08 ноември 2017

Делегација од полицијата на Словенија во посета на Министерството за внатрешни работи

 Директорот на Бирото за јавна безбедност, г.Лазо Велковски и заменик министерот за внатрешни работи, д-р Агим Нухиу остварија работна средба со делегација од Република Словенија, предводена од г. Марјан Фанк Генерален директор на полицијата.

Заменик министерот д-р Агим Нухиу се заблагодари за посетата и ја истакна професионалната соработка меѓу двете министерства. Д-р Нухиу потенцираше дека долгогодишното партнерство меѓу Република Македонија и Република Словенија е пример за регионот.

Директорот Лазо Велковски нагласи дека ваквите средби треба да бидат поттик за продлабочување на соработката во иднина, особено поради фактот што Република Македонија веќе чекори по патот на евроинтеграциите, а Република Словенија е пример за тоа какви реформи треба да се направат со цел да се оствари целта за членство во Унијата.

Од страна на словенечката делегација беше нагласено дека во секое време стојат на располагање за размена на искуства, знаење и експерти меѓу двете земји.