Извадок од дневните настани 28.12.2017

На 27.12.2017 година околу 15,20 часот на шумскиот пат во Шумско стопанска единица-Градечка планина-Водисир, Општина Валандово, се случила сообраќајна незгода во која Т.Д.(58) од Валандово управувајќи товарно моторно возило „Там 80-Т“ со валандовски регистарски ознаки, излетал од шумскиот пат и се превртел во провалија. Во незгодата од здобиените повреди на местото на настанот починал сопатникот Ж.Д.(51) од Валандово,  додека сопатникот Д.Ј.(26) се здобил со телесни повреди во пределот на главата.

Во 06,45 часот било пријавено дека на локалниот пат од населбата Илинден кон с.Миладиновци, скопско, патничко моторно возило “Голф“ со скопски регистерски ознаки управувано од А.З.(19) од с.Миладиновци излетало од коловозот и се превртело. Од здобиените повреди возачот починал на местото на настанот. Од страна на лекар од Итна медицинска помош била констатирана смрт. Известен е јавен обвинител, а во моментов се врши увид од страна на увидна екипа. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 27.12.2017 година во 13,25 часот во Скопје на улица „Ѓорче Петров“  автобус „Јутонг“ со скопски регистарски ознаки управуван од Ш.И.(61) од Скопје удрил во пешакот Д.Ј.(82) од Скопје. По незгодата пешакот со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Градска општа болница „8-ми Септември“, каде му се констатирани тешки телесни повреди и е задржан  на лекување. Извршен е увид на местото на настанот.

На 27.12.2017 година во 17,45 часот во Сектор за внатрешни работи Велес Д.В.(63) од Велес пријавил железничка незгода случена на железничката пруга Велес-Кочани. Возот број 651 кој сообраќал на релација Скопје-Кочани, на 100 метри пред мостот, удрил во два коња, сопственост на непознато лице, кои се движеле по пругата. Од ударот едниот коњ паднал врз патничко моторно возило „Фиат Пунто“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на Ѓ.М.(52) од Велес и го оштетил возилото.

На 27.12.2017 година околу 20,40 часот во Гостивар во куќа на Е.Р.(58), три непознати лица со фантомки на главите заѕвониле на влезната врата, а оштетениот мислејќи дека е неговиот син се упатил кон вратата, но во тој момент лицата влегле во куќата и едно од нив физички го нападнало при што Е.Р. паднал на подот. Еден од сторителите вооружен со пиштол, испукал кон Е.Р. и го погодил во десната нога. Е.Р. е пренесен во Медицински центар Гостивар, каде му е констатирана влезно-излезна рана во пределот на десната подколеница, по што е префрлен во Комплекс клиники "Мајка Тереза" во Скопје. Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.12.2017 година во 22,45 часот од Медицински центар Гостивар, пријавено е дека кај нив е донесен В.С.(63) од с.Врапчиште, со повреда во пределот на левата страна од стомакот нанесена од нож. Имено, истиот ден околу 22,20 часот во с.Врапчиште пред куќата на А.А.(68) по претходна расправија поради паркирано патничко моторно возило, А.А. од дома земал кујнски нож и го прободел В.С. во пределот на стомакот.  В.С. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Комплекс клиники "Мајка Тереза". Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.12.2017 година во 14,50 часот од медицинско лице од Комплекс клиники "Мајка Тереза"  пријавено е дека кај нив е донесен Е.Б.(23) од Скопје кој најверојатно се обидел да се самоубие со бесење со шал во подрумската просторија од куќата каде што бил под кирија. Истиот е во животна опасност.

На 27.12.2017 година околу 20,00 часот во село Град, делчевско, на место викано "Момин  Дол“, бил пронајден починат С.М.(75) од село Град. Од екипа на Итна медицинска помош констатирана е смрт, при што е утврдено е дека смртта настанала од здобиени повреди по телото (внатрешно и надворешно крварење) кои настанале откако врз лицето се превртела запрежна кола која била  натоварена со дрва. Извршен е увид на местото на настанот.


