Извадок од дневните настани 29.12.2017

На 29.12.2017 година околу 01,25 часот во Скопје на булевар „Србија“ се случила сообраќајна незгода во која патничко моторно возило „Ауди А4“ управувано од Ѓ.Д.(28) од Скопје се судрило во патничко моторно возило „Пежо 207“, управувано од А.М.(60) од Скопје, а потоа преку тревникот поминалo на коловозните ленти од спротивната насока и удрило во оградата на бензинската пумпа, по што удрило во такси возило марка „Шкода Октавијa“ управувано од Т.Ј.(58) од Скопје. По незгодата, возилото „Ауди А4“ се запалило и целосно е опожарено. Сите возила кои учествувале во сообраќајната незгода се со скопски регистарски ознаки. Во сообраќајната незгода на место на настанот починал Т.Ј., додека тешка телесна повреда (фрактура на колено) е констатирана кај сопатникот од „Ауди А4“ Б.М.(21) од село Сопиште.  Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција. Сообраќајот на бул. „Србија“, на делот од крстосницата со бул. „Јане Сандански“ до крстосницата со бул. „3-та Македонска Бригада“, бил во прекин во двате насоки од 01.30 часот до 05.30 часот. 

 

На 28/29.12.2017 година, од страна на полициски службеници од полициската станица Гостивар, полициското одделение Галате и полициското одделение Чегране била извршена акциска контрола во два угостителски објекти. Во угостителскиот објект на ул. „Илинденска“ во Гостивар биле затекнати и приведени две женски лица–државјанки на Република Македонија. Во угостителскиот објект во с.Форино, гостиварско, биле затекнати и приведени четири женски лица (една државјанка на Република Македонија, една државјанка на Република Албанија и две на Косово). Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 29.12.2017 година, во периодот од 00.30 до 02.00 часот, од страна на полициски службеници од полициската станица Тетово била извршена акциска контрола во угостителски објект во с.Желино, тетовско.  Во објектот биле затекнати и приведени 11 женски лица (седум државјанки на Република Албанија и четири државјанки на Република Македонија). Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 28.12.2017 година во периодот од 08.00 до 16.50 часот на ул. „Павел Шатев“ во Битола, во станот сопственост на Љ.М. (41), непознат сторител извршил тешка кражба. Сторителот, со подесен алат ја отворил влезната врата од станот, влегол внатре и одзел еден пиштол марка „ЦЗ М57“ калибар 7,62 мм,  дигитален фотоапарат, шест рачни часовници, разновиден накит и еден плик со 20.000 денари и 150 евра, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 120. 000 денари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 28.12.2017 година во 11.20 часот во филијала на Стопанска банка на ул. „Благоја Стефковски“ во Скопје две непознати маскирани лица извршиле разбојништво над вработените. Сторителите влегле во банката и со закана со пиштол одземале околу 300.000 денари и 3.000 евра, по што побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот. 

 

На 28.12.2017 година околу 20.45 часот во аптека на бул. „Јане Сандански“ во Скопје непознат сторител извршил разбојништво. Сторителот со закана со пиштол, од касата го одзел дневниот промет од околу 50.000 денари и побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 28.12.2017 година околу 21.00 часот, во Градски Парк во Скопје, три до четири непознати лица извршиле разбојништво над П.Ј.С. (18) од с.Петровец, скопско. Сторителите со закана со нож му го одзеле мобилниот телефон. Откако му го одзеле телефонот, физички го нападнале нанесувајки му видливи повреди на главата. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 28.12.2017 година околу 18,00 часот на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило “Лада Нива“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.Д. (49) и патничко возило “Шкода Рапид“ со кривопаланечки регистарски ознаки, сопственост на општина Ранковце, управувано од Т.И. (51) од с.Ветуница, општина Ранковце. С.Д. поради дефект запрел на коловоз, а во задната страна на неговото возило удрило возилото „Шкода рапид“ . По незгодата, возачот Т.И. побарал лекарска помош во болницата во Куманово, каде бил примен и прегледан од лекар кој констатирал телесни повреди. По укажаната лекарска помош тој бил пуштен на домашно лекување.  Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Куманово. 

