Извадок од дневните настани 19.12.2017

 На 19.12.2017 година во 00.45 часот во Скопје на булевар „Третта Македонска бригада“, пред раскрсницата со улица „Фрањо Клуз“, се случила сообраќајна незгода во која З.В.(51) од Скопје, управувајќи патничко моторно возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки изгубил контрола над истото и удрил во бетонски ѕид од објект. Од страна на лекар од Итна медицинска помош кај возачот З.В. констатирана е смрт, а додека со тешки телесни повреди се здобиле сопатниците М.К.(17) и К.К.(24) двајцата од Скопје, кои се пренесени во Ургентен центар Скопје и се задржани на КАРИЛ. Извршен е увид на местото на настанот.

На 18.12.2017 година во времето од 19.00 до 22.30 часот во Прилеп во куќа сопственост на М.Г.(47), од страна на непознат сторител извршена е тешка кражба, при што одземени се евра, австралиски и американски долари, швајцарски франци и фунти, се во вредност од 2.160.000 денари, како и разновиден златен накит во вредност од околу 2.200.000 денари. Сторителот откако со употреба на погоден алат влегол во куќата во подрумот пронашол и отворил метален сеф од каде ги одзел парите и заминал во непознат правец. Извршен е увид на место на настанот, се превземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

На 18.12.2017 година околу 18.10 часот во Скопје на улица „Босна и Херцеговина“ Б.Т.(16) и Т.Д.(16) биле физички нападнати од поголема група на машки лица на возраст од околу 16-18 години. Околу  полноќ, на местото на настанот се упатил Т.З.(45)  од Скопје и забележал како неговиот син Т.Д. го носеле негови другари и братучеди, кои му кажале дека не му е добро и дека има вртоглавица, по што го однел во Ургентен Центар „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош и во разговорот со неговиот син истиот појаснил дека додека бил заедно со неговите другари физички биле нападнати од поголема група на лица при што ја изгубил свеста. На Т.Д. во  пределот на левото рамо му била нанесена повреда расекотина со тврд предмет, најверојатно од нож. Малолетникот појаснил дека до физичкиот напад дошло откако претходно неговиот другар имал расправија со напаѓачите во дворот на Училиштето „Зефљуш Марку“. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расчистување на случајот.

На 18.12.2017 година  во 16.45 часот граѓанин пријавил дека видел како возило со запалени светла пловело по река Вардар од мостот кај булевар „Гоце Делчев“ кон Камени мост и дека застанало кај Градски трговски центар. Од страна на полициски службеници констатирано е дека се работи за патничко моторно возило „Нисан“ со скопски регистарски ознаки сопственост на В.П.(47), и истото со влечна служба е извадено од реката.

Во текот на вчерашниот ден (18.12.2017 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле шест сообраќајни незгоди од кои две со телесни повреди и четири со материјална штета. При сообраќајните незгоди четири лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 10 возачи го управувале возилото со брзина поголема од дозволената. Осум возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи двајца го управувале своето возило без да се стекнат со право за управување на моторно возило додека шест лица биле возачи почетници. Поради нерегистрирани возила од сообраќај се исклучени седум возила. Во текот на изминатиот ден издадени се 67 мандатни платни налози, додека 73 возила се подигнати со "пајак".  