На 27.12.2017 година околу 16,55 часот од медицинско лице од Комплекс клиники "Мајка Тереза" пријавено е дека кај нив се донесени повредени лицата А.С.(30) и Д.Ј.(52) двајцата од село Добршане, кумановско кои биле ангажирани преку фирмата „Електро“-Куманово, за поставување електрична инсталација во хангар на фирмата „БИК ДАТА-Процесинг“ лоцирана на улица „Перо Наков“. Лицата се здобиле со повреди при пад од висина, при што А.С. се здобил со тешки телесни повреди  (фрактура на трет лумбален пршлен), додека Д.Ј. се здобил со тешки телесни повреди (фрактура на пета). За настанот запознат е трудов инспектор.

Во врска со настан "Исчезнати лица" Г.Е(24) и нејзината 16 годишна сестра кои на 22.12.2017 година во Полициска станица Тетово беа пријавени за исчезнати (објавено во билтен на 23.12.2017 година), на 27.12.2017  од страна на полициски службеници се пронајдени во Гостивар.

На 27.12.2017 година во 08,50 часот кај мостот на реката „Черава“, униформиран полициски службеник при обид да ја извади камерата за надзор на државната граница, која претходно била поставена, паднал и се здобил со повреди на десната нога. Истиот со возило на Итна медицисна помош бил пренесен во болницата Св.Еразмо-Охрид, а по укажаната лекарска помош е префрлен во Комплекс клиники "Мајка Тереза". За настанот е запознаен Сектор за внатрешна контрола.
                                      
На 28.12.2017 година во 00,10 часот на Граничен премин Долно Блаце, на влез во Република Македонија, лишен е од слобода М.Е.(25) од Р.Албанија, со албанска патна исправа бидејќи при проверка утврдено е дека истиот евидира по телеграма од Сектор за внатрешни работи, Одделени за Потраги. Лицето е предадено во Полициска станица Тетово  за понатамошна постапка.

Секторот за внатрешни работи Скопје - Единицата за имотни деликти и малолетничка деликвенција – Одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција - Кисела Вода, Аеродром и Драчево, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Ж.В. (24) и М.А. (22), двајцата од Скопје, поради постоење основи на основи на сомнение дека извршиле едно кривично дело „тешка кражба“ во обид, предвидено и казниво по член 236, а во врска со член 19 од Кривичниот Законик на Република Македонија. Ж.В. и М.А. на 25.12.2017 година околу 10.40 часот, дошле до стан на ул. „Вера Јоциќ“. М.А. заѕвонил на влезната врата. Откако никој не им отворил, Ж.В. со употреба на погоден алат и физичка сила, преку прозорец на тоалет, влегол во станот. Во дневната соба ја забележал оштетената, по што веднаш избегал од истиот прозорец. Во моментот кога излегле од зградата, тие биле забележани од други лица кои се јавиле во полиција и почнале да одат по нив и да ги следат за да не избегаат. Неколку улици подолу од местото каде го извршиле делото, Ж.В. и М.А. биле пресретнати од екипа на единицата Алфа и полициски службеници од полициската станица Кисела Вода, кои ги фатиле и ги лишиле од слобода. Со потврда за одземени предметите, од Ж.В. биле одземени предметите со кои го извршил кривичното дело, а врз основа на судска наредба, на 25.12.2017 година бил извршен претрес во неговиот дом при што биле пронајдени и одземени едно пакување марихуана, како и фалсификувани чешки документи.

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против В.С. (66) од с.Оризаре, општина Липково, вработен во Јавно претпријатие „Македонски Шуми“-ПШС „Куманово“ како раководител –директор, против С.С. (34), сопственик и управител на ДПТУ„СОКОЛ-АРС КОМ“ ДООЕЛ с. Гошинце, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, и против Љ.Б. (43) од Куманово, вработен во Јавно претпријатие „Македонски Шуми“-ПШС „Куманово“ како Виш соработник за продажба и набавка и С.В. (64), вработен во Јавно претпријатие „Македонски Шуми“-ПШС„Куманово“ како референт за превоз поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“. В.С., С.С. и Љ.Б. му овозможиле на С.В. да се стекне со противправна имотна корист од 211 метри кубни огревно дрво од видот бука и даб, кои согласно продажните цени од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ Скопје изнесуваат 680.099 денари, вредност за којашто го оштетиле Јавното претпријатие „Македонски Шуми“-ПШС „Куманово“.

