Извадок од дневните настани 26.12.2017

На 25.12.2017 година околу 16,50 часот во Велес на ул.„Благој Ѓорев“ патничко моторно возило „Даеву Матиз“ со велешки регистерски таблици управувано од Д.М. (33) од Велес удрило во пешакот Љ. Н. (71) од Велес. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Љ.Н. на кој му била укажана лекарска помош во oпштата болница во Велес, по што бил задржан  на понатамошно лекување. Увид извршила увидна екипа од ПС “Велес“. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 26.12.2017 година во 00,38 часот во Скопје на бул.„Србија“ патничко моторно возило „Мерцедес“ со скопски регистерски таблици управувано од С.М. (30) од Скопје, изгубило контрола и удрило во бандeра и билборд, по што С.М. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентниот центар при комплексот клиники “Мајка Тереза“. Констатирани му се тешки телесни повреди и бил во животна опасност. Увид извршила увидна екипа од СВР-Скопје. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
                                          
На 25.12.2017 година околу 14,30 часот било пријавено дека во Скопје на ул.“Цветан Димов“, во близина на паркот во населбата Чаир, во автобус бр.57, дошло до нарушување на јавниот ред и мир на горниот спрат од автобусот помеѓу две групи на малолетници. Во еден момент од страна на едно лице зададена му била убодна рана со остар предмет во пределот на ногата на 17 годишен малолетник, по што напаѓачот веднаш го напуштил местото на настанот, а повредениот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентниот центар при комплекс клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.12.2017 година околу 02,00 часот било пријавено дека Д. Б. (39) од Битола  додека бил во својата ќелија во Казнено поправната установа “Идризово“, му се слошило и со возило на итна медицинска помош бил пренесен во Клиничкиот центар “Мајка Тереза“. Но, набргу откако бил примен на клиниката за токсикологија истиот починал.  Д.Б. во Казнено поправната установа “Идризово“ бил од  03.09.2014 година, а осуден бил на три години и седум месеци. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

Во текот на вчерашниот ден (25.12.2017 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 15 сообраќајни незгоди од кои шест со телесни повреди и девет со материјална штета. При сообраќајните незгоди 13 лица се здобиле со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 16 возачи го управувале возилото со брзина поголема од дозволената. Седум возачи се исклучени од сообраќај бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради истечена важност на сообраќајната дозвола четири возила се исклучени од сообраќај додека едно возило не било технички исправно. Во текот на изминатиот ден издадени се 90 мандатни платни налози, додека 75 возила се подигнати со "пајак". По двајца возачи се санкциониран бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло, не дале првенство на минување на пешаци односно нeправилно се престроиле.

На 25.12.2017 година околу 12,00 часот од страна на полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово биле приведени С.С.(39) од Тетово и Е.М.(41) од Селце кои продавале разновидни пиротехнички средства на две импровизирани тезги што биле поставени на градскиот плоштад во Тетово.

На 23.12.2017 година во 15.30 часот жена од с.Трубарево пријавила дека девојче на возраст од 13 години од истото село било малтретирано и избркано од неговата мајка на улица. Од страна на полициските службеници девојчето е однесено во комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде било примено од лекар кој констатирал телесни повреди, кои детето појаснило дека ги добило од удар со маша по глава од страна на неговата мајка. По извршениот преглед, детето било донесено во Полициска станица Гази Баба, каде што биле повикани инспектор за малолетници и интервентен тим од Центар за социјални работи .

На  25.12.2017 година во 04:45 часот П.Н.(33) од Скопје пријавил дека на  25.12.2017 година околу 03:30 часот пред ноќен клуб на ул.50-та Девизија бил нападнат од страна  на  две машки  лица, по што пријавителот паднал на  земја. Физичкиот напад е рачистен и на Ф.З.(26) и К.С.(25) им се направени записници  за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

На 25.12.2017 година во 09,40 часот Д.Ј.(61) пријавила дека на 23.12.2017 година на бул.Јане Сандански  бб Скопје, на тротоарот, забележала куче скитник без знаци на живот, по што заедно со соседите телото на кучето го однеле на ветеринар, кој по извршениот преглед констатирал дека смртта на кучето настанала од труење.

На 25.12.2017 година во 12:00 часот А.Т.(21) пријавил дека на 23.12.2017 година околу 21:00 часот на бул.Метрополит Теодосиј Гологанов додека се движел од зад грб му се приближило куче-скитник и го каснало во пределот на десната потколеница.

На 24.12.2017 година во 22:20 часот во Полициска станица Драчево Т.Н.(29) пријавил дека истиот ден околу 19:40 часот на ул.Иван Хаџи Николов од страна на куче скитник бил каснат во пределот на левата нога. Т.Н. побарал лекарска помош во Комплекс клиники „Мајка Тереза“.

На 25.12.2017 година во 19,30 часот С.Б.(30) пријавила дека претходниот ден околу 19,00 часот на ул. Иван Хаџи Николов ја нападнало куче скитник кое ја каснало за левата нога.

