Извадок од дневните настани 20.12.2017

На 19.12.2017 година во 08,10 часот на регионалниот пат Охрид-Свети Наум помеѓу авто-кампот „Елешец“ и с.Пештани, се случила сообраќајна незгода во која Л.Ц. (38) од с.Пештани, управувајки патничко возило „Даеву Нексија“ со охридски регистерски таблици изгубила контрола над возилото и со истото удрила во дрво. Во незгодата, Л.Ц. се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена во Болницата„Свети Еразмо“-Охрид, каде била задржана на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од Полициската станица за Безбедност на сообраќајот на патиштата-Охрид.

 

На 19.12.2017 година во 18,00 часот во ПС-Кавадарци, П.Д. (85) пријавила дека непознато маскирано лице, вооружено со пиштол, влегло преку незаклучената влезна врата во станот и физички ја нападнал пријавителката удирајќи ја неколку пати во пределот на вратот, по што од вратот и го одзел златното ланче и го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 19.12.2017 година околу 14.20 часот на ул. „Никола Вапцаров“ во Скопје, Ц.Т. (57) од с.Ново Лагово, прилепско, вработен во приватна фирма, додека извршувал работи на кран на висина од четири метри, во моментот кога се откачила дигалката тој паднал на земја и се здобил со повреди по што веднаш бил пренесен во Ургентниот центар Скопје. По кратко време Ц.Т. им подлегнал на повредите. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 18.12.2017 година во 20,50 часот во СВР-Битола, С.С. (47) од Битола пријавила дека на 18.12.2017 година околу 16,00 часот од домот во непознат правец се оддалечила нејзината ќерка Ј.С. (22), Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.                                      

 

На 19.12.2017 година во времето од 17,00 до 18,00 часот на граничниот премин “Табановце“, во организација на политичката партија ВМРО ДПМНЕ се одржал јавен собир. Во текот на собирот, околу 17,20 часот додека полициски службеник од СВР-Куманово, ги обавувал службените задачи, во еден момент Ф.Ф. (42) од Куманово кој учествувал во протестот се приближил до кордонот и со рака го удрил полицискиот службеник во пределот на лицето, односно по левото око. Ф.Ф. бил приведен во СВР-Куманово, додека полицискиот службеник бил пренесен во Јавната здравствена установа-Куманово каде бил задржан на лекување. Во текот на денешниот ден против Ф.Ф. ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

 
 

Во текот на вчерашниот ден (19.12.), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 12 сообраќајни незгоди од кои една со починато лице, една со тешки телесни телесни повреди и по пет со телесни повреди и материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице го изгуби животот, три лица се здобиле со тешки телесни повреди и шест лица со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 25 возачи го управувале возилото со брзина поголема од дозволената. Седум возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи еден го управувал возило под дејство на алкохол додека шест возачи управувало возило без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради нерегистрирани возила од сообраќај е исклучено едно возило. Во текот на изминатиот ден издадени се 72 мандатни платни налози, додека 60 возила се подигнати со "пајак". Двајца возачи се санкционирани бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло, односно не дале првенство на минување на пешаци. Поради нeправилно престројување се санкционирани исто така - двајца возачи, додека тројца се санкционирани поради неправилно престигнување.

На 19.12.2017 година во 13,30 часот во ПС-Гази Баба, било пријавено од страна на шест родители дека лице вработено како психолог во ЈУ “Ранка Милановиќ“ и возач на комбе кои ги превезувале нивните малолетни деца на возраст од четири до 14 години до Домот за ресоцијализација и интеграција, биле малтретирани од двете лица, при што на децата им биле нанесени видливи повреди-црвенило, модринки и гребнатини. Од страна на полициски службеници од страна на СВР-Скопје излезено е на местото на настанот, известен е Јавен обвинител и постапено по негова насока.Се превземаат мерки за целосно расчистување на настанот. Истиот ден (19.12.), а во врска со посочениот настан, во 21,30 часот во ПС Гази Баба Р.П. (39), вработена како психолог во ЈУ “Ранка Милановиќ“, пријавила дека претпладнето околу 11,30 часот во кругот на установата дошло до нарушување на јавниот ред и мир, односно од страна на двајца родители сместени во установата како згрижени семејства таа била малтретирана, омаловажувана, и навредувана поради тоа што тие биле незадоволни од Р.П. како психoлог на нивните деца.Наводно, кога се симнале децата од комбето, по кратко време пријавените лица влегле во комбето каде што била пријавителката и почнале да ја навредуваат со погрдни зборови, да ја плукаат, тегнат по јакната, да ја туркаат и малтретираат и со рацете почнале да и замавнуваат кон лицето и главата. Се работи на целосно расчистување на случајот.
На 19.12.2017 година од страна на политичката партија ВМРО ДПМНЕ добиено е известување во кое се најавува дека секој ден ќе се одржува јавен собир со блокада на гранични премини. И тоа по следниот редослед: на 20.12.2017 година во времето од 16,00 до 18,00 часот на ГП „Богородица“; на 21.12.2017 година во времето од 17,00 до 18,00 часот на ГП „Ќафасан“; на 22.12.2017 година во времето од 17,00 до 18,00 часот на ГП „Деве Баир“ и на 24.12.2017 година во времето од 16,00 до 18,00 часот на ГП „Богородица“.
На 15.12.2017 година во 20,50 часот во СВР-Битола М.С. (32) од Гевгелија пријавила дека истиот ден околу 16,00 часот, нејзиниот татко Ѓ.А., заминал на риболов во Дојранско Езеро, и дека до моментот на пријавување, истиот не се вратил дома ниту се јавувал на мобилниот телефон. Организирана е потрага по лицето од страна на концесионерот„Фишаленд“, а во потрагата вклучена била и нуркачка екипа од Единица за специјални задачи при МВР на РМ со цел пронаоѓање на лицето, при што е пронајден чамец (и рибарска мрежа) со кој што исчезнатото лице се упатило во водите на Дојранското езеро. Се работи на пронаоѓање на лицето и расчистување на случајот.

На 19.12.2017 година во 18.30 часот на регионалниот пат Тетово-Скопје, во Групчин, се случила сообраќајна незгода во која патничко возило „Мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од М.Љ. (34) од Тетово, удрило во пешакот Ќ.Д. (73) од с.Чифлик, тетовско. По незгодата, пешакот со друго возило бил пренесен и задржан во тетовската клиничка болница за натамошно лекување.Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Тетово.

На 19.12.2017 година во 16.30 часот во казино на ул. „Филип Втори Македонски“ С.В. (30) и М.Р. (33), двете од Скопје, вработени во казиното, пријавиле дека истиот ден во 15.45 часот физички биле нападнати од непознато лице. Напаѓачот почнал да ја удира С.В. со боксови по главата, по што М.Р. дотрчала да и помогне.Во тој момент напаѓачот со нога ја удрил и М.Р. во стомакот и побегнал во непознат правец.Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 19.12.2017 година околу 23.00 часот, М.П. (38) од с. Брвеница, тетовско, пријавила семејно насилство од нејзиниот сопруг Б.П. (39), со кого била во бракоразводна постапка.Според пријавата, во алкохолизирана состојба, Б.П. најпрво започнал вербална расправија со неа, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со тупаници по главата и влечејќи ја за коса. Набргу по пријавувањето, Б.П. бил лишен од слобода и бил задржан во Полициската станица Гостивар. При приведувањето, тој ги навредувал и омаловажувал полициските службеници.По целосно документирање на случајот против Б.П. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 19.12.2017 година околу 18.20 часот, Е.К (28) од с. Урвич, тетовско, пријавил тешка кражба во куќата на неговиот дедо, кој е времено вработен во Италија, а која се случила во периодот од 15.12.до 19.12.2017 година. Нешто подоцна, по преземени мерки, полициски службеници откриле дека тој самиот го одзел златниот накит и гасен пиштол со вредност од над 120.000 денари и му ги дал на чување на негов пријател Б.А.(32) од Тетово. Накитот и пиштолот биле пронајдени кај Б.А. и биле вратени на блиски роднини на сопственикот М.У.. По целосно документирање на случајот против Е.К. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

СВР-Скопје поднесе кривична пријава против И.Д.(19), Б.Д.(18) , М.С. (19), сите од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. Исто така кривично пријавени се и С.Ѓ. (19) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство“ во врска со кривично дело „разбојништво“ и В.М. (21) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање“. Со сторените кривични дела пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 1.049.000 денари. Прво и второпријавениот, на 27.11.2017 година околу 09,30 часот во Скопје, на улица „Љубљанска“, го пречекале четвртопријавениот, при што физички го нападнале и насилно му ја земале кесата со парите од дневниот промет на бутик, по што со возило, во коешто ги чекал третопријавениот, избегале во непознат правец.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.С. (16) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. Пријавениот на 07.11.2017 година околу 18,20 часот во Скопје на улица „Кеј 13-ти Ноември“, во тоалетите во Градскиот трговски центар, со уште едно непознато лице, од зад грб, со непознат предмет, физички го нападнале оштетениот, по што тој паднал на земја и се онесвестил, додека пријавениот и другото лице му го одзеле мобилниот телефон.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Г.М. (31), К.П. (25) и уште едно 16 годишно лице сите од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени 16 кривични дела „тешка кражба“.Пријавените од 02.09.до 30.10. годинава, во ноќните часови, на подрачјето на општина Аеродром извршиле 16 кривични дела во возила, на начин што, додека третопријавениот внимавал на присуство на други лица, прво и второпријавениот, со употреба на погоден алат насилно делувале на бравите од вратите на возилата, по што демонтирале и одземале акумулатори, резервни тркала, разен алат, клучеви за тркала, кабли, авторадио и друго, а потоа украдените предмети ги препродавале.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка при Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против Д.С. (29) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “предизвикување општа опасност”.Пријавениот на 04.09. годинава во 23,25 часот во Крива Паланка на улицата „Свети Јоаким Осоговски“, пред дисконт откако поставил хартија, го потурил со бензин предниот дел од возило “Фолксваген Пасат”, сопственост на М.П. од Крива Паланка, по што ја запалил хартијата и предизвикал пожар, од којшто било оштетено возилото.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга при Секторот за внатрешни работи-Струга поднесе кривична пријава против Д.И. (30) и Р.А. (37) од село Подгорци-струшко поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „посебни случаи на фалсификување исправи“ и две кривични дела „употреба на исправа со невистинита содржина“. Првопријавениот, вработен во Шумска полиција, неовластено ставил печат од Шумската полициска станица на потврда на негово име, дека бил член на синдикат, и на истата потврда го фалсификувал потписот на претседателот на синдикалната организација.Потоа изготвил решение, на негово име, за административна забрана на плата, при што го употребил печатот и штембилот од Шумска полициска станица, и го фалсификувал потписот на раководител на финансиска служба и овластено лице. Второпријавениот, во договор со првопријавениот, и покрај тоа што не бил вработен во Шумска полиција, неовластено пополнил изјава на негово име, во којашто навел дека е член на синдикат и вработен во Шумска полиција, на работно место референт, со што му била изготвена потврда и решение за извршување -административна забрана на плата, по што на 26.04.2017 година, во продавница во Струга, фалсификуваните документите ги употребиле за набавување на мобилни телефони на рати.