Извадок на дел од дневни настани 10.09.2018


На 10.09.2018 година во 00.20 часот на магистралниот пат Градско-Прилеп, патничко возило „Опел Астра“, управувано од О.И.(37) од Прилеп, изгубило контрола, удрило во заштитна ограда од мост и излетало од патот во провалија. Притоа, возачот О.И. и сопатникот Р.М. (56) од Прилеп починале на местото на настанот. Смрт била констатирана од екипа на Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Прилеп. За време на увидот, од 00.30 до 05.00 часот сообраќајот се одвивал со наизменично пропуштање на возилата.

На 09.09.2018 година во 19.20 часот во Неготино, на крстосница на улиците „Мaршал Тито“, „Борис Кидрич“ и ул.„Антигона“, патничко  возило „Фолксваген Шаран“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Б.(61) од Кавадарци, удрило во пешакот Б.С.(83) од Неготино. Од ударот пешакот се здобил со тешки телесни повреди, а по укажаната лекарска помош лицето бил пренесено во комплексот клиники „Мајка Тереза“во Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Неготино.

На 09.09.2018 година во 19.30 часот на регионалниот пат Градско – Прилеп, на крстосницата за с. Трстеник, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Пежо“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од С.Н.(57) од с.Трстеник и патничко возило „Цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.М.(25) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката во возилото „Пежо“, Н.Н.(49) од с.Трстеник и  по укажаната лекарска помош во Општа болница - Кавадарци таа била препратена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Со телесни повреди се здобиле возачите на двете возила и сопатникот од возилото „Цитроен“, М.И.(22) од Скопје. По укажаната помош тие биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Кавадарци.

На 09.09.2018 година во 21.34 часот во Полициската станица Охрид, вработен во „Телеком“-Охрид, пријавил дека на влез во објектот на „Македонски Телеком“ на ул.„Партизанска“ бил пронајден починат М.С.(46) од Охрид, вработен во Агенција за обезбедување,  која била задолжена за обезбедување на објектот. Од страна на доктор од екипа на Итна медицинска помош била констатирана смрт без траги на насилство. Со согласност на Јавен обвинител , телото на починатиот било предадено на семејството за погреб.

На 09.09.2018 година во 18.00 часот на Граничен премин Аеродром Скопје, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето Б.Р.(71) од Скопје се наоѓа на листата со мерка „А“ (апси). Лицето било приведено и предадено на полициски службеници од Полициската станица Гази Баба за понатамошна постапка.

Во текот на изминатите денови (07, 08 и 09.09.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 26 сообраќајни незгоди од кои три тешки телесни повреди, шест со телесни повреди и 17 со материјална штета. При сообраќајните незгоди пет лица се здобиле со тешки телесни повреди и девет со лесни телесни повреди. 77 возачи се санкционирани бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така исклучени се и 68 возачи бидејќи 35 го управувале возилото под дејство на алкохол, 23 пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и 10 биле возачи почетници. 18 возила се исклучени од сообраќај бидејќи биле нерегистрирани. Исто така санкционирани се и 10 возачи кои поминале на црвено светло, еден не дал првенство на минување на пешаци, еден неправилно се престорил, еден неправилно престигнувале и седум не користеле заштитен шлем. Во однос на пешаците санкционирани се двајца пешаци кои поминале коловоз надвор од пешачки премин. Во текот на изминатите денови издадени се 70 мандатни платни налози,  додека исто така 48 возила се подигнати со "Пајак".

На 09.09.2018 година околу 01.50 часот на регионалниот пат Јегуновце - Желино, патничко моторно возило „Фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од П.С.(35) од село Раотинце, тетовско, изгубило контрола, излетало од коловоз и удрило во бетонски столбови, по што се превртело. Возачот П.С. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен  во тетовската клиничка болница каде му била укажана лекарска помош. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

На 09.09.2018 година во 11.00 часот во Полициската станица Драчево,  Г.М.(56) од село Марино, скопско, пријавил дека истиот ден во 07.20 часот во автобус на ЈСП Скопје бил навредуван и физички нападнат од страна на контролор во ЈСП. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против М.С.(43) од струшкото село Лабуништа поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Пријавениот го сторил делото на 16.11.2017 година при средба со С.Ј.(52) од Охрид со привремено престојувалиште во Германија. Пријавениот го довел во заблуда оштетениот С.Ј. ветувајќи му дека може да му изгради куќа во Германија. Притоа, со писмена изјава, тој примил 5.000 евра капар, а по извесно време и дополнителна сума на пари. Минатиот месец, кога оштетениот се вратил во Охрид се обидел да се сретне со сега пријавениот, по што сфатил дека е измамен. Со извршувањето на делото, пријавениот се стекнал со  противправна имотна корист од 1.230.000 денари.    

