Извадок од дневните настани 15.12.2017

На 14.12.2017 година било пријавено дека истиот ден во претпладневните часови во Виница на градскиот стадион У.Ќ.(18) од Виница извршил кривично дело „силување“ над 16 годишна малолетничка. Имено, околу 07,30 часот истата заминала на настава во средно училиште, од каде за време на одморот, У.Ќ. насилно ја однел кај стадионот и побарал да остане во Виница со него, и да не оди во Германија. Откако малолетничката се спротивставила, истиот и ги врзал рацете, нозете и устата со фластер, по што го извршил кривичното дело. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ПС-Кочани. По наредба на Јавен обвинител, У.Ќ. бил лишен од слобода и задржан во ПС-Виница. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.


На 14.12.2017 година во 18,00 часот  Е.Н.(36) пријавила дека истиот ден околу 13,20 часот нејзиниот 15- годишен малолетен син додека се возел со своите четворица  другари во автобус на ЈСП со бр.65 кој сообраќал на релација  од с.Стајковци до  Транспортен  Центар- Скопје,  во с.Сингелиќ  во автобусот влегле повеќе непознати лица на возраст од 15-18 години кои  откако се качиле на горниот кат од автобусот најпрво физички го нападнале малолетникот, а потоа и неговите другари. Истиот се здобил со повреди и во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ му била укажана лекарска помош.  Од страна на полициски службеници било излезено на местото на настанот и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
                                          
На 15.12.2017 година околу 02,30 часот било пријавено дека во Скопје на ул.„Никола Тесла“ од засега непознати причини настанал пожар во стан на приземјето, каде што е сместена канцеларијата на градежната фирма „Дабар“. Пожарот бил локализиран од екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Повредени лица нема. Увид на местото на настанот ќе се врши во текот на  денешниот ден.

На 14.12.2017 година во 13,35 часот во ПС за Граничен Премин“Јажинце“ на излез од  Р.Македонија по извршената контрола на возило “Мерцедес“ со косовски национални ознаки управувано од К.Н. (45)  од Косово било утврдено дека ВИН бројот бил фалсификуван.  Лицето било приведено а со потврда за привремено одземени предмети било одземено возилото и предадено на полициски службеници од СВР-Тетово за понатамошна постапка.

 

На 15.12.2017 година околу 06.20 часот на регионалниот пат Тетово – с. Волковија патничко возило „Ауди А4“ со тетовски регистарски ознаки изгубило контрола, излетало од коловозот и се превртело. Во незгодата, со повреди се здобиле возачот Љ.А. (34) и четирите сопатнички во возилото Р.П. (42), М.Б. (31), А.Н. (27) и В.А.(55), сите од с. Стенче. Со возило на Итна медицинска помош тие биле пренесени во Клиничка болница Тетово. По укажаната лекарска помош, поради сериозноста на повредите, Р.П. била префрлена во Клинички центар Скопје, М.Б. и В.А. биле задржани на лекување, а Љ.А. и А.Н., по укажаната помош, биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Тетово.
На 14.12.2017 година, во периодот од 11.30 до 23.30 часот, непознати сторители извршиле тешка кражба во куќата на Ф.Ј. (45) од Гостивар. Сторителите насилно го отвориле прозорецот во приземјето, влегле внатре, и одзеле повеќе парчиња разновиден златен накит и бижутерија, по што побегнале во непознат правец. На тој начин, според пријавеното, сторителите се стекнале со имотна корист од околу 180.000 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 14.12.2017 година, околу 14.00 часот, полициски службеници од СВР Тетово-Полициска станица Гостивар извршиле контрола во спортска обложувалница во с. Градец, гостиварско, во која нелегално се приредувале игри на среќа и комар. Во обложувалницата било затекнато лицето А.Џ. (25) од с. Градец, кој бил вработен таму. Во објектот без фирма биле пронајдени и одземени девет телевизори, шест покер апарати, три компјутерски куќишта, два монитори, два читачи, четири принтери, една тастатура, четири тикети и парични средства во вкупен износ од 81.690 денари. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.


