26 декември 2017

Одделението за превенција при СВР Скопје продолжува со кампањата ,,Среќна и безбедна 2018 година - во семејно и пријателско дружење“.

Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи Скопје, утре 27.12.2017 година (среда) со почеток во 12.00 часот, на платото пред Трговскиот центар Скопје Сити Мол ќе реализира  превентивни активности во рамките на Кампањата ,,Среќна и безбедна 2018 година - во семејно и пријателско дружење“. Соработници и помагатели на оваа актвност се  Општина Карпош, Црвениот крст на Град Скопје и учениците од основните училишта од општината.
Основна цел на кампањата е подигање на свеста кај граѓаните, особено кај малолетната популација за опасноста од употребата на петарди и други пиротехнички средства, намалување на бројот на повредите од нивната употреба, како и преземање на низа превентивни активности насочени кон одржување и подигање на општото ниво на безбедност.
Во текот на активноста, учениците од основните училишта ќе изработуваат цртежи, графити и пораки на тема ,,ПЕТАРДИТЕ НЕ СЕ ИГРАЧКИ” , кои ќе бидат изложени во Трговскиот центар Скопје Сити Мол.
Изложбата ќе биде поставена во фоајето пред главниот влез на  Скопје Сити Мол,  а најдобрите три ликовни творби ќе бидат наградени.
Во вториот дел од кампањата со цел подигање на свеста на граѓаните - посетители на Трговскиот центар Скопје Сити Мол, во соработка со Црвен крст на Град Скопје,  преку симулација на здобиени повреди од петарда ќе се реализира и показна вежба за давање на помош на повреди предизвикани од злоупотреба на пиротехнички средства.