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против З.Д. (57) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и  „лажно пријавување на кривично дело“ и против Д.К. (25), Д.С. (62), Д.П. (38) и Г.Ц. (44), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службената должност и овластување“. З.Д., како стечаен управник на Земјоделска задруга „СЛОГА“ ЦО с. Умин Дол, Куманово,  од  јануари 2012 година до 02.04.2017 година ангажирал стражарска служба, при што ги вработил останатите четворица пријавени, коишто многу малку или воопшто не се појавувале на работното место. На тој начин тој им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист од 1.776.517 денари. Исто така, во тој период, стечајниот должник останал незаштитен. Од 13 извршени кражби на мотори, опрема и разни делови од земјоделска механизација, коишто биле во кругот на стечајниот должник, доверителите биле оштетени  за  1.300.482 денари.

Во текот на вчерашниот ден (27.12.2017 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле девет сообраќајни незгоди од кои една со починато лице, две со тешки телесни повреди, една со телесни повреди и пет со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице починало, едно се здобило со тешки телесни повреди и три со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 15 возачи го управувале возилото со брзина поголема од дозволената. Девет возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото под дејство на алкохол. Поради истечена важност на сообраќајната дозвола седум возила се исклучени од сообраќај. Еден возач е санкциониран бидејќи ја поминал крстосницата на црвено светло.

На 27.12.2017 година во 19.15 часот во полициската станица Центар, У.К.(61) од Гостивар пријавил дека истиот ден околу 18.30 часот на бул. „Партизански одреди“, од страна на непознат сторител му било одземено патничко моторно возило „Волво ХЦ“ со гостиварски регистарски ознаки. Возилото било паркирано на наведената адреса со оставени клучеви и во него имало три патни исправи и еден мобилен телефон. Со кражбата, сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 3.751.000 денари.


На 26.12.2017 година во 11.28 часот, С.П.(50) од Скопје пријави дека во периодот од 13.00 часот на 25.12 до 10.30 часот на 26.12.2017 година непознат сторител извршил тешка кражба во нејзиниот стан на булеват „АСНОМ“. Сторителот со употреба на погоден алат, преку балконската врата, влегол во станот и одзел поголема количина златен и друг накит, 20.000 денари и 3.000 евра. Откако го извршил делото сторителот го напуштил местото на настанот. На тој начин сторителот се стекнал со  противправна  имотна  корист  од  500.000  денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и целосно расчистување на случајот.

На 28.12.2017 година околу 01,30 часот од страна на полициски службеници од Секторот за внатрешни работи - Тетово, беше спроведена акциска контрола во угостителски објект сопственост на М.А.(35) од Тетово, лоциран на регионалниот пат Тетово–Сараќино. При контролата биле затекнати и приведени 16 женски лица, од кои 12 странски државјанки, девет од Република Србија и три од Република Албанија, како и четири од Република Македонија. Затекнатите во објектот, на возраст од 20 до 47 години, биле ангажирани како танчерки. Поради злоупотреба на туристичкиот престој, странските државјанки биле задржани во Полициската станица Тетово, за понатамошна постапка.

На 28.12.2017 година од 02,00 до 04,00 часот беше спроведена акциска контрола во угостителски објект сопственост на А.Н.(47) во с.Чегране, гостиварско. При контролата реализирана од страна на полициски службеници од Секторот за внатрешни работи-Тетово во координација со Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, во објектот биле затекнати 13 женски лица, пејачки и танчерки, од кои 10 албански и три македонски државјанки. Поради злоупотреба на туристичкиот престој, странските државјанки биле приведени и задржани во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка.