 

На 29.12.2017 година во 03,35 часот В.Т. (27) пријавил дека истиот ден околу 01.30 часот во угостителски објект на бул. „Илинден“ ги видел М.Д. и Ѓ.А. како се расправаат и во еден момент забележал како Ѓ.А. го удира со глава М.Д. Пријавителот отишол да ги раздвои. Додека ги раздвојувал Ѓ.А. му се заканувал и го удрил со шлаканица,а потоа откако В.Т. отишол кон излезот на угостителскиот објект Ѓ.А. уште една го сопрел и го удрил со тупаница во главата. По настанот В.Т. се упатил во Градската општа болница „8-ми Септември“ за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

На 28.12.2017 година во 11.00 часот З.Ч. (41), вработен во Прифатниот центар за азиланти во Визбегово, пријавил дека истиот ден околу 10.30 часот во ходникот на административната зграда физички бил нападнат од страна на лице барател на азил, евидентиран како М.М. (35) од Либија. Пријавителот бил удрен со тупаница во пределот на главата. Причина за нападот било тоа што М.М. ја побарал јакната на З.Ч. и откако овој не му ја дал, физички го нападнал. Се работи на целосно расчистување на случајот.

 

На 28.12.2017 година околу 14.20 часот во Ургентното одделение на гостиварската болница било донесено 14-годишно девојче од с.Симница со тешки телесни повреди. По укажаната лекарска помош, девојчето било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Девојчето се здобило со повреди додека пеш се движело по улица во с.Долна Бањица, при што било нападнато од куче-бездомник и бегајќи од кучето, таа паднала и се повредила.     

 

Во текот на вчерашниот ден (28.12.), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 19 сообраќајни незгоди од кои една со починато лице, седум со телесни повреди и 11 со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице починало, а 12 лица се здобиле со телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 32 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Четворица возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото под дејство на алкохол и исто толку возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи управувале возило без да имаат стекнато право на управување. Поради истечена важност на сообраќајната дозвола пет возила се исклучени од сообраќај, како и едно технички неисправно возило. Двајца возачи се санкционирани бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло. Покрај ова, во текот на вчерашниот ден беа издадени 130 мандатни платни налози поради непрописно паркирање а со специјално возило „пајак“ беа подигнати 86 возила.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава  против 16-годишник од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 23.11.2017 година околу 21.25 часот во маркет  на улица „2“ во Скопје, малолетникот со  закана со пиштол, заедно со уште едно непознато лице, на сопственикот на маркетот и неговата сопруга им ги побарале парите од касата. Сопственикот го фатил пријавениот за рака за да му го одземе пиштолот, но од позади непознатото лице со нож  го расекол во пределот на десната подлактица, и со пиштол бил неоклку пати удрен во главата, по што сторителите побегнале од местото на настанот.  

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против С.Р. (34), Ј.М. (18) и Р.Р. (17), сите  од с. Врапчиште, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. С.Р., на 19.10.2017 година  во 18.50 часот во берберница во село Добридол со метален боксирач физички го нападнал сопственикот Е.С. (26). Во нападот се приклучиле се приклучиле и Ј.М. и Р.Р.. 

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против Р.М. (58)  и С.М. (50), двајцата од с.Лакавица, гостиварско, поради постоење основи на  сомнение за сторено кривично дело “напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. Пријавените, на 30.08.2017 година околу 08.30 часот  на бул. „Браќа Ѓиноски“ во Гостивар, во дворното место на објкетот на Јавното претпријатие „Македноски Шуми“ подружница Шумско стопанство-Шар-Гостивар,  физички  ги нападнале И.Б. (34) и И.К. (40), шумочувари во Јавното претпријатие „Македонски шуми“.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против В.С. (27), Ш.У. (37) и еден 14- годишник, сите од  Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Пријавените, од 01.12.2017 до 06.12.2017 година, во студентскиот дом „Гоце Делчев“ на ул. „Московска“ во Скопје одземале алуминиумски врати и прозори што биле демонтирани од студенскиот дом и на тој начин се стекнале со противправна имотна корист од околу 500.000 денари.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против лицата Б.Д. (27) и Д.Б. (18), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на шума“. Пријавените на 18.10.2017 година околу 20.00 часот  во атар на село Драчево, на местото викано „Пеленица“,  во товарно возило имале натоварено околу шест метри кубни букови дрва без жиг и без  документација за сеча и превоз на дрвата.