На 18.12.2017 година во 18,40 часот во Полициската станица за Граничен премин и Граничен надзор “Блато“ за влез во Р.Македонија се пријавил К.Е.(24) од Р.Албанија кој управувал патничко моторно возило “Мерцедес“ со албански национални ознаки. По извршената пасошка контрола лицето со возилото се упатило на Царинска контрола и од извршената контрола од страна на цариникот било забележано нешто сомнително во возилото и веднаш од негова страна било побарано асистенција од полициски службеници од Граничниот премин. Во истиот момент од страна на полициски службеници било забележано друго лице кое било исто така во возилото како се обидува да побегне носејќи со себе една црна најлонска кеса, и се упатува кон долниот дел од граничниот премин во правец на соседна Албанија Од страна на мешовита патролна служба со албанските полициски органи бил извршен преглед на теренот меѓутоа лицето не било пронајдено. Околу 21,00 часот од страна на една од патролните групи во правец каде што лицето се дало во бегство, во непосредна близина на граничниот премин, при преглед на теренот пронајдена била една најлонска кеса обвиткана со самолеплива лента со растителна материја со тежина од околу еден килограм. Местото на настанот било обезбедено од страна на полициски службеници  и од страна на увидна екипа од Полициската станица Дебар бил извршен увид а  најлонската кеса е подигната од местото. Врз возилото и второто лице извршен бил преглед и претрес при што пронајдена била една лична карта на име на Ч.А. од Р.Албанија и извршен бил разговор со возачот К.Е., кој што изјавил дека не го познавал лицето и дека истото се качило во возилото во граничната меѓузона. Од страна на мобилната екипа од царината бил направен дополнителен претрес на возилото при што било пронајдено една патна исправа на име Ч.А. и еден мобилен телефон и околу два грама тревкаста материја. Лицето, возилото, кесата и предметите се предадени со потврда за предавање на лица и предмети на полициски службеници за понатамошна постапка. 
Сектор за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против  К.М.(31) од Полска и  С.Ш.(20) од Охрид за сторени кривични дела “тешка кражба“  и  “тешка кражба во обид“. Пријавените во текот на ноември  годинава, во магацин во Охрид, со употреба на физичка сила, влегле и одзеле конструкции од чадори, со што предизвикале материјална штета од 1.980.000 денари.

Сектор за внатрешни работи Скопје поднесе  кривична пријава  против Ф.А.(34) од Скопје за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедност“. На  19.09.2017 година околу 22,35 часот во Скопје на булевар „Партизански одреди“, при преземање на службено дејствие за сообраќаен прекршок, пријавениот  физички го нападнал полицискиот службеник.
Сектор за внатрешни работи Скопје поднесе  кривична пријава  против В.А.(22) од  Скопје за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедност“. На 18.05.2017 година околу 03,40 часот во Скопје, во градскиот парк,  откако двајца полициски службеници се обиделе на мирен начин да смират група од околу десетина лица коишто  го нарушувале јавниот ред и мир, пријавениот, по упатени навреди кон едниот полициски службеник, физички го нападнал.

На 19.12.2017 година во 03.50 часот во Скопје, на улицa „Наум Наумовски Борче“ во угостителски објект соственост на З.К.(46) од Скопје, од страна на непознат сторител фрлено е стаклено шише во кое најверојатно имало запалива материја и на местото каде што паднало, настанал пожар. Пожарот е локализиран од страна на чуварот во угостителскиот објект, при што скршено е стакло од влезната врата од локалот, а повредени лица нема. Извршен е увид на место на настанот, се преземаат мерки за расчистување на случајот.


Сектор за внатрешни работи Тетово  поднесе кривична пријава  против  Н.Д.(25), С.Д.(18), двајцата од Велес, за сторени три кривични дела “одземање на патничко моторно возило“, и против Б.М.(32) од Струга, П.С.(52) од село Ропотово и А.М.(43) од  село Драчево, скопско за сторено кривично дело “прикривање“. Прво и второ пријавениот ноќта помеѓу 03. и 04.08.2017 година во Тетово, на улица “Јован Ончевски“,  ја отвориле влезната врата од возилото „Југо Корал“, сопственост на 61 годишно лице од Тетово, влегле во возилото, и откако ги пронашле резервните клучеви,  го ставиле возилото во погон и го напуштиле местото на настанот. По извршени службени разговори,  прво и второ пријавениот  го признале кривичното дело, и изјавиле дека  возилото го продале во Струга на третопријавениот, којшто имал отпад за старо железо. Прво и второ пријавениот на 03.09.2017 година во Тетово на улица “Борис Кидрич“,  ја отвориле влезната врата од возилото „Голф“, сопственост на 36- годишно лице од Тетово, влегле во возилото, и откако ги пронашле резервните клучеви го напуштиле  местото на настанот. Потоа возилото го продале на четвртопријавениот за  15.000 денари, кој, пак,  го продал возилото на  50 годишно лице  од Прилеп, за 450 евра. Возилото „Голф“, полициски служебници,  го одзеле од лицето од Велес, и го вратиле на сопственикот. Прво и второ пријавениот на  12.09.2017 година во Тетово, во кругот на Клиничка Болница Тетово, ја отвориле влезната врата од возилото „Рено 9“, сопственост на 42 годишно лице од село Долно Седларце, влегле во возилото, и откако ги пронашле резервните клучеви го напуштиле  местото на настанот.  Потоа возилото го продале на петтопријавениот за 11.000 денари, по што, полициски службеници на  25.09.2017 година го пронашле возилото  и го вратиле на сопственикот.

