Извадок од дневните настани 02.01.2018

На 01.01.2018 година околу 01.20 часот во ресторан во с.Слупчане – општина Липково, сопственост на Р.М. (22) од с.Лојане, влегле шест лица и седнале на маса (едниот бил познат на сопственикот). По кратко време, лицата почнале да му се закануваат на Р.М. да се повлече од судски процес за некој претходен настан. Тие најпрво го оштетиле тоалетот, а потоа продолжиле да го кршат инвентарот, музичките инструменти и опремата. Истовремено едно од  лицата земало чаша со која го удрил А.Г. (39) од село Ваксинце во пределот на лицето и главата. Притоа, со повреди се здобил и Б.С. (38) од Куманово. На повредените им била укажана лекарска помош во Општата болница Куманово. Увид извршила екипа од СВР Куманово, а за настанот бил запознаен Јавен обвинител. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 01.01.2018 година околу 01.30 часот во угостителски објект на ул. „Ј.Сандански“ во Тетово лицата С.С. и неговиот брат Ѓ.С. како и уште едно лице сите од Тетово, извршиле „насилство“ врз Л.Т. (42) и неговиот син Б.Т. од Тетово. Тие ги удирале со тупаници и клоци по главата и телото, а искршиле чаши и шишиња од неколку маси. Откако забележале дека сопственикот на објектот побарал полициска интервенција, сторителите побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 01.01.2018 година околу 11.00 часот, С.Н.П. (22) од с.Петровец пријавила дека на 31.12.2017 година, додека била на гости кај нејзините кумови во с.Петровец, дошол нејзиниот сопруг А.П.(23) и се обидел со сила да ја натера да си замине од таму. Бидејќи бил агресивен и под дејство на алкохол, таа одбила да си замине, по што тој фрлил стаклено шише кон неа и ја удрил по рака. Малку подоцна, С.Н.П.  заедно со нејзините родители, се упатиле на нејзината домашна адреса со цел да земе некои лични работи. Додека била внатре во куќата, слушнала неколку истрели од огнено оружје и кога излегла од куќата, нејзините родители и кажел дека А.П. испукал неколку куршуми во воздух. Се преземаат мерки за целосно рачистување на случајот.  

На 01.01.2018 година во 03.50 часот, Ф.Д. (24) од Марино дошол во угостителски објект во населба Илинден-Скопје внатре, но, откако не му било дозволено да влезе, бидејќо имало приватна забава,  Ф.Д. започнал да се однесува агресивно. По кратка вербална расправија помеѓу него и лицата М.А. (16) и Б.Ѓ. (26) од населба Илинден и В.М. (17) и Д.М. (18) од с.Марино настанала тепачка. После тепачката, Д.Б. (42), сопственик на угостителскиот објект, физички го нападнал Ф.Д. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 01.01.2018 година во 11.25 часот на ул. „Ѓорче Петров“ во Скопје, од засега непознати причини дошло до опожарување на угостителски објект, сопственост на Ќ.А. од с.Кондово, скопско. Од пожарот била опожарена инсталација на надворешен ѕид од помошна просторија, која се наоѓа на задната страна на угостителскиот објект.  Пожарот бил изгаснат од екипа на  Бригадата за противпожарна заштита. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.

Во текот на изминатите денови (29, 30, 31.12.2017 и 01.01.2018 година), на подрачјето на Сектор за внатрешни работи Скопје се случиле 40 сообраќајни незгоди од кои една со починато лице, две со тешки телесни повреди, 19 сообраќајки со телесни повреди и 18 со материјална штета. При сообраќајните незгоди, едно лице го загубило животот, три лица се здобиле со тешки телесни повреди додека 35 со лесни телесни повреди. Од преземените мерки и активности констатирано е дека 91 возачи го управувале возилото со поголема брзина од дозволената, а 36 возачи се исклучени од сообраќајот и тоа осум бидејќи го управувале своето возило под дејство на алкохол, 25 возачи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило и тројца, бидејќи биле возачи почетници. Поради нерегистрирани возила од сообраќај се исклучени 19 возила. Седум возачи се санкционирани бидејќи ја поминале крстосницата на црвено светло додека двајца не дале првенство на минување. Во текот на изминатите денови исто така издадени се 90 мандатни платни налози,  додека 88 возила се подигнати со "Пајак".

На 01.01.2018 година Ф.Л.(25) од Скопје, пријавил дека на 01.01.2018 година во времето од 23.40 до 23.45 часот на улица „Кемал Сејфула" од страна на непознат сторител одземено му е патничко моторно возило "Пасат" со скопски регистарски ознаки, во кое имало паричник, две лични карти, две патни исправи, еден мобилен телефон и 250 евра со што сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 1.230.000 денари. Одземањето е извршено на тој начин што сторителот дошол до паркираното возило кое било запалено и со клуч во бравата, влегол во истото и заминал во непознат правец. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 01.01.2018 година во  22.50 часот Р.В.(47) од Скопје, пријавил дека во неговото патничко моторно возило "Рено Клио" со скопски регистарски ознаки пронашол заталкано зрно непознат калибар кое го пробушило кровот на возилото. Се работи на расчистување на случајот.