На 14.12.2017 година од страна на претставник на Здружение на граѓани „Преродба“ доставен е записник во писмена форма со кој пријавуваат дека како организатори на протестите започнати на 05.09.2017 година пред Собрание на Република Македонија, на локација во паркот Жена борец до споменикот на АСНОМ, на 05-ти овој месец забележале дека шаторот кој бил поставен на 21.11.2017 година е отстранет заедно со протестни материјали, транспаренти и поставки со протестни барања. Истите пријавуват дека подолг временски период од страна на непознати сторители се попречувани, уништувани им се шаторите и слично. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.


 На 14.12.2017 година во 16,00 часот А.А.(34) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 13,30 часот на ул. “Христо Татарчев“  во  близина  на зградата на општина Сопиште, бил каснат од страна на куче скитник во пределот на десната потколеница.   


На 11.12.2017 година околу 22.00 часот од Ургентен центар Скопје пријавено е дека било донесено повредено лице и дека станува збор за Џ.А.(41) од Скопје, кој имал две убодни рани и расекотини на рацете и по санирањето на истите тој е пуштен на домашно лекување. Од извршениот разговор со повредениот Џ.А. и пријавениот И.А.(27) констатирано е дека околу 20.15 часот во с.Буковиќ во близина на поштата истите го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна тепачка каде Џ.А. удирајќи го со рака и стап И.А. во пределот на лицето и грбот му нанел повреди, по што истиот со нож му нанел на Џ.А. повреда на рацете и ногата во вид на расекотина и убодни рани. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


На 14.12.2017 година во 23.15 часот во Полициска станица Штип телефонски е пријавено дека на крстосницата од улица "Сутјеска“ со улица "Сремски Фронт" во Штип било забележано непознато машко лице кое во рацете држело сообраќаен знак и со истиот мавтал кон возилата кои во тој момент се движеле на крстосницата. Полициски службеници излегле на местото на настанот при што констатирано е дека се работи за лицето Б.Х.(37) од Штип кој претходно  оштетил сообраќаен знак и со истиот мавтал кон возилата. Поради видно растројство, лицето со возило на Итна медицинска помош Штип е пренесено во психијатрискиот оддел на Клиничката болница во Штип.


СВР Скопје поднесе кривична пријава против В.С.(38) од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „тешка телесна повреда“, А.С.(26) и С.С.(67) двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „учество во тепачка“. На 27.02.2017 година, во Скопје,  на ул.“Христијан Тодоровски-Карпош“ по претходно недоразбирање, пријавените физички го нападнале оштетениот, по што првопријавениот со употреба на нож му нанел две убодни рани на оштетениот кој се здобил со тешка телесна повреда.


ПС Кичево поднесе кривична пријава против А.А.(45) и Е.А.(47), двајцата  од  с.Аранѓел-кичевско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 12.12.2017 година с.Аранѓел-  кичевско , извршени биле претреси во домовите и други помошни простории кај пријавените, при што биле пронајдени и запленети вкупно 27 килограми и 684,6 грама марихуана. Од  страна на Судија на претходна постапка определена им е мерка притвор од 30 дена.


ПС Радовиш поднесе кривична пријава против А.А. од с.Коџалија и Ф.Д. од истото село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “бесправно градење“. Пријавениот А.А. Во 2015-2016 година, на место викано Коџадуз во с.Коџалија без одобрение за градење од општина Радовиш отпочнал со изведување на градежни работи, а на 27.11.2017 година извршен бил инспекциски надзор при што било констатирано дека пријавениот имал изградено градежен објект за домување на парцела сопственост на Р.Македонија. Исто така и Ф.Д. во 2017 година на парцела во КО-Коџалија без издадено Одобрение за градење од Општина Радовиш отпочнал со изведување на градежни работи, а на 24.11.2017 година  извршен бил инспекциски надзор на катастарската парцела, при што било констатирано дека пријавениот имал изградено градежен објект за домување на парцела сопственост на Р.Македонија.