Извадок од дневните настани 18.12.2017

На 17.12.2017 година во 12,30 часот во ПС Центар, Б.Д.(71) пријавил дека на Плоштад Македонија поточно кај “Ристиќева Палата“, бил нападнат од кучиња  скитници.  Едно од нив го каснало, по што се упатил во болница каде што му  била укажана лекарска помош.


На 17.12.2017 година во 20,00 часот во спортска обложувалница на ул. „133“ во Тетово, по претходно добиени сознанија дека работи нелегално, без лиценца за работа, екипа од СВР Тетово извршила контрола. Во објектот биле затекнати Р. Х. (24) и П.Т. (44) од Тетово, кој се претставил дека е вработен, а во шанкот за уплати на тикети била затекната С. Ѓ. (33) од Тетово. Во обложувалницата бил повикан и сопственикот на обложувалницата Е.Л. Лицата и предметите во обложувалницата (монитори за игра во живо и неколку ЛЦД телевизори наменети за игри на среќа, шанк за уплата на тикети, неколку телевизори  наменети за игра на среќа - трка со кучиња, како и билтени за спортска прогноза и уплатени тикети), биле обезбедени и за тоа бил информиран Јавен обвинител. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.  


Во текот на изминатиот викенд (15-17.12.2017 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 43 сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, 22  со телесни повреди и 20 со материјална штета. При сообраќајните незгоди две лица се здобиле со тешки телесни повреди додека 29 со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 97 возачи го управувале возилото со по голема брзина од дозволената. 36 возачи се исклучени од сообраќајот и тоа 16 бидејќи го управувале своето возило под дејство на алкохол, додека 20 возачи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради нерегистрирани возила од сообраќај се исклучени 23 возила. Во текот на изминатиот викенд исто така издадени се 195 мандатни платни налози,  додека 143 возила се подигнати со "Пајак". Во однос на пешаците, преземени се мерки против двајца пешачи кои поминале коловоз надвор од пешачки премин. По седум возачи се санкционирани бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло и исто толку не дале првенство на минување. Поради нeправилно престројување се санкционирани 10 возачи.      

 

 На 17.12.2017 околу 21.20 часот на регионалниот пат Тетово-Јажинце, во близина на с.Слатино, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Сеат кордоба“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од К.Б. (23) од с.Долно Палчиште, тетовско и патничко возило „Ауди А4“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.Ф. (32) од с.Одри, тетовско. Во незгодата, возачот А.Ф. и двајца сопатници од возилото „Ауди“ се здобиле со тешки телесни повреди, а возачот на возилото „Сеат  Кордоба“ и другите четири сопатници од возилото „Ауди“ се здобиле со телесни повреди. По укажаната лекарска помош во тетовската клиничка болница, сите повредени биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото нанастанот извршила екипа од СВР Тетово.

На 17.12.2017 година во 14,00 часот во ПС Ѓорче Петров А.М.(22) пријавил дека истиот ден околу 13,30 часот на ул.“Есперанто“ поточно на паркинг простор додека бил во возило заедно со неговиот 16 годишен другар во еден момент се доближила поголема група на лица кои им ги отвориле вратите од возилото и физички ги нападнале удирајќи ги со боксови и нозе во пределот на лицето и телото. Од извршениот физички напад двајцата се здобиле со видливи повреди во вид на црвенило и оток по лицето и  телото. Се работи на целосно расчистување на случајот.

Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против А.Ѓ. (33) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 30.05.2017 година, при претрес во домот на А.Ѓ., биле пронајдени едно пакување, една кеса со непозната тревкаста материја и 12 шприцеви со непозната темна течност. Во дворот од куќата на пријавениот биле пронајдени шест пакувања со тревкаста материја. Со вештачење било утврдено дека  тревкастата материја преставува опојна дрога марихуана со нето маса од 37,58 грама, додека темната течност во шприцевите е Хашиш-смола со вкупен волумен од 203,5 милилитри.

Полициската станица од Дебар поднесе кривична пријава против Е.С. (48) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност”, како и против С.К. (54) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „загрозување  со опасно орудие при тепачка или караница”. На 14.09.2017 година, околу 14.00, на улица „206“ во Дебар (во близина на куќата на С.К.) се сретнале пријавените и започнале меѓусебна вербална расправија околу  нерасчистени односи во врска со деловен објект. Притоа, С.К. од куќата извадил кујнски нож, по што,  Е.С. извадил пиштол, го репетирал и испукал еден куршум во воздух, по што го напуштил местото на настанот.


СВР Охрид поднесе кривична пријава против против Г.М.  (36) од с.Радолишта, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство во обид“ и “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и против А.Т. (23)  од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “помагање на сторител во извршено кривично дело”. На 10.12.2017 година на бул. „Туристичка“, по кратка расправија која прераснала во тепачка помеѓу пријавените со С.М. (34), првопријавениот извадил пиштол и со еден истрел го погодил оштетениот со што му нанел тешки телесни повреди.


Полициската станица Прилеп поднесе кривична пријава против Т.М. (53) од с.Ореше, велешко,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво  во обид“. На 20.11. 2017 година Т.М., маскиран, влегол во домот на Д.С. и му вперил пиштол кон устата,  му барал пари и се заканил дека ќе го убие. Д.С. му кажал дека нема пари и пријавениот ја напуштил куќата.


СВР Куманово поднесе кривична пријава против П.Ј. (61) од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело “предизвикување општа опасност”. На 10.11.2017 година околу 21.00 часот на ул. „Ѓорче Петров“,  откако П.Ј. претходно земал два литри бензин, отишол во куќата на неговиот сосед  Т.К. со кого претходно имал физичка пресметка, по што со бензин ги испрскал влезните врати од куќата и ги запалил,а потоа го испрскал и возилото „Југо“ во пределот на хаубата и го запалил.


СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.К. (38) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Д.К. на 01.06.2017 година неовластено употребила платежна картичка сопственост на В.Ш.  (41) од Битола. Преку интернет ги внела податоците од картичката, која претходно ја имала најдено, и извршила плаќање на повеќе сметки за струја во висина од 9.185 денари.


СВР Охрид поднесе кривична пријава против Л.М. (46) и М.Б. (45), државјани на Република Италија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “изработка и употреба на лажна платежна картичка“.  Пријавените преку адвокат - полномошник отвориле две фирми во с.Лабуништа Струга и на име на фирмите отвориле банкарски сметки во Халк Банка и поднеле барање за инсталација на ПОС терминали. По отворањето на банкарските сметки и ПОС терминали од претходно набавени броеви од платежни картички со туѓи податоци направиле обид за вршење на трансакции.


Полициската станица Гевгелија поднесе кривична пријава против Д.Т. од с. Петрово поради постоење основи на сомнение дека сторил продолжено кривично дело „послужување во службата“. Во периодот од 31.09.2016 до 07.11.2016 година пријавениот во својство на јавен службеник во ЈП Македонски шуми, Подружница Ш.С. „Кожув“ Гевгелија, распореден на работно место Референт за превоз во ПШС „Кожув“ Гевгелија, од страна на службата му биле доверени три кочани со испратници за издавање при наплата на превоз на дрвни сортименти, при што задолжените кочани со испратници во 74 наврати  ги  издал за превоз на отпад после сеча на физички лица и не ги раздолжил во тековната година, најдоцна до 31.12.2016 година. Паричните средства во висина од 188.741 денари, наплатени од физичките лица за превозот на отпад после сеча,  не ги предал во благајната на  Подружница Ш.С. „Кожув“ Гевгелија,  односно со доверените наплатени парични средстава  неовластено се послужил и  ги искористил за свои потреби.