На 01.01.2018 година во 15.00 часот И.Б.(46) пријавил дека во временскиот период од 31.12.2017 година од 22.30 часот до 01.01.2018 година до 13.00 часот на ул. „Роналд Реган“ од заталкано зрно му било оштетено задното ветробранско стакло на возило „Мерцедес“ Ц класа со скопски регистарски ознаки со што е причинета материјална штета од околу 15.000 денари.
   
На 01.01.2018 година во 15.00 часот Ѓ.Г.(66) од Скопје, пријавил дека во времето од 20,00 часот на 31.12.2017 до 09,00 часот на 01.01.2018 година на ул. „Венјамин Мачуковски“, на паркинг простор, од заталкан проектил било оштетено неговото возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, при што е причинета материјална штета од околу 6.000 денари.

На 01.01.2018 година во 17.10 часот Р.К.(40) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 13.00 часот по претходна расправија со нејзиниот сопруг Р.Т. во семејниот дом, кога се вратила за да ги земе нејзините лични работи, бидејќи донела одлука да не живее повеќе со него, на врата била пречекана од страна на нејзината свекрва која не и дозволила да влезе. Оштетената која била придружувана од нејзината сестра и татко, во моментот кога сакала да влезе во куќата, била спречена од свекрвата која застанала пред неа туркајќи ја и притоа упатувајќи и погрдни зборови кон неа и нејзините придружници. Во еден момент свекрвата ја одтурнала оштетената, а истата во обид да се задржи да не падне по скали, се задржала за раката на свекрвата, при што во мешаницата свекрвата ја изгребала раката од металната врата. За цело време нејзиниот сопруг од зад неговата мајка и упатувал вербални навреди и закани. Исто така, Р.Т. и фрлил на глава опушок од цигара, ја плукал нејзе и нејзините лични работи ги вадел и ги фрлал од тераса. Од случувањата Р.К. се чуствувала исплашена и вознемирена за својата безбедност, како и за безбедноста на нејзините блиски и побарала лекарска помош во градската општа болница Св.Наум Охридски. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 01.01.2018 година во 04.00 часот на ул.1732 на паркинг простор, Д.К.(50) од Велес, пријавил дека од возило „Фиат Пунто“, од страна на непознат сторител, му била извршена тешка кражба при што била одземена машка чанта во која имало 120.000 денари, лични документи, две картички, како и женска чанта. Со извршената кражба сторителот се стекнал со противправна имотна корист од околу 200.000 денари, а причинета е материјална штета од 3.000 денари. Тешката кражба сторителот ја извршил со употреба на погоден алат, делувал на бравата од возачката врата, ја отворил и од багажникот ги одзел наведените предмети и заминал во непознат правец. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 01.01.2018 година во 03,15 часот Т.Е.(26) од Скопје пријавила дека истиот ден  околу 01.30 часот, на ул. „23-ти Октомври“ во Скопје, пред влез од зграда, од страна на машко лице извршено и е разбојништво при што и бил одземен ранец во кој имала паричник со лични документи и картички, 2.000 денари, мобилен телефон, полнач за мобилен и други работи. Со извршеното дело сторителот се стекнал со противправна имотна корист од 35.000 денари. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 01.01.2018 година во 13,30 часот во Полициско одделение Сарај Б.Е.(46) од Скопје пријавил дека неговата ќерка Б.З. на 31.12.2017 година се оддалечила од дома во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против  Љ.Д. (27) од  Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “уцена“. Пријавениот, преку телефон и се заканувал  на А.С.(30) дека, доколку не му плати 800 евра, на социјалните мрежи ќе објави нејзини фотографии со компромитирачка содржина. Откако А.С. му дала пари, бил извршен претрес во домот на пријавениот, каде што биле  пронајдени парите.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.К. (42) од Њујорк, САД, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“. Пријавениот на 21.11.2017 година во 10.30 од  приватно рент-а-кар претпријатие од Скопје изнајмил возило „Мерцедес Е 220“ за период од 21.11.2017 година до 10.00 часот на 24.11.2017 година, при што како гаранција во договорот навел кредитна картичка American Expres со важност до 07.2021 година. До 24.12.2017 година, А.К. не го вратил возилото со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 3.100.000 денари.

СВР Велес  поднесе кривична пријава против М.Б. (41) од Велес, О.П. (53) од с. Башино Село, велешко како и против правното лице - ДПТУ „Дамикс Трејд“ ДООЕЛ увоз – извоз поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „незаконита експлоатација на минерални суровини”. М.Б., со компанијата ДПТУ „Дамикс Трејд“ ДООЕЛ Велес, сопственост на неговиот син,  во 2017 година кај Башино Село, во близина на реката Вардар, врз основа на договор за закуп, вршел ископ и дотур на песок  од нивите, сопственост на О.П., кои што во катастар се заведени како земјоделско земјиште. Притоа, М.Б., врз основ на договор со ЈВП „Лисиче“ за вадење песок, чакал и камен од реката Тополка и од Вардарскиот слив, од Општина Велес добил Б – интегрирана дозвола за работа на сепарација, но не и за експлоатација на минерални суровини, односно  песок од реката Вардар. М.Б. ја започнал експлоатацијата без да добие концесија за експлоатација, односно без дозвола за вадење песок, чакал и камен.