На 26.12.2017 година во 02.54 часот од медицинско лице од Комплекс клиники „Мајка Тереза“, пријавено е дека починал М.Ј.(26) од Кратово, кој со возило на Итна медицинска помош Куманово бил донесен на клиниката на 25.12.2017 година околу 22.15 часот. Од страна на полициски службеник извршен е разговор со докторот кој го примил лицето, во бесознание и бил под дејство на наркотични средства, по што во 02.50 часот починал. Во консултација со Јавен обвинител телото на починатото лице е предадено за обдукција.

На 25.12.2017 година во 16,30 часот во Полициско одделение“Петровец“, Ј.К.(33) пријавила дека околу 14,00 часот во фирма во с.Марино, каде што била на интервју за работа, дошол нејзиниот сопруг П.К. (36) инаку полициски службеник со кого не живеат заедно околу една година и истиот почнал да ја навредува и да ја влече за коса. Ј.К. побарала лекарска помош во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“ за што приложила медицинска документација. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички работи и професионални стандарди и од П.К.  биле одземени службеното оружје, палката и лисиците за врзување. Се преземаат мерки за целосно  расчистување на случајот.

На 25.12.2017 година околу 19,00 часот, Ш.Р.(49) од Тетово пријавил дека на улица „Илинденска“ во Тетово од страна на непознати сторители било одземено неговото патничко моторно возило „Пасат“ со тетовски регистерски ознаки. Возилото било незаклучено и во погон, а тој се симнал нешто да купи и кога се вратил, веќе го немало на тоа место. Во возилото имал повеќе документи и мобилен телефон. Околу 01,20 часот одземеното возило било пронајдено на паркинг пред зграда на улица „Мара Угринова“ во Гостивар.

 На 25.12.2017 година, Б.А.(30) од село Пирок- тетовско  пријавил злоупотреба на неговата платежна картичка од страна на непознати сторители. На 07.11.2017 година, преку социјална мрежа нарачал мобилен телефон и ги внел личните податоци и бројот на платежната картичка, издадена од една од банките во Тетово. Кога по извесно време ја проверил состојбата на сметката, констатирал дека во периодот од 20.11.-27.11.2017, во девет наврати од истата му биле подигнати 90.218 денари. Се работи на целосно расчистување на настанот и пронаоѓање на сторителите.

На 25.12.2017 година околу 20,00 часот на автопатот Гостивар -Тетово, патничко моторно возило „Голф“ со германски регистерски ознаки, управувано од Е.Џ.(40) од Добридол, удрило и усмртило куче-бездомник, кое неконтролирано се движело по коловозот. Нема повредени лица во возилото.

СВР Тетово поднесена кривична пријава против Џ.Џ.(38) од Р.Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “фалсификување на исправа“. На 22.12.2017 година во 10,35 часот на Полициска станица за Гранична контрола “Јажинце“ при влез во Р.Македонија, по преглед на возило “Опел Вектра“, управувано од пријавениот, поради сомнение дека бројот на шасијата не е оргинален, возилото било одземено. Врз основа на извршените анализи и добиени резултати било утврдено дека бројот на шасијата не е оригинален.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи “Гостивар“ при Секторот за внатрешни работи-Тетово поднесе кривична пријава против  Ш.Ш. (36) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на шума“  и против М.Ј. (23) од  Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело ,,помагање“  во врска со „кражба на шума“. Првопријавениот на  25.03.2017 година  во атар на село Сушица,  на место викано „Русино“ без соодветна документација, извршил сеча на 1.10 метри кубни огревни дрва даб, со што предизвикал материјална штета на јавното претпријатие “Македонски шуми“ ШС-Шар Гостивар од 14.850 денари, додека второпријавениот  во близина на село Долна Бањица  му помогнал на првопријавениот  при транспортот на бесправно исечените огревни дрва  до одредена локација.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи “Гостивар“ при Секторот за внатрешни работи-Тетово поднесе кривична пријава  против  Д.Н.(26) и Д.Ј. (23), двајцата од  село Чегране-гостиварско поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела  “соизвршителство“  во врска со  “пустошење на шума“. Пријавените, подолг временски период, во државна шума атар на село Корито, на местото викано „Горен Јелов Дол“, со моторна пила вршеле бесправна сеча на 287 букови стебла, а потоа исечените дрва со  возило  ги превезувале до неутврдена локација. На 06.09.2017 година,   пријавените во село Корито  на местото викано „Горен Јелов Дол“ биле затекнати од жители  на село Корито,  како   превезуваат огревни дрва, по што почнале да бегаат, и на местото викано „Ливади“ ги растовариле дрвата. По извршен увид биле пронајдени  287 пенушки од букови стебла, а   на влезот од шумата била пронајдена  бесправно исечена дрвна маса од буково огревно дрво од околу 19 метри кубни. На овој начин пријавените ја оштетиле ЈП-Македонски шуми ШС-Шар Гостивар со 43.21 метри кубни дрвна маса, односно за   583,335 денари.