На 27.12.2017 година околу 15,20 часот на автопатот Тетово-Гостивар, во близина на клучката за село Камењане, патничко моторно возило „Опел вектра“ со тетовски регистерски ознаки, управувано од И.Б.(40) од Пирок, удрило и усмртило куче-скитник, кое неконтролирано се движело по коловозот. Од удирањето во животното нема повредени лица во возилото. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 27.12.2017 година во 11,40 часот во Сектор за внатрешни работи Скопје Г.Б.(35) пријавил дека на 26/27.12.2017 година на улица “Сирма Војвода“ од страна на непознат сторител била извршена тешка кражба од неговиот дом. Имено сторителот со погоден алат насилно ја отворил влезна врата од куќата, влегол внатре и одзел разновиден златен накит, рачни часовници, накит „Сваровски“, еден преносен компјутер, по што го напуштил местото на настанот стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 1.000.000 денари. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 27.12.2017 год во 23,30 часот во Полициска станица Аеродром Б.Б.(27) од Република Турција пријавил дека истиот ден околу 15,00 часот пристигнал на Транспортниот центар во Скопје по што му се јавил на негов пријател во Турција и се договориле да се слушне со лице Џ.С. за да му помогне при купување на повратен патен билет за Босна и Херцеговина. Околу 17,00 часот се сретнал со Џ.С. и седнале во ресторан каде истиот му побарал пари за да му купи билет. Б.Б. му дал 30.000 денари, а Џ.С. му го побарал и неговиот мобилен телефон бидејќи наводно неговиот му бил испразнет. Откако му ги дал парите и телефонот, Џ.С.  се упатил кон билетарите со цел да извади патни билети и не се вратил стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 42.000 денари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
   
Надворешна канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка  поднесе кривична пријава против Д.С. од Крива Паланка и Т.Б. од Штип, за сторено кривично дело ,,Тешка кражба”. Пријавените од 22,00 часот на  04.09.2017 до 07,15 часот на 05.09.2017 година  во село Узем, Крива Паланка, во продавница ,,Пемила”, сопственост на 25 годишно лице од село Узем,  преку кровна конструкција, со провалување во затворените простории,  одзеле цигари,  ресивер  што бил приклучен на камерите во објектот, клуч од возило ,,Туарег”  и околу 3.200 денари, со што предизвикале материјална штета од околу 600.000 денари.

Сектор за внатрешни работи Скопје поднесе  кривична пријава  против  Ј.П.(35)   и Љ.А.(38), двајцата од село Грчец, скопско за сторени две кривични дела „Одземање на моторно возило“. Пријавените на  11.08.2017 година околу 12,00 часот во Скопје на улица „Франклин Рузвелт“, забележале возило „Митсубуши Оутлендер“ паркирано на тротоарот, со клучевите во него, и со вклучен мотор, по што првопријавениот  влегол во возилото, и избегал со возилото во непознат правец, додека второпријавениот со моторцикл се упатил по возилото. Пријавените на  16.08.2017 година околу 15,10 часот во Скопје на улица „Димо Хаџи Димов“,  забележале возило „Мерцедес“ паркирано на тротоарот, со клучевите во него, и со вклучен мотор, по што првопријавениот влегол во возилото, и избегал со возилото во непознат правец, додека второпријавениот со моторцикл се упатил по возилото.

Сектор за внатрешни работи  Куманово поднесе кривична пријава  против С.Т., Љ.Т., О.С. тројцата од Куманово, Б.Р. и Ф.Џ. од  Липково, ДТПП „ЕУРОЛИНЕС ФАТИ“ ДОО Липково, ДПТУ „ОЛИ -ТРАВЕЛ“ ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, за сторени продолжени кривични дела „Фалсификување исправа“  и „Употреба на исправа со невистинита содржина“, против Т.Ц. од Куманово за сторени кривични дела „Фалсификување исправа“ и „Помагање“ во врска со „Фалсификување исправа“, и против ДТПП „ЕУРОЛИНЕС ФАТИ“ ДОО и  ДПТУ „ОЛИ-ТРАВЕЛ“ ДООЕЛ увоз-извоз   за сторено кривично дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“. Пријавените извршиле увоз на пет половни возила, приложувајќи, при тоа, во правниот сообраќај, фалсификувани купопродажни договори и други документи потребни за регистрација на возилата.