување на полови страсти пред друг“ и „запуштање и малтретирање на дете“. Б.Б. во неколку наврати сексуално, со допирање ја злоупотребил малолетната ќерка на второпријавената А.К.. Таа, по барање на Б.Б. ја присилувала својата ќерка  на полови дејствија со  него, но и самата вршела полови дејствија во присуство на  малолетната ќерка. Малолетничката, за таквите  постапки  го известила и побарала помош од  својот татко. Со девојчето бил извршен разговор во присуство на стручни лица од Меѓуопштински центар за социјални работи Дебар. Притоа, била донесена одлука да се отстрани А.К. од семејството и да се преземат дополнителни мерки заради заштита на малолетно лице.

На 11.12.2017 година околу 10.00 часот, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово-Полициска станица Гостивар го привеле В.С. (44) од Гостивар, осуден на затворска казна од една година и 50 дена за сторено кривично дело „тешка кражба“. По приведувањето и кусото задржување, реализирано со судска наредба, В.С. бил предаден во Казнено поправната установа „Идризово“ во Скопје за издржување на казната.

На 11.12.2017 година околу 17.00 часот, З.М. (55) од с. Чајле, гостиварско, пријавил компјутерска измама од засега непознат сторител. Непознатиот сторител ја искористил неговата електронска адреса и фејсбук профил и од двајца пријатели на З.М. и успеал да одземе 600 евра. На двајцата им се претставил дека е З.М. и дека итно му се потребни парични средства. Кога едниот од измамените му се јавил на З.М. да го праша дали ги добил бараните пари, нему веднаш му станало јасно дека станува збор за измама и го пријавил случајот. Се превземаат мерки и активности за целосно расветлување на пријавеното и за откривање на сторителите.