Извадок од дневните настани 14.12.2017

На 13.12.2017 година во 11,25 часот Џ.Б.(38) од населба Илинден пријавила дека истиот ден околу 07,30 часот додека се движела по ул.19 во населбата била нападната од страна на четири кучиња скитници, при што едно од кучињата ја каснало во предел на грбот. Откако паднала на асфалтот другите кучиња  ја влечеле за облеката, по што минувачи дошле на помош и ги избркале кучињата. Оштетената побарала лекарска помош во Ургентен Центар- Инфективна клиника каде и е констатирана телесна повреда и е пуштена на домашно лекување.


На  14.12.2017 година во 01,40 часот на граничниот премин аеродром “Александар Велики“ Скопје на влез во Република Македонија со воздухоплов од Србија допатувал Л.А.Е. (57) од Белгија со белгиска патна исправа и дозвола за привремен престој на странец. При проверка било констатирано дека истиот евидентира со мерка „апси“ по наредби од Основен Суд Скопје 1 и од Одделение за потраги  за кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот“. Истиот е приведен и во 04,40 часот е предаден на Полициско одделение-Петровец за понатамошна постапка.


Полициската станица Гостивар поднесе кривична пријава против Е.Х.(32) од  Гостивар поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело  -“убиство во обид“. На 05-ти овој месец, околу 18,30 часот во Гостивар, на улица “Тоде Богданоски“, пријавениот при вербална расправија со Д.К.(32) од Гостивар, со нож и секира физички го нападнал, но бил спречен од случајни минувачи, при што на Д.К. му нанел телесни повреди во пределот на главата и левата рака.


Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против  А.Т.(18) од Тетово поради постоење основи на сомнение за извршено кривично дело “насилство“. На 05.09.2017 година околу 17,20 часот во Тетово на улица “133“ откако пријавениот му го одзел телефонот на Д.К.(20), започнал вербална расправија, којашто преминала во физичка пресметка, при која што пријавениот со метална шипка го удрил оштетениот и  се оддалечил од местото на настанот.


Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против В.Т.(52) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот, како директор на средното училиште “Таки Даскало“ - Битола, во текот на учебната 2015/2016 година, и покрај тоа што од  благајникот му било предочено, дека во пристигнатите фактури  и списоци за превоз на ученици, бројот на ученици е поголем од реалниот број на ученици коишто го користат превозот, не ги вратил фактурите и списоците кај превозниците за корекција, и исплатил 105.789 денари, со што им овозможил имотна корист од 73.991 денари на “Џем Турист“ ДООЕЛ, 25.428 денари на Лука Експрес ДООЕЛ  и 6.370 денари на Гопеш Транс ДООЕЛ.


Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против Р.Т.Б.(49) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување“. Во периодот од од 01.11.2011 до 30.10.2014 година, пријавената, како директор на основното училиште “Стив Наумов“ Битола и покрај тоа што договорот помеѓу “Стив Наумов“ и ДООЕЛ “Амсекјурити“ Скопје, за мониторинг надзор и 24 часовна мобилна интервентна патрола на објектот, бил со важност до 30.10.2011 година, му овозможила на ДООЕЛ “Амсекјурити“ Скопје да продолжи со давање на услугата до 30.10.2014 година, без да се поведе соодветна постапка за избор на најповолен понудувач, како и без да се потпише анекс на договорот, со што му овозможила на ДООЕЛ “Амсекјурити“ Скопје да се стекне со имотна корист од 108.000 денари.


Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против Б.Н. од   Струмица поради постоење основи на сомение за сторени кривични дела  „затајување“ и „фалсификување и уништување на деловни книги“. Пријавениот, како дистрибутер  во   ДПТУ „Мани Пром“ ДООЕЛ – Струмица изготвувал Испратници со невистинита содржина и ги доставувал до  ДПТУ „Мани Пром“ ДООЕЛ – Струмица, врз основа на коишто се изготвувале фактури, со коишто се  задолжувале  коминтетнтите коишто набавувале стока. После одреден период, откако  ДПТУ „Мани Пром“ ДООЕЛ – Струмица, стапиле во контакт, околу ненаплатените фактури, биле запознати дека  дел од коминтентите немаат набавено стока, а дел од стоката ја платиле во готово на пријавениот. На овој начин пријавениот присвоил за себе стока и парични средства во  износ од 1.805.456 денари, а го оштетил   ДПТУ „Мани Пром“ ДООЕЛ – Струмица за таа вредност.


Надворешната канцеларија за криминалистичи работи Берово поднесе кривична пријава против Д.С.(30) од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски системи“. На  15.10.2017 година во Берово, пријавениот го одзел паричник на Ж.А. од Куманово, во којшто имало 400 денари и платежна картичка со залепен пин на неа, по што од два различни банкомати извадил вкупно 60.000 денари.


Надворешната канцеларија за криминалистичи работи Струга поднесе кривична пријава  против  Ѓ.А.(33) од Струга, пораи постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На  30.05.2017 година во Струга при претрес во домот на пријавениот биле пронајдени и одземени 37,58 грама марихуана и 12 шприцеви со 203,5 милилитри хашиш смола.


Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против Д.Д. и М.Т., двајцата од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На  22.07.2017 година при претрес во домот на второпријавената, биле пронајдени 52 таблети екстази, 27,72 грама амфетамин; остатоци од амфетамин на чинија и остатоци од растението „Канабис сатив“. Од извршениот разговор, во врска со потеклото на пронајдените психотропни супстанци, второпријавената изјавила дека биле сопственост на првопријавениот, којшто ги оставил на чување во домот на  второпријавената.


Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против С.Ш.(61) и Л.Н.(58), двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела “бесправно градење“ и  “узурпација на недвижности“. Во септември 2017 година, во населба Дреновец, Тетово, пријавените на катастарска парцела сопственост на Р.Македонија, поставиле ограда од армиран бетонски ѕид со што го попречиле пристапот до стамбен објект, без притоа да добијат соодветна документација и одобрение за градба од надлежен орган од Општина Тетово.