Извадок од дневните настани 27.12.2017

На 26.12.2017 година околу 14.30 часот во Кавадарци, додека извршувале работни задачи во приватна фирма, Г.С. (42) и М.М. (40), двајцата од Кавадарци, паднале од корпа која била подигната со работна машина.  При падот, Г.С.  се здобил со тешки телесни повреди, додека М.М. се здобил со телесни повреди. По овластување на Јавен обвинител, увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Кавадарци и трудов инспектор. Двете лица се задржани во Јавната здравствена установа – општа болница Кавадарци за понатамошно лекување.

На 25.12.2017 година околу 10.20 часот Д.Т. (54) од с.Одрено, општина Ранковце, заедно со неговата сопруга З.Т. (40) и малолетните синови, физички нападнале полициски службеници од Полициското одделение Ранковце и Полициска станица Крива Паланка. Полициските службеници требало да извршат интервенција - одземање на трактор натоварен со дрва без соодветни документи, сопственост на Д.Т.. Тој со  тракторот превезувал околу три кубни метри багремови дрва. При интервенција на полициските службеници, Д.Т. со метална шипка удрил еден полициски службеник, неговата сопруга каснала друг полициски службеник, а  едниот малолетник со рака удрил полициски службеник во пределот на телото. Напаѓачите биле приведени и задржани во Полициската станица Крива Паланка. За настанот бил запознаен Јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Крива Паланка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Во текот на вчерашниот ден (26.12.2017 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 12 сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди, две со телесни повреди и осум со материјална штета. При сообраќајните незгоди две лица се здобиле со тешки телесни повреди и две со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 16 возачи го управувале возилото со брзина поголема од дозволената. Шест возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради истечена важност на сообраќајната дозвола осум возила се исклучени од сообраќај. Тројца возачи се санкциониран бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло, додека двајца возачи нeправилно престигнувале.

На 26.12.2017 година во 15.10 часот, на дел од пругата помеѓу железничка станица Јане Сандански и железничка станица Драчево, патничкиот воз кој сообраќал на релација Велес-Скопје наишол и удрил во поставени камења на шините. Од ударот дошло до оштетување на системот за кочење од што возот застанал. Во незгодата нема повредени патници и персонал. Железничкиот сообраќај на тој дел од пругата бил во прекин до 16.20 часот.

На 26.12.2017 година околу 21.00 часот во Единицата за информации и команда Скопје, вработена во аптека во Скопје- Порта Влае пријавила дека непознат сторител извршил разбојништво над неа. Сторителот со закана од нож го одзел дневниот промет и побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 26.12.2017 година во 13.10 часот на Граничниот премин Табановце, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето В.Ш. (64) од с.Вевчани се наоѓа на СТОП- листа за издржување казна затвор во траење од три месеци за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, по член 292 од Кривичниот Законик на Република Македонија. Лицето било лишено од слобода и со потврда било предадено на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против И.Д. (24) од с.Чанаклија, општина Василево, Н.Б. (22) од с. Старо Балдовци и против С.Ф. (32) од с. Калуѓерица, радовишко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на шума“. Пријавените, заедно со уште едно малолетно лице на возраст од 16 години од с. Старо Балдовци, на 13.08.2017 година на планината Огражден, на место викано „Маилица“, од вработени од ПШС „Беласица Струмица“ биле затекнати при бесправна сеча на дабови стебла со возило сопственост на Т.Н. од с. Старо Балдовци, татко на второпријавениот. Тие побегнале и го напуштиле возилото на непрооден дел од патот. На 14.08.2017 година, шумочуварите повторно, на истото место,  пронашле возило „Форд Сиера“, сопственост на третопријавениот, натоварено со зелени дабови дрва. Потоа, тие го забележале возилото, сопственост на првопријавениот, како влече друго возило. При обидот да ги запрат возилата,  кои биле натоварени со дабови дрва без жиг и соодветна документација, пријавените се однесувале насилно, и продолжиле да се движат. По извршениот увид било констатирано дека пријавените исекле 120 дабови стебла со  бруто дрвна маса од 45,50 метри кубни и осум букови стебла со  бруто дрвна маса од 3,2 метри кубни.

Полициската станица Дебар поднесе кривична пријава против М.Ц. (70) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправна градба“ и „узурпација на недвижности“,. М.Ц., во периодот од април до јули 2017 година, како инвеститор, на брегот на Дебарско езеро, кај с. Долно Косоврасти, зазел туѓо земјиште, односно земјиште сопственост на Република Македонија, дадено на користење на А.Д. „Дебарски бањи-Цапа“. Тој го узурпирал државното земјиште и без одобрение за градба од надлежен орган, отпочнал со градежни работи со што се стекнал со противправна  имотна корист  од 4.894.805 денари.     