Сектор за внатрешни работи Скопје поднесе  кривична пријава  против  17 годишно лице од Гостивар за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На  09.07.2017 година околу 17,00 часот во Скопје, на улица „Индира Ганди“, на пријавницата во Затвор – Скопје, откако на пријавената, поради тоа што немала дозвола од судија за претходна постапка, не и било дозволено да го посети нејзиниот сопруг  којшто бил во притвор, таа почнала вербално да се расправа, по што си заминала. Потоа се вратила, и преку оградата, кон затворската кантина од затворот, фрлила запалено шише од коешто  се запалила вратата, дел од оградата и  канта за ѓубре.

Сектор за внатрешни работи Охрид  поднесе кривична пријава против  Џ.Б.(39)  и  Р.Е.(28) од Охрид  за сторено кривично дело  “измама“. Во  текот на септември годинава  31 годишно лице од Белгија, по претходен договор со пријавените, го префрлил автомобилот на име на второпријавениот, по што требало откако, пријавените би го продале, да  му пратaт пари, но од тогаш па се до пријавувањето двајцата осомничени не го исполниле договореното, со што предизвикале материјална штета од 522.750 денари.

Сектор за внатрешни работи Тетово  поднесе кривична пријава  против  М.Е.(47) од Тетово за сторено кривично дело “недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 07.07.2017 година околу 11,40 часот, во Тетово при преглед од страна на полициски службеници кај пријавениот била пронајдена најлонска кеса со 7,32 грама кокаин.


Сектор за внатрешни работи Тетово  поднесе кривична пријава  против   З.М.(58) од село Старе Село за сторено кривично дело “неовластено држење на оружје или распрскувачки материи“.  На  14.12.2017 година во село Старе Село, при  претрес во домот и помошните простории на пријавениот биле пронајдени: кожна футрола за пиштол,  кожен ременик за ловечка пушка, со 15 ловечки патрони, куршум боева муниција,  футрола за ловечка пушка  и ловечка пушка марка „Црвена застава“  со дозвола на име на пријавениот,  дозвола за поседување и носење на оружје на име на пријавениот, 59 празни патрони за ловечка пушка калибар 12 милиметри,  празна чаура за ловечка пушка калибар 16 милиметри, кожна футрола за пиштол, две машинки за полнење ловечка муниција, осум тапи за полнење ловечка муниција, две кугли за полнење ловечка муниција, прибор за чистење на ловечко оружје, една кутија со барут за полнење муниција и ловечки сачми,  25 испукани куршуми калибар 7,62 милиметри, 12 патрони за ловечка пушка калибар 12 милиметри, еден патрон за ловечка пушка калибар 16 милиметри, две испукани чаури, торбица со две рамки за автоматска пушка со 60 куршуми калибар 7,62 милиметри, автоматска пушка калибар 7,62 милиметри, 61 куршум калибар 7,62 милиметри, два куршума мал калибар, еден куршум магнум 3,57 и еден куршум калибар 7,62 милиметри.