02 јануари 2018

СВР Штип - расчистени два случаи на недозволена трговија со дрога и едно “разбојништво“

СВР Штип расчисти два случаи на недозволена трговија со дрога како и случај на разбојништво при што до надлежното ОЈО поднесе кривични пријави против лицата Б.М.(33) од Штип, Н.Ј. (20) и К.С. (22) од Кочани  поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело - “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и прекузори“, како и против лицата А.А. (40) и А.К. (48) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “разбојништво“.
Во првиот случај, пријавениот штипјанец Б.М. во текот на минатиот месец заради препродажба, од непознато лице набавил неодредена количина на опојна дрога марихуана која ја однел во својот дом во Штип. На 29.12.2017 година по добиени оперативни сознанија и обезбедена наредба од ОС Штип, полициски службеници од ОНТ при СВР Штип извршија претрес во неговиот дом каде што се пронајдени и одземени речиси половина килограм марихуана, односно вкупно 452,22 грама опојна дрога марихуана спакувана во три најлонски кеси. Од страна на Судија на претходна постапка нему му е  одреден притвор во траење од 30 дена.
Во вториот случај,  полициски службеници при Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани по претходно добиени оперативни сознанија за недозволена трговија со дрога, на 29.12.2017 година врз основа на Наредба од ОС Кочани, извршиле претрес во дом и други простории на пријавената Н.Ј. во Кочани, при што биле пронајдени и одземени опојна дрога марихуана со нето тежина од 2,245 килограми, 133 таблети (најверојатно амфитамини кои се давени на вештачење) и дигитална вага. Истиот ден бил извршен и претрес во домот и други простори на второ пријавениот К.С. во Кочани при што биле пронајени и одземени  наркотична дрога марихуана со нето тежина од 21,82 грама, дигитална вага и дробалка за наркотична дрога марихуана. Од страна на Судија на претходна постапка на пријавената Н.Ј. и е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Во третиот случај, пак, на разбојништво пријавените А.А.(40) и А.К.(48) од Скопје на 07.04. минатата година  заедно со уште едно непознато лице, како соизвршители извршиле  разбојништво  над  лицата   А.Б. и М.Б. од Штип, во нивната куќа во Штип. Имено додека оштетените  спиеле пријавените насилно ја отвориле влезната врата од куќа  и со употреба на сила и самолеплива лента ги врзале оштетните. Притоа заканувајќи им се  со пиштол   по нивниот живот се обиделе да дознаат каде е сокриен сефот, а еден од пријавените го удрил оштетениот А.Б. по главата со што му нанел телесна повреда. По кратко пребарување пријавените го пронашле сефот во кој имало 7.100 евра, 2.200 долари, 10.000 денари и разен златен накит и откако го зеле парите и накитот со себе заминале, стекнувајќи се со противправна имотна корист во вредност од над 600.000 денари.