Полициската станица Струга поднесе кривична пријава против Д.И. (30), вработен во Шумската полиција во Струга и Р.А. (37), вработен во основно училиште во с. Лабуништа, двајцата од с.Подгорци, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „посебни случаи на фалсификување исправи“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. На 26.04.2017 година Д.И., со цел да докаже дека е член на синдикатот, неовластено го употребил службениот печат на Шумската полициска станица, ставајќи го на потврда на негово име, а потоа го фалсификувал и потписот на претседателот. Р.А., со фалсификување документ и неовластено изготвување на административна забрана на плата на негово име, го употребил печатот и штембилот од Шумската полиција и со фалсификување на потписот на овластеното лице и на раководител на финансиска служба. Тој, иако е вработен во основно училиште, по договор со Д.И., неовластено пополнил изјава во која навел дека е вработен во Шумската полиција на работно место референт и дека е член на синдикатот. Потоа, на него му била изготвена потврда со фалсификат потпис на претседателот и изготвено решение за извршување административна забрана на плата, употребувајќи го повторно печатот и штембилот на истата институција. Така фалсификуваните документи,  двајцата пријавени ги употребиле во продавница за бела техника од каде набавиле мобилни телефони  на рати.

Денеска околу 12.10 часот било пријавено дека на булеварот „Крсте Мисирков“ во правец од Чаир кон Центар автобус на ЈСП (линија број 47) удрил во жена- пешак Е.А. на возраст од 89 години од Скопје. Од здобиените повреди жената починала на местото на настанот. Констатирана била смрт од страна на лекар од итна медицинска помош. Увид на местото на настанот е извршен од страна на екипа на Секторот за внатрешни работи Скопје во присуство на јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата е дадено за обдукција.

На 26.12.2017 годинa во 00.30 часот на бул. „Србија“ се случила сообраќајна незгода во која возило Мерцедес со скопски регистарски ознаки управувано од С.М. (30) од Скопје изгубилo контрола над возилото и удрилo во метална канделабра, рекламен билборд и ограда. Од незгодата со повреди се здобил возачот кој со возило на брза помош бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде од страна на лекар му биле констатирани тешки телесни повреди и бил задржан на понатамошно лекување, бидејќи се наоѓа во животно загрозувачка состојба.

На 26.12.2017 година во 07.00 часот на крстосница од ул. „Јуриј Гагарин“ и ул. „Братфордска“ се случила сообраќајна незгода во која товарно возило „Фиат Дукато“, управувано од С.Б. (54) од Скопје удрило во велосипедист И.Ѓ. (50), исто така, од Скопје. По незгодата И.Ѓ. со возило на Брза помош бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Од страна на доктор му биле констатирани тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош бил задржан на понатамошно лекување.   

На 26.12.2017 година во 13.15 часот М.Н. (40) од Скопје пријавила дека на 20.12.2017, додека нејзината 15 -годишна ќерка се движела со нејзината другарка по сервисната улица на бул. „3-та Македонска Бригада“ во Скопје и се приближило куче и ја каснало во пределот на десната и левата подколеница.

На 26.12.2017 година во 16.40 часот С.Б. (18) од с.Љубин пријавил дека истиот ден околу 12.50 часот на автобуската постројка на бул. „Партизански Одреди“, во моментот кога заедно со неговата малолетна сестра излегувале од автобус кој сообраќа на релација со бр.32,  бил нападнат од три непознати лица.  Пред него, од автобусот излегле малолетно лице од с.Грчец  заедно со уште две лица и физички го нападнале најпрво со тупаница во главата, а потоа му задале повеќе удари по главата и телото. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

На 26.12.2017 година во 14.00 часот С.И. (56) од Скопје пријавил дека истиот ден, во временски период од 10.15 до 10.25 часот, на ул. „Жан Жорес“ од страна на непознат сторител му било извршено неовластено навлегување во компјутерски систем. Сторителот, со изгубената дебитна картичка на С.И., неовластено повлекол парични средства од банкомат во износ од 93.950 денари. Изгубената картичка била во плик во кој го имало и ПИН кодот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот.

На 26.12.2017 година во 18.00 часот С.И. од с.Јурумлери пријавил дека претходниот ден околу 09,00 часот од дома во непознат правец се оддалечил неговиот син С.А. (25). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 26/27.12.2017 година, во  периодот од 23 до 02.00 часот, полициски службеници од Полициската станица Гостивар спровеле акциска контрола во угостителски објект, сопственост на Ф.Т. (48) од с.Неготино, лоциран покрај автопатот Гостивар-Тетово. При контролата, во објектот биле затекнати девет женски лица (шест албански државјанки и три од Република Македонија), кои биле ангажирани како пејачки и танчерки. Албанските државјанки (на возраст од 19 до 39 години), поради злоупотреба на туристичкиот престој, односно престојување спротивно на целта и непријавено работење, биле приведени и предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка.