На 09.09.2018 година околу 08.00 часот на булевар „Илинден“ во Скопје, две непознати лица извршиле разбојништво над Г.Н.(49) од Скопје. Додека вршел такси дејност со патничко возило „Хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, сторителите со закана со пиштол му одзеле околу 5.500 денари од дневниот промет, по што побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.   

Секторот за внатрешни работи Штип поднесе кривична пријава против М.А.(34) од Штип  за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”. На 05.10.2017 година во Казнено поправен дом Штип, пријавениот на друг осуденик му продал марихуана.

На 09.09.2018 година во 03.10 часот во Полициската станица Аеродром, Д.С.(46) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 00.10 часот во близина на булевар „Јане Сандански“, неговиот 16-годишен син, додека седел со неговите другари бил, физички нападнат од непознато лице. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот.

Секторот за внатрешни работи Штип поднесе кривична пријава против К.А.(32) од Штип  за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги,психотропни супстанции и прекурсори”. На   29.12.2017 година во Казнено поправен дом Штип кај пријавениот била пронајдена и одземена марихуана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Р.Б.(21) од село Горенци, Дебарца за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На  24.08.2017 година на улица „Партизанска во Струга, откако на пријавениот му пристапиле полициски службеници, фрлил кеса со марихуана и се обидел да избега.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево  поднесе кривична пријава  против  А.Ц.(31) од Делчево за сторени кривични дела „фалсификување исправа“, “употреба на исправа со невистинита содржина“ и „измама при добивање кредит или друга погодност“ и Д.А.(29) од Делчево за сторено кривично дело  „помагање“ во врска со „измама при добивање кредит или друга погодност“.  Во август 2016 година првопријавениот, изготвил лажен договор за купопродажба на товарно возило “Фиат”, по што, во име на второпријавениот, ваквиот договор, заедно со  потврдата за пријавен престој во странство на име на истиот, ги приложил во Бирото за метрологија при Министерството  за Економија-Скопје, со цел да ја искористи погодноста по член 24 од  Законот за возила. По завршување на постапката, првопријавениот го регистрирал наведеното возило, а потоа истото го продал на трето лице.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против А.Х.(27) од Гостивар за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“.  Во периодот од 2010 до 2018 година, пријавениот, без претходна согласност, презел фотографии на 28 годишно женско лице од село Вранешница, кичевско, поставени на социјалната мрежа “Facebook”, и истите ги употребил за креирање на лажни профили на повеќе социјални мрежи.

На 09.09.2018 година во 09.30 часот во Полициската станица Аеродром, М.Ј.(21) од Скопје пријавил дека истиот ден во 03.00 часот во млечен ресторан на булевар „Јане Сандански“ тој и неговата девојка В.А.(21) од Скопје физички биле нападнати од две непознати лица. По нападот, лицата заминале во непознат правец, а В.А. телефонски ги известила родителите на М.Ј. за настанот. Пред влезот од зградата, каде што ги пречекале неговите родители, едно од лицата физички го нападнало С.Ј.(49), татко на М.Ј. , по што побегнало во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и за целосно расчистување на случајот.


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Б.К.(48) од село Џепиште за сторени кривични дела “узурпација на недвижности” и “бесправно градење”.  Во периодот од април 2018 до мај 2018 година на подрачје  на Дебар кај  место викано “Манастирец”, пријавената, без да поседуваа соодветна документација, започнала со градежни активност за изградба на куќа, при што узурпирала парцела, дел од јавен пат во сопственост на Р.Македонија.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против К.К.(21), К.К.(26) од Дебар, Б.Х.(22), В.Ц.(21) и В.И.(23) сите од Дебар, за сторени кривични дела “тешка телесна повреда”, ,,насилство” и   ,,загрозување  со опасно орудие при тепачка или караница”.  На 15 јули околу 01,30 часот во Дебар пред кафе бар на улица  “8-ми Септември”,    по вербална расправија, првопријавениот физички го нападнал  Е.Г.(20) од Дебар, кој бил заедно со неговите другари Б.Ч.(19) и А.О.(21), двајцата од Дебар. По ова, Е.Г., Б.Ч. и А.О., со возило се упатиле кај автоперална каде пристигнале и пријавените кои физички ги нападнале при што на Е.Г. му нанеле тешки телесни повреди а на другите две лица телесни повреди.