05 октомври 2017

Демант: Нема нови сообраќајни правила и казни

 Во интерес на објективно информирање, Министерството за внатрешни работи и укажува на јавноста дека денешната информација објавена во некои портали за, наводно - нови сообраќајни правила и казни - е целосно невистинита.

Станува збор за преработена информација по однос на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од октомври 2015 година кога всушност и беа направени споменатите измени во овој закон, а која што тогаш беше презентирана на македонската јавност од страна на Министерството за внатрешни работи. Таа информација овој пат е “прекроена“ и ставена во актуелниот контекст сугерирајќи некаква нова казнена политика и сообраќајни правила.

Не навлегувајќи во мотивите за креирањето на оваа лажна вест, МВР апелира до сите медиуми и медиумски работници да ги почитуваат професионалните стандарди и етика, бидејќи ваквиот начин на работа, освен дезинформирање на јавноста никому не му е од полза.

МВР во изминативе неколку месеци покажа на дело дека е силно посветено на транспаретноста и отчетноста во своето работење, а пристапот, односно комуникацијата со сите медиуми е отворена и во интерес на медиумите и во интерес на јавноста.

Инаку во оваа прилика МВР истакнува дека по однос на посочениот закон во моментов постојат предлози за донесување на поквалитетни  нормативни измени и решенија, тие се разгледуваат во рамки на стручните служби на Министерството, и се однесуваат на делот на сообраќајната обука, во делот на увидните процедури, како и во делот на прекршочното процесуирање.