Извадок од дневните настани 25.12.2017

 На 24.12.2017 година во 20,35 часот на пат Р 1101 Ѓавато – Тополчани (стар пат) во близина на туланата во правец кон крстосницата за с.Могила, возило „Ауди“ со битолски регистарски ознаки управувано од Р.Г.(40) од Битола излетало од коловозот, при што возачот починал на лице место. Увид на лице место извршиле јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Битола. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.


На 24.12.2017 година во 18.10 часот  на дел од пругата  помеѓу железничка станица- Жеровјане и железничка станица-Гостивар, патничкиот воз бр.660, управуван од машиновозачот Ј. Н. кој сообраќа на релација Скопје-Кичево  наишол и удрил во поставени камења на пругата, при што од ударот е предизвикана материјална штета (оштетување на моторот и карданот),  поради што возот застанал веднаш по ударот. Повредени патници нема. Железничкиот сообраќај на тој дел од пругата бил во прекин. Во 23,00 часот сообраќајот е нормализиран.


На 24.12.2017 година во 08,00 часот на граничен премин „Деве Баир“ на излез од Р.Македонија, при пасошка контрола на А.К.(27) од Р.Албанија констатирано е дека  страниците бр. 9 и 10 се од обична хартија, кој лист на прецизен и професионален начин е налепен во патната исправа. Поради сомнение дека се работи за кривично дело „фалсификување исправа“ истиот е лишен од слобода.

На 24.12.2017 година околу 21,30 часот полициски службеник од полициско одделение Петровец, интервенирајќи при физички напад и самиот бил нападнат. Имено М.С.(43) од Скопје, кој бил под дејство на алкохол физички ги нападнал неговиот брат и снаа, а при обид на полицискиот службеник да интервенира М.С. го нападнал удирајќи го со глава во пределот на носот. М.С. е лишен од слобода во полициска станица Гази Баба, а полицискиот службеник побарал лекарска помош во Ургентен Центар Скопје. Против сторителот ќе биде поднесена пријава за напад на полициски службеник.

На локалниот пат што ги поврзува тетовските села Камењане и Јеловјане, вчера (24 декември) околу 13.30 часот, трактор „ИМТ“ без регистерски ознаки, што бил управуван од 59-годишниот А.И. од Камењане излетал од коловозот. З.И.( 33 ) и 11-годишно девојче од Камењане, кои седеле на импровизирана приколка од штици, паднале од тракторот и задобиле тешки телесни повреди. Со друго возило, двајцата биле пренесени во тетовската клиничка болница и по укажаната лекарска помош префрлени се на скопските клиники. Девојчето со скршеница на десната рака, задржано е за натамошно лекување, додека  З.И.  е пуштен дома.

На 24.12.2017 година во 12.40 часот во Полициската станица Аеродром, Ј.П. (62) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 10.40 часот на бул. „Јане Сандански“ бил нападнат од куче скитник, кое го каснало во пределот на десната нога.

На 24.12.2017 година во 03,00 часот во ПС “Бит Пазар“ И.М.(32) пријавил дека истиот ден околу 01.00 часот на ул.„Лазар Трповски“ пред влез од зграда, од страна на лицата Џ.З. и И.З. физички бил нападнат со удари со боксови во пределот на лицето и главата. Причина за физичкиот напад, според пријавата,  биле должничко доверителски односи. Се работи на целосно расчистување на настанот.

На 24.12.2017 година во 11,15 часот во ПС“Драчево“ Ф.С.(66) пријавил дека на 21.12.2017 година од домот во непознат правец се оддалечила неговата внука Р.С.(24). Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


 На 24.12.2017 годинa во 10,00 часот на ул.“Козле“ товарно моторно возило “Пежо Ван“ со скопски регистерски таблици управувано од И.И.(58) од Скопје удрило во пешакот Ј.Н.(77) од Скопје. Од незгодата со повреди се здобила жената- пешак, која со возило била пренесена во Ургентниот центар во Скопје, каде од страна на лекар и биле констатирани тешки телесни повреди. Од страна на увидна екипа од СВР-Скопје било излезено на местото на настанот и бил извршен увид и се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