На 26.12.2017 година околу 15.00 часот, на месноста „Бигор“, атар на село Вруток, гостиварско, бил повреден Б.Н. (62) од Гостивар, вработен во Јавното претпријатие „Комуналец“. Тој бил повреден работејќи на отстранување на дефект на водоводната мрежа. Б.Н. бил удрен по  главата со метална кука од авто-дигалка, по што Б.Н. изгубил рамнотежа и паднал на земјена површина од височина од околу два метри. Тој бил пренесен во гостиварската болница. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава  против Т.С. (47) од Скопје и Г.С. (37) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,предизвикување општа опасност”. На 08.12.2017 година околу 00.50 часот на автопатот Куманово-Скопје,  пред бензинска пумпа во село Романовце, Т.С. со патничко возило „Волво“, откако го престигнал од лева страна товарно возило „Сканија“, управувано од  Д.А. (21)  од село Градско, преку прозорец  извадил пиштол со цел да го запре. Во тој момент  од неговата бочна страна наишол  Г.С. и со возилото започнал да го потиснува товарното возило кон неговата десна страна. Тој удрил во товарното возило, по што му пукнала гума и возилото на второпријавениот  застанало.  Потоа,  Д.А. продолжил со движење кон Скопје и во кругот на една фирма телефонски го пријавил настанот во Полициската станица Куманово, додека второпријавениот го оставил возилото  на автопатот го напуштил возилото. 

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава  против Ф.Г. (34)  од Куманово  поради постоење основи  на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Ф.Г. на 10.12.2017 година околу 04.40 часот  во казино на плоштадот во Куманово, откако  Д.М. (41) од Куманово, обезбедување во казиното, не му дозволил да влезе во објектот поради тоа што бил во алкохолизирана состојба, ги навредувал вработените,   извадил нож и му се заканувал на Д.М., по што го напуштил местото.

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава  против М.С. (54) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело ,,злоупотреба на службена положба и овластување“. М.С., како директор на основно општинско „11-ти Октомври“ во Куманово,  самостојно вршела набавки без донесена Одлука на Училишниот одбор за јавни набавки, без да спроведе каква било постапка за јавна набавка и прибирање на понуди од повеќе добавувачи и со склучување на директни спогодби со добавувачи, без планирани и одобрени буџетски средства за таков вид набавки. За дел од набавките не склучувала договори, а за дел склучила договори за набавката директно со добавувачите, за што до училиштето биле доставени фактури од добавувачите на износ од 440.837 денари. Исто така, неодговорно постапувала при прибирање  на парични средства од ученици во готовина, во точно неутврден износ по разни основи (за кифли, обезбедување, екскурзии и друго) на образец Каса Прими, при што дел од  прибраните парични средства ги плаќала директно на добавувачи во готово, за што издавала образец Каса Исплати,  а дел од тие пари во готовина неодговорно ги трошела за други потреби во училиштето, со што создавала долгови на добавувачи, оштетувајќи го училиштето за точно неутврден износ.  Потоа,  го давала под закуп, на физички и правни лица, спортскиот објект-сала   во склоп на училиштето без  одобрение од градоначалникот на Општина Куманово, за што примала парични средства во готовина, од коишто  дел ги внесувала вирмански на сметката на училиштето, додека дел од тие пари во готовина неодговорно ги трошела за разни други потреби во училиштето, со што создавала долгови на добавувачи, оштетувајќи го, при тоа, училиштето за точно неутврден износ .    

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава  против  З.С. (70) од  Куманово и правното лице ТДОМВПТТ “ОТЉАНАЦ Звонко” ДООЕЛ Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „незаконита експлоатација на минерални суровини“. З.С., како сопственик на ТДОМВПТТ “ОТЉАНАЦ Звонко” ДООЕЛ Куманово и овластено лице на подружница СЕПАРАЦИЈА-ОТЉАНАЦ Куманово, на  11.11.2017 година со намера за себе и за правното лице да прибави противправна имотна корист, и покрај тоа што знаел дека е помината важноста на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина  на локалитетот ОДЗИРОМ село Доброшане, Куманово, извршил експлоатација на минерални суровини  од лежиштето на локалитетот ОДЗИРОМ кај село Доброшане, Куманово.

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против  С.Ј. (64) од село Бучим и известување против 15-годишник од  село Бучим поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на шума“. Пријавените на 08.11.2017 година во 02.00 часот на местото викано „Катранџија“ исекле и одзеле шест метри кубни дабови дрва, кои ги натовариле во приколки и со два трактори ги транспортирале кон село Бучим. Тие не застанале на даден знак од полициски службеници, побегнале и ги напуштиле возилата. Околу 02.35 часот од правец на село Бучим кон полициската патрола се слушнал истрел од огнено оружје, а по кратко време уште неколку истрели. На 14.12 2017 година на местото викано „Катранџија“, комисија од Јавно претпријатие „Македонски Шуми“ извршила увид, при  што било констатирано дека бесправно  биле исечени 102 стебла со дрва маса од 6,38 метри кубни, со што била прибавена противправна имотна корист од 44.600 денари.