На 24.12.2017 година во 17,00 часот на крстосница од регионален пат Скопје – Хидроелектрична централа-Козјак, локалниот пат за Марков Манастир и с.Добри Дол, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило “Фолксваген Голф“ со скопски регистарски таблици, управувано од А.З.(57) од Скопје, патничко моторно возило “Ауди А6“ со скопски регистарски таблици управувано од М.А.(33) од Скопје и патничко моторно возило “Фолксваген Венто“ со скопски регистарски таблици паркирано од В.Б.(54) од с.Елово-скопско. По незгодата, со возило на брза помош сопатничката од возилото “Фолксваген Голф“, Б.С.(55) од Скопје и сопатникот од возилото “Ауди А6“, М.Ш.(48) од Скопје биле пренесени во Ургентниот центар во Скопје, каде им била укажана лекарска помош. На Б.С. и биле констатирани тешки телесни повреди, по што била задржана на понатамошно лекување на Клиниката за торакална хирургија, а на М.Ш. му биле констатирани телесни повреди. Од страна на увидна екипа од СВР-Скопје било излезено на местото на настанот и бил извршен увид и се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


Во текот на изминатиот викенд (22, 23 и 24.12.2017 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно 27  сообраќајни незгоди од кои една сообраќајна незгода со загинато лице, две со тешки телесни повреди, 15 сообраќајни незгоди со телесни повреди и девет со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице го загубило животот, шест лица се здобиле со тешки телесни повреди и 21 лице се здобиле со лесни телесни повреди.

Четириесет и осумгодишниот Ј.И. од тетовско Горно Седларце, вчеравечер (24 декември) околу 20 часот и 30 минути пријавил дека од засега докрај неутврдени причини избувнал пожар во неговата плевна. Опожарени се 600 бали сено и покривната конструкција. Со интервенција на тетовските пожарникари, околу 23 часот и 30 минути пожарот е локализиран. Според првичните сознанија, причина за пожарот е неисправна електрична инсталација, а вкупната материјална штета се проценува на 300 илјади денари.

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против И.И. од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и кривично дело „даночно затајување“. Пријавениот, сопственик и управител на Друштво за промет и услуги „Депо-Кору“ ДООЕЛ Скопје, од 2012 година до 2017 година, не ја спровел законски пропишaната постапка за намалување на основата главнина и не ги повикал доверителите во рок од 90 дена да поднесат барања за исплата на своите побарувања, при што на непознат начин како физичко лице отуѓил машини во вредност од 97.273.300 денари, коишто биле основен влог на  Друштво за промет и услуги „Депо-Кору“ ДООЕЛ Скопје, со што оневозможил доверителите да наплатат процентуален износ на своите побарувања во  вредност од 65.432.160 денари. При тоа, пријавениот не платил персонален данок на доход за остварениот приход од продажбата на основните средства на Друштвото како физичко лице,  во износ од 10.807.063 денари.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Р.Д.(61) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот, како градоначалник на Кочани, од декември 2013 година до април 2014  година,  без претходно донесена одлука од Советот на општина Кочани за субвенционирање на градскиот превоз на подрачјето на општина Кочани, склучил Договор за вршење на јавен градски превоз за пробен период со „Авто Атом“ ДОО Кочани, врз основа на којшто, за секој продаден билет на превозникот,  општината субвенционира половина од износот. На овој начин, пријавениот му овозможил на  „Авто Атом“ ДОО Кочани да се стекне со  противправна имотна корист, а го оштетил буџетот на општина Кочани за  3.000.690 денари.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Т.Г.(38) од село Разловци, Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „производство и пуштање во промет на штетни и други прехрамбени продукти”.  Пријавениот на 14.11. и 15.11.2017 година во Делчево на улица „ Н.Ј.Вапцаров”, во сендвичара „Кинг”,  приготвил и пуштил во промет сендвичи во кои имало присуство на бактерии „Staphliococus koagulaza“ и  „Enterobakteriacea“, со што го  загрозил здравјето на шест лица  коишто на  15.11.2017 година,  се јавиле во „Итната медицинска служба” во Делчево од каде поради влошената здравствена состојба биле пренесени во „Клиничка болница” во Штип.


Секторот за внатрешни работи Велес поднесе кривична пријава против С.С.(29) од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски системи“ и „злоупотреба на лични податоци“. Пријавениот од 09.05.2016 до 13.06.2016 година преку лажно оформен профил на социјалната мрежа Фејсбук користел слики од Д.Д. од село Бегниште,  Кавадарци,  коишто со пораки, со недолична содржина, ги испраќал на неговите пријатели на